Крај за договорите на дело во државните институции, илјадници ангажирани ќе добијат можност за вработување на неопределено
Лицата кои со години работат во државните институции со договор на дело, авторски договор или преку агенции за привремени вработувања, би можеле да добијат редовен работен однос на неопределено време. Ова го предвидува Предлог-законот за трансформација во редовен работен однос, кој, според пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски, треба да стави крај на долгогодишната неизвесност на ангажираните лица во јавниот сектор.
На денешната прес-конференција, Стојаноски оцени дека со предложеното решение се исправува, како што рече, децениска неправда кон луѓето кои со години ги извршуваат работните задачи во институциите, но немаат сигурност што ја носи редовното вработување.
-Проблем зад кој не стојат само договори, документи и административни процедури, туку човечки судбини, семејства и луѓе кои со години живеат во неизвесност за својата иднина – изјави Стојаноски.
Предлог-законот опфаќа повеќе институции од јавниот сектор, меѓу кои органи на државната власт, одредени јавни установи од областа на здравството, културата, детската и социјалната заштита, општините, јавните претпријатија, заводите и фондовите. Право на трансформација ќе имаат лицата кои имаат важечки договор на денот на стапувањето во сила на законот и чиј договор останува важечки во моментот на трансформацијата. Тоа значи дека не се опфатени автоматски сите лица кои некогаш работеле со договор на дело, туку оние кои ќе ги исполнуваат условите предвидени со законското решение.
Од примената се изземени, меѓу другите, акционерските друштва, основните и средните училишта, високообразовните и научните установи, како и Министерството за внатрешни работи, безбедносните служби и други наведени институции. Институциите ќе имаат рок од 90 дена од стапувањето во сила на законот да ги склучат договорите или да ги донесат решенијата за вработување.
Трансформацијата ќе се спроведува фазно. За најмногу 50 проценти од опфатените лица, договорите или решенијата ќе стапат во сила веднаш по потпишувањето, односно донесувањето. За останатите, крајниот рок е 31 декември 2027 година. Институциите ќе треба да ги усогласат актите за систематизација на работните места, доколку е потребно, најдоцна во рок од 14 работни дена од стапувањето во сила на законот. Предлогот предвидува и заштита за ангажираните лица додека трае постапката. Институциите нема да смеат да им ги раскинуваат договорите пред да стапат во сила решенијата за вработување, освен во случаи на повреда на договорните обврски во согласност со законот. Предлог-законот предвидува и механизам за спречување на повторно масовно ангажирање лица преку договори наместо редовно вработување.
Важна улога во процесот ќе има Министерството за финансии, кое ќе издава согласности за обезбедени финансиски средства. Институциите ќе треба да ја достават потребната документација, вклучително и договорите врз основа на кои досега биле ангажирани лицата.
Според Стојаноски, целта е предложеното законско решение не само да го реши постојниот проблем, туку и да спречи повторување на практиката со долготрајни договорни ангажмани. Предлог-законот треба да помине низ законската постапка, а конкретната реализација ќе зависи од неговото усвојување и стапувањето во сила.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Крај за договорите на дело во државните…
Лицата кои со години работат во државните…
BMW планира да укине 8.000 работни места…
Со цел да заштеди неколку милијарди евра…
ПО 20 ГОДИНИ СТАВЕНА НОВА БИСТА НА…
Еден месец по отворањето на темелно реновираните…
Крај за договорите на дело во државните…
Лицата ангажирани со договор на дело и…
Франција распоредува 70.000 полицајци по најавите за…
Франција се подготвува за нови протести со…