Мачките станаа бизнис вреден над 100 милијарди евра: Како изгледа „економијата на мачки“?
Мачките одамна не се само домашни миленици, туку и сериозен економски фактор. Од храната и ветеринарните услуги до играчките, паметните уреди и специјализираната нега за постари животни, индустријата поврзана со мачките расте со промената на животните навики и сè поголемата подготвеност на луѓето да инвестираат во нивниот квалитет на живот.
Феноменот веќе има и свое име – „Catnomics“, односно економија на мачките. Според извештај на консултантската компанија „Пи-Ви Консалтинг“ (PW Consulting), на кој се повикува италијанската новинска агенција АЏИ, мачките учествуваат со 38,5 проценти во вкупната потрошувачка во секторот за домашни миленици.
Растот не се должи само на зголемениот број сопственици, туку и на фактот дека луѓето сè повеќе трошат на квалитетна храна, здравствена заштита, удобност и производи што ги подобруваат животот и благосостојбата на животните.
Јапонија предводи во „економијата на мачки“
Еден од најинтересните примери е Јапонија, каде трендот е познат како „Некономикс“. Според проценката на професорот Кацуширо Мијамото од Универзитетот Кансаи, пазарот поврзан со мачките во Јапонија во 2026 година достигнал вредност од речиси 17 милијарди евра, односно околу три билиони јени. Во оваа сума се вклучени кафулињата со мачки, различните технолошки уреди, производите и услугите наменети за нивните сопственици.
Податоците на Јапонското здружение за храна за домашни миленици покажуваат дека во 2025 година во земјата имало 8,8 милиони мачки, наспроти 6,8 милиони кучиња. Сопствениците во текот на животот на една мачка во просек трошат речиси 10.300 евра, односно околу 1,8 милиони јени. Тоа значи дека мачката во јапонското домаќинство не е само миленик, туку и значителна ставка во домашниот буџет.
Европејците сè повеќе трошат на мачки
Сличен тренд се забележува и во Европа. Според извештајот „Факти и бројки 2026“ на Европската федерација на индустријата за храна за домашни миленици (ФЕДИАФ), во 2024 година околу 149 милиони европски домаќинства, или 49 проценти од вкупниот број, имале најмалку еден домашен миленик. Во европските домаќинства живееле вкупно 306 милиони домашни миленици, меѓу кои 111 милиони мачки и 91 милион куче.
Мачките имаат значителен удел и во пазарот на храна. Иако 58 проценти од произведената храна за домашни миленици во Европа е наменета за кучиња, а 41 процент за мачки, храната за мачки учествува со околу 50 проценти во вкупната вредност на овој пазарен сегмент. Храната за кучиња учествува со 46 проценти.
Франција и Германија предничат по бројот на мачки во европските земји, а по нив е Италија. Во Италија, бројот на мачки во домаќинствата пораснал од 10,2 милиони во 2022 година на 11 милиони во 2025 година. Според извештајот „АССАЛКО-Зумарк 2026“, Италијанците годишно трошат околу 2,35 милијарди евра на храна за мачки. Овој сегмент сочинува 56 проценти од пазарот на храна за кучиња и мачки, со годишен раст од 4,3 проценти.
Генерацијата З го менува пазарот и во САД
Растот на пазарот е видлив и во Соединетите Американски Држави, каде сè поголема улога во вдомувањето мачки имаат припадниците на генерацијата З, особено мажите. Според извештајот на Американското здружение за производи за домашни миленици (АППА), мажите сочинуваат 43 проценти од сопствениците на мачки во САД, додека бројот на вдомени мачки кај припадниците на генерацијата З пораснал за 27 проценти за само една година.
Бројот на американски домаќинства што имаат мачка достигнал 53 милиони, односно околу 39 проценти од сите домаќинства. Тоа претставува раст од пет проценти во периодот од 2024 до 2025 година. Интересен е и податокот дека од 2018 година за 45 проценти пораснал уделот на домаќинства што имаат најмалку три мачки.
Слични промени се случуваат и во Кина, каде пазарот поврзан со мачките расте побрзо од оној за кучињата. Во кинеските градови живеат околу 72,9 милиони мачки, наспроти 53,4 милиони кучиња. Пазарот за мачки расте со стапка од 5,2 проценти, додека кај кучињата растот изнесува 3,2 проценти.
„Сребрена економија“ за постари мачки
Индустријата за домашни миленици не расте само поради зголемениот број животни и потрошувачката на храна и ветеринарни услуги. Се менуваат и потребите на сопствениците, кои сè повеќе инвестираат во здравјето, удобноста и долговечноста на своите миленици.
Така се развива и таканаречената „Силвер кет економи“ (Silver cat economy), односно пазар на производи и услуги наменети за постари мачки. Овој сегмент особено брзо расте во Хонгконг, каде сопствениците посветуваат сè поголемо внимание на негата, здравствената заштита и квалитетот на животот на животните во поодмината возраст. Од специјализирана храна и медицински третмани до паметни уреди што го следат здравјето и активноста на животните, пазарот се приспособува на новите потреби.
Сето ова покажува дека односот кон домашните миленици се менува, а со него и индустријата што ги следи. Мачките стануваат многу повеќе од популарни животни на социјалните мрежи – тие се дел од глобална економија во која сè повеќе се инвестира во нивната исхрана, здравје, забава и долговечност.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Мачките станаа бизнис вреден над 100 милијарди…
Мачките одамна не се само домашни миленици,…
Инструктор од Србија паднал од стаза за…
Инструктор од Србија паднал од стаза за…
Мицкоски: „One Stop Shop“ системот ќе го…
Премиерот Христијан Мицкоски, на заедничкиот настан со…
Александар Чупиќ нема да учествува на самитот…
Претседателот на Народното собрание и вршител на…
Гаши: Почитувањето на јазикот и идентитетот на…
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, упати честитка…