Манчевски: Стравот од дата центрите е застарен, Македонија веќе доцни

t

Дата центрите не се мистериозни постројки што ќе ја „испразнат“ Македонија од вода и струја, туку инфраструктура без која веќе не функционираат ниту вештачката интелигенција, ниту дигиталните услуги што секојдневно ги користиме.

Ова е една од главните пораки на Дамјан Манчевски во разговорот со Мишко Иванов во „Бизнис класа“, во кој најголем дел од дебатата беше посветен токму на стравовите и митовите околу дата центрите.

Манчевски вели дека наједноставното објаснување е и најточното – дата центар е објект во кој се сместени компјутерски сервери. Разликата со инфраструктурата од минатото е во тоа што денешните сервери имаат многу поголема процесорска моќ, особено оние наменети за вештачка интелигенција.

Според него, речиси сè што денес се прави преку телефон или компјутер – од испраќање мејл и гледање стриминг-содржини до користење ChatGPT и други AI алатки – веќе завршува на некаков сервер. Проблемот за Македонија е што најголемиот дел од таа инфраструктура се наоѓа надвор од земјата.

Токму тука Манчевски гледа противречност во јавната дебата: од една страна се бара поголема дигитализација на јавните услуги и бизнисите, а од друга постои отпор кон физичката инфраструктура без која тие услуги не можат да функционираат.

„Ние сакаме дигитализација, сакаме да користиме дигитални алатки, ама не сакаме сервери“, ја сумира тој дилемата.

Еден од најчестите стравови е потрошувачката на електрична енергија. Манчевски не спори дека дата центрите трошат многу струја. Според него, операторите однапред определуваат колкава потрошувачка може да се приклучи на одредена локација.

„Дата центрите можат да имаат улога во енергетскиот систем, особено во земја во која растат соларните капацитети, но останува проблемот со складирањето и балансирањето на произведената електрична енергија“ додава Манчевски.

Но за него многу поголемо прашање од водата и струјата е дали Македонија ќе остане само корисник на туѓа дигитална инфраструктура.

Манчевски тоа го нарекува прашање на „дигитален национален суверенитет“. Големите јазични модели на кои се темели генеративната вештачка интелигенција се развиваат и на национални јазици, а македонскиот, според податоците што тој ги цитира од презентацијата на „Везилка AI“, учествува со само 0,004501 проценти во интернет-содржините на светско ниво.

Неговата теза е дека Македонија треба да има сопствена компјутерска инфраструктура на која домашните компании, факултети, истражувачи и институции ќе можат да развиваат и тренираат модели на македонски јазик.

Во моментов, посочува Манчевски, инфраструктурата што се користи за развојот на македонски голем јазичен модел преку проектот на ФИНКИ е поврзана со серверски ресурси во Грција.

„Ние во моментов немаме на територија на државата инфраструктура на која може да го развиваме нашиот јазичен модел“, вели Манчевски, оценувајќи дека домашните капацитети треба да станат развоен приоритет.

Економската страна на приказната е исто толку голема. Манчевски посочува дека дата центрите се инвестиции што можат да се мерат во стотици милиони, а кај најголемите капацитети и во милијарди евра.

Како илустрација, тој вели дека целосно опремен AI дата центар од околу 30 мегавати со Nvidia опрема може да достигне инвестиција од приближно една милијарда евра.

Според Манчевски, користа за земјата би била во инвестициите, даноците и пристапот на домашните компании до компјутерски ресурси кои сега најчесто ги набавуваат од странство.

Домашната инфраструктура, тврди тој, може да им овозможи поголем капацитет и пониски трошоци на компании што веќе ја користат вештачката интелигенција. Финансискиот сектор, медицината и медиумите ги посочува меѓу областите во кои AI алатките веќе активно се користат.

Во разговорот Манчевски зборува и за неговиот нов професионален ангажман во „Орион Телеком“, по повлекувањето од активната политика. Компанијата, која досега работела како телекомуникациски оператор и оператор на дата центри, се насочува кон инфраструктура за вештачка интелигенција и е партнер на Nvidia во регионот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Манчевски: Стравот од дата центрите е застарен,…

Дата центрите не се мистериозни постројки што…

Вработени кои се на боледување се сликаат…

Министерот за здравство Сашо Клековски по реакциите…

МВР: За осум месеци 34 помалку загинати…

Податоците од евиденциите на Министерството за внатрешни…

Европа предупредува на руски саботажи, но засега…

Европски министри предупредија дека се зголемуваат саботажите,…

За сите брачни парови кои досега не…

Повардарската епархија и годинава организира бесплатни групни…