Магаре добило сертификат за медицинска сестра во Индија: Пропуст во системот откриен со бизарен тест
Полицијата во индиската држава Мадја Прадеш започнала истрага по издавањето сертификат за медицинска сестра на име „Магаре СРМС-МП“. Денес, подносителот на пријавата, Рави Пармар, кој е и заменик-претседател на Националниот студентски сојуз на Индија во оваа држава, дал исказ пред полицијата, пренесува индиската новинска агенција ПТИ.
СРМС-МП е кратенка за Советот за регистрација на медицински сестри во Мадја Прадеш.
Индиската агенција ПТИ коментира дека магарето можеби не ја знае разликата меѓу шприц и стетоскоп, но очигледно немало никакви проблеми да добие онлајн сертификат за медицинска сестра.
Пармар се појавил во полициската станица заедно со Акшај Томар, претседател на Националниот студентски сојуз на Индија за округот Бопал, откако добил полициска покана. Тој доставил и документи и дигитални докази поврзани со случајот.
За да ја тестира платформата за онлајн регистрација на медицински сестри, Пармар поднел барање во име на „Магаре СРМС-МП“. Како име на таткото навел „Татко Магаре“, а како име на мајката „Мама Магаре“. Во полето за каста впишал „Животно“.
„Секој што ќе се обиде може да добие ваков важен документ, бидејќи кандидатите не подлежат на проверка“, изјавил Пармар, доведувајќи го во прашање системот на кој му е доверен изборот на кадри за една од клучните професии во здравството.
Порталот го прифатил барањето и уплатата од 2.050 рупии, а на 25 септември издал дигитален сертификат за регистрација на медицинска сестра. Документот, со број на барање RG26103957 и регистрациски броеви AI-74561 и DII-73911, е со важност до 24 септември 2031 година.
Пармар изјавил за ПТИ дека пријавата во полиција ја поднел на 1 октомври, откако го открил пропустот во системот. Тој нагласил дека немал намера да добие лажна регистрација, туку сакал да го привлече вниманието на властите кон безбедносната дупка.
Истражителот Рагвендра Синг Сикарвар изјавил за ПТИ дека, по добивањето на исказот од Пармар, полицијата го известила Советот за регистрација на медицински сестри во Мадја Прадеш.
„Ќе собереме докази и ќе постапиме согласно законот“, изјавил инспекторот, пренесува БТА.
Пармар навел дека досега ниту еден претставник на советот не се појавил пред полицијата.
Националниот студентски сојуз на Индија побарал техничка проверка на целиот процес, како и истрага за улогата на службениците и вработените во советот и на техничката агенција која ја одржува платформата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Магаре добило сертификат за медицинска сестра во…
Полицијата во индиската држава Мадја Прадеш започнала…
Индискиот извоз на оружје во Европа пораснал…
Индија од 2023 година наваму продала на…
Пакистан го повика в.д. амбасадорот на Индија…
Пакистан го повика денеска вршителот на должноста…
(Видео) Стампедо во храм во Индија, загинаа…
Во стампедо во хиндуистички храм во источната…
Индија се откажа од купување на руските…
Индија го откажа договорот со Русија за…