Македонија со ЕУ е држава, синоним за демократија, Македонија без ЕУ е територија без име – Редовна неделна колумна на Проф. Андонов

t

Антиципирање

Антиципирање е мисловен процес на предвидување на идните настани врз основа на моменталните и историските општествено политички процеси во национален, регионален и геополитички контекст. Почитувајќи ја познатата сентенца „хартијата не гори“ односно пишаниот збор не може да се избрише, скромно без да претендирам на ексклузивност Ви го презентирам моето антиципирање на идните случувања. Истото воглавно се темели на историските геополитички процеси кои ја детерминираат сегашноста. Историјата се дефинира на најразлични начини, но во овој случај се раководев според дефиницијата на еден мој драг пријател, историјата е „судска пракса“ па како таква не дозволува импровизации ниту нови судски пресуди за „rez iudicata“.
Сите процеси се всушност верига од настани но не секој настан станува дел од веригата, многумина завршуваат на „буништата на историјата“ во зависност од тоа колку кореспондираат со тековните процеси односно со „судската пракса“ воспоставена од историјата. Деновиве, во Македонија, започна еден настан кој може да има круцијално влијание, негативно или позитивно, на националните, регионални па и геополитички процеси. Станува збор за настан кој треба да ја реши иднината на Македонија преку – Уставни промени. Вообичаено настанот започна со стереотипните искажувања на двете, наводно, антагонистички страни ВМРО-ДПМНЕ и СДС. За жал, по нас обичните смртници, не слушнавме ништо ново, изветвени, тривијални, патетични говори, за грижата за напатениот народ наш и неговиот идентитет, напишани набрзина во кулоарите од „синиот дворец“ и „белата шампита“ на овие политички мастодонти. Освен дека и двете партии се закопани во своите политички обезсмислени „ровови“, со иста цел да пропадне настанот и се наруши процесот, не слушнавме валидни аргументации „pro et contra“ во однос на она што е суштествено за државата Македонија, придобивките или загубите од влегувањето на Македонија во пристапни преговори со ЕУ. Продолжи лицемерието на нашата политичка булумента „поплочување на патот кон пеколот, со добри намери“.
Моменталните геополитички процеси, пред се детерминирани од настаните во Украина, создаваат еден двостран каузален однос помеѓу ЕУ и Македонија. Причинско последичните врски на двете страни, ЕУ и Македонија, се детерминирани од Уставните промени во Македонија и нивното влијание врз идните политичките процеси во Македонија, но и во ЕУ.
Македонија членка на ЕУ синоним за демократија и слобода. Динамичен цивилизациски развој на Македонија пред се на општествените, економски и политички процеси кои директно го детерминираат секој сегмент од нашето живеење. Инаугурирање на граѓанинот во суверен на државата, релаксирање на наметнатите меѓунационални тензии и подвојувања по расна, национална, религиска припадност. Заштита на човековите права и правото на слобода на говорот. Воспоставување вистински демократски односи, владеење на законите, правда и праведност. Поставување на институциите на вистинското место во служба на граѓаните, зајакнување на нивниот демократски капацитет. Независно судство, професионална полиција како и служби за безбедност кои работат на заштита на националните интереси на Македонија. Економски развој, релаксирање на буџетските проблеми, инвестиции и создавање простор за зголемени плати и багосостојба на граѓаните. Осовременување на земјоделиието и обезбеден пласман на земјоделски производи и нивни преработки. Создавање на социјална држава, надминување на социјалните нерамноправности и поделба на касти по социјалниот статус, подеднаква грижа за болните, неспособните, децата, старите луѓе како и за работоспособното население. Солидарноста помеѓу генерациите, моралните и етички норми ќе се вгнездат во секој од нас, хуманизмот ќе го добие вистинското значење.
Македонија во ЕУ значи пред се да се биде рамноправен член во друштвото на моќните и богатите, користејки го нивниот „чадор“ опстојувањето на државата, безбедноста, економскиот развој и благосостојбата на Македонија се неминовност. Како членка на ЕУ создаваме можност со нашите деца, кои заминаа во европските држави, да бидеме во иста држава, а со тоа и веројатноста од нивното враќање во „татковиот дом“ да ја направиме реална. Со влегувањето во ЕУ македонскиот народ го реализира вечниот сон по 110 години повторно сите македонци во иста држава Вардар, Егеј и Пирин. Просторот не дозволува да ги набројам сите придобивки од членството во ЕУ кои ја исполнуваат содржината на една социјално праведна и хумана држава.


Македонија надвор од ЕУ ќе биде територија, пустелија, „no name“ држава, без корен, оставена на милост и немилост на балканските политички ветришта, најмал провев во геополитичките процеси ќе ја оддува, ќе останат само легендите дека некогаш постоела таква држава. За „неверниот Тома“ да појаснам. Грозоморниот звук на воените барабани од руско-украинскиот судир ќе престане „денес–утре“, потоа следи територијален ресет, рекомпонирање. Многу невралгични точки, во овој дел на светот кој инклинира кон територијата на моменталниот судир, ќе бидат решени во тек на една „Конференција за мир“. Надвор од територијалните недоречености помеѓу Русија и Украина постојат голем број најавени територијални проблеми кои државите сакаат да ги решат врз основа на, според нивно толкување, наследни права. Пример: Полска – Украина, Полска – Германија, Унгарија – Украина, Молдавија – Украина – Русија, Романија – Молдавија – Украина, Унгарија – Србија, Хрватска – Србија, Хрватска – Босна, Србија – Босна, Србија – Косово, Србија – Бугарија, Бугарија – Романија, Бугарија – Турција, Бугарија – Грција, Турција – Грција, Грција – Албанија. Кога ќе започнат овие процеси ќе започнат да бијат балканските воени барабани, повик за нови крвави балкански војни. Во таква констелација на односи, „déjà vu“ за балканот, Македонија ќе биде монета за подкусурување, нејзиното опстојување во денешен формат е во доменот на „science fiction“. Сепак на географските карти, на кои се повикуваат државите како наследно право, Македонија не постои. Постои област – територија која долго време се нарекувала Румелија, а понекогаш и Македонија. Но ДРЖАВА МАКЕДОНИЈА, за жал на псевдопатриотите но пред фактите и боговите молчат, НЕ ПОСТОИ!


Во меѓувреме со Македонија ќе владее организираниот криминал креиран и операционализиран од олигархиско-политичката структура. Специфика на оваа структура е да владее со автократни мерки без право и правдина за обичниот граѓанин, тортура од властите, корумпираните институции, полицијата, службите за безбедност, судството. Да бидам појасен ќе продолжи феудализацијата на Македонија, локалните феудалци ќе бидат сопственици на нашите животи. Корупцијата целосно ќе го опфати општеството, криминал, убиства, насилие, наркоманија, сиромаштија, безсмисла на животот, апатија пропратена со зголемен број на самоубиства, разврат и неморал… Сето ова ќе стане наше секојдневие!
ЕУ со Македонија ги продолжува процесите на зацврстување на каузата „Обединета Европа“, како ќе рече Дени Де Ружмон во „Дваесет и осум векови Европа“. Имено, по завршувањето на процесот на економско обединување, Европа во последните години навлезе во процес на политичко обединување насочен кон нејзина факторизација на „Големата шаховска табла“, како би рекол Бжежински. Но, иако во економските процеси, посебно со заедничката валута, државите одделија дел од својот суверинитет, кога дојде денот за нејзино политичко дефинирање државите членки, пред се поради големото источно влијание, почнаа да зборуваат за својата „светост“, државниот суверенитет. Поточно почнаа да излегуваат подводните карпи за да се онеспособи процесот. Македонија денес е „плацдарм“ на хантингтоновиот „судир на цивилизации“! Доколку ЕУ ја извојува оваа победа и ја внесе Македонија во своето друштво ќе го направи најголемиот исчекор кон нејзина еманципација во самостоен политички субјект со респектабилна моќ и силно влијание на турбулентните геополитички процеси!
ЕУ без Македонија ја губи можноста да се факторизира, обедини и ја реализира благородната идеја за целта на своето постоење, обединета и демократска Европа. Подклекнувајќи пред безскруполозните туѓи интереси, кои се креираат далеку од балканот но се спроведуваат од земји членки на ЕУ, ќе ја покаже својата немоќ. Доколку ја изгуби оваа „војна“ се доведува во состојба да навлезе во спирала од процеси на раслојувања и поделби внатре во унијата. Во контекст на ова очигледно европските политичари и бриселската бирократија заборавиле на едно дамнешно предупредување, да ги подсетам на зборовите на Винстон Черчил – Внимавајте на балканот, тоа е мекиот стомак на Европа! Овие зборови на мудриот Черчил се иницирани од повеќе историски „судски пракси“ на Европа. Иницијалните капсули, за катаклизматичните воени разрушувања во текот на крвавиот 20-от век, секогаш беа во балканското „буре барут“. Доколку ја изгуби „војната“ за Македонија, која всушност е „војна“ за Европа, ќе ја потврди својата немоќ, за која зборуваат светските политички авторитети, ќе започне процес на нејзин слободен пад со несогледиви последици, како би рекол Даглас Мури „Чудната смрт на Европа“. Точни ќе се покажат зборовите на Никсон, во разговорот со Де Гол, „доколку сакате обединета Европа направете ја по урнек на Обединетите Американски Држави, се друго ќе биде неуспешен обид“. Во овој контекст за иднината на Европа, неодминливо се наметнуваат зборовите на Бенџамин Франклин од неговите „Писма од Париз“ од 1777 год.: „Овде луѓето во сите средини мислат дека нашата кауза е кауза на целиот човечки род и дека, бранејќи ја нашата слобода, ние се бориме за нивната“. Очигледно на неснаодливите и неинвентивни Бриселски бирократи единствено може да и помогнат САД со својот борбен хуманизам во креирањето на демократските вредности на балканот, а со тоа на Европа, по којзнае кој пат, да и фрли „гума за спасување“!
Ова мое писание можеби во еден дел е политички некоректно, но тоа е одраз на реалноста низ која провејува дилемата на Давид Енгелс „ Што да се прави? – Живеејки во падoт на Европа!“

Оливер Андонов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Украинскиот парламент го одобри клучниот закон за…

Пратеникот Јарослав Железниак на Телеграм објави дека…

Орбан: ЕУ не треба да почне преговори…

Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека Брисел…

Орбан: Ќе стоиме со Србија ако ЕУ…

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека…

Орбан посеа паника во Европа?

Една недела пред состанокот на Европскиот совет…

Лајчак: ЕУ е подготвена за проширување

Специјалниот претставник на Европската унија за дијалогот…