Мајка од Охрид чува стража пред училницата на нејзиниот аутистичен син, а нов асистент не му даваат!

t

Магдалена Милевска од Охрид, мајка на дете кое има аутизам, мора да седи пред училницата во основното училиште „Григор Прличев“ во Охрид и да чува стража, затоа што образовниот асистент кој му е доделен на ученикот не знае како да се постави кон него. Милевска за „Слободен печат“ вели дека со месеци е принудена да не работи иако е програмер, затоа што постојано мора да биде во училиштето со синот, кој нема никакви придобивки од тоа што му е назначен образовен асистент и целиот товар и грижа повторно паѓа на неа.

– На крајот на учебната година го најдов син ми пуштен во дворот од училиштето без патики и без јакна. Образовниот асистент дозволува да излезе надвор од училница и да прави што сака. Во ноември тој имаше процедура со матични клетки, поради што асистентката беше предупредена дека не смее детето да излезе надвор на ладното. Ја толерирав една недела и наредно побарав инструкции од Ресурсниот центар во Битола кој е нејзин работодавец да ми кажат како да постапам. Им доставив записници за тоа дека со мојот син има инциденти, дека бега од училницата и излегува во дворот, оди во спортската сала, турка еден огромен душек. Едноставно немаше никаква ефикасност од асистентот во образовниот процес, изјави за „Слободен печат“ мајката на детето, Милевска.

Таа испратила барање во Ресурсниот центар да биде променет образовниот асистент за нејзиниот син, но одговор уште нема. Се пожалила и до Народниот правобранител.

– Две недели откако почна второто полугодие, Ресурсниот центар дојде на увид во училиштето. Направивме муабет и рекоа дека ќе видат со Антикорупциска дали може да се смени асистентката. Но јас повторно седам во училиште со моето дете. Не можам да почнам да работам. Цела година ја изгубив и не работам затоа што морам да седам со детето на училиште, а сум програмер. Кога седам во училиштето, син ми не излегува од училницата зашто јас седам на столица пред врата и тој кога ќе тргне му го одвлекувам вниманието од неговата идеја па не излегува од училницата. Кога седев со него во училницата, зашто немаше ефект од асистентката, Филип седеше по 90 минути на клупа. Не излегуваше од училница. Од крајот на февруари кога се вративме пак со асистентката, постојано излегува. На 8 март имаше инцидент кога влезе во друго одделение каде му дадоа чоколадо и му капна една точка. Бидејќи е сензитивен на дамки, ја соблече блузата и тренерките пред други две наставнички од второ одделение. Но, како може да му дозволат да се соблече по гаќи, маица и по чорапи? Се качува кај директорката горе, а асистентката не прави ништо, оди по него. Кога ќе го носам во училиште ќе побарам инспекција да дојде во надзор да види што се прави, а јас нема да седам во училиштето за да се види реалната состојба. Целото основно училиште, сите вработени ова го гледаат ама училиштето нема никаква моќ освен да го следи правилникот и секоја недела да бара промена, додаде Милевска.

Директорката на ОУ „Григор Прличев“ Охрид секоја недела праќа барање во Ресурсниот центар во Битола со прашање до каде е процесот за промена на асистентот.

– А Ресурсниот центар се правда дека процесот е заглавен поради избори и дека Антикорупциска не дала нов асистент да се вработи, во што јас не верувам, вели мајката.

Детето е ученик во програма со модифицирана настава, во рамките на која три дена во неделата оди на настава во ОУ „Григор Прличев“, а два дена во ОУ „Климент Охридски“, училиште кое е поддршка на Ресурсниот центар.

И во „Климент Охридски“ сум присутна и чекам надвор, во случај да не настане инцидент. А таму работат дефектолози. Имаат направено некое правило да морам да го чекам детето. Три дена во неделата одам во „Григор Прличев“ седам во ходниците, во двор. Сакам да се смени законот и целиот процес бидејќи ова што се случува е комплетно нелогично, додава таа.

Ресурсниот центар во Битола „Кочо Рацин“ е установата што доделува асистент, но оттаму не одговорија на телефонските повици од „Слободен печат“.

Директорката на ОУ „Григор Прличев“ Лилјана Ефтимовска за „Слободен печат“ потврди дека има проблем, ама нема решение.

– Ресурсниот центар го има доделено образовниот асистент на детето. Факт е дека асистентот не воспостави комуникација со детето. Мое видување е дека тука не се работи за некоја неодговорност на асистентот, туку се работи за некоја емоција што не се воспостави. Училиштето ги презеде сите мерки, но работодавец е Ресурсниот центар. Се обративме таму и со барање за промена на асистентот и со информација за состојбата, со сите инструменти што ни се на располагање за да излеземе во пресрет на родителот. Често и мајката мора да доаѓа на настава, бидејќи асистентката ја повикува зашто мора некој да излезе на крај со ситуацијата. Мора некој да е тука, ние ја вклучуваме и службата и сите ресурси ги активираме, но некогаш е невозможно. Моментално е отсутно детето, а асистентката со решение е поддршка на други двајца ученици и тука е, си ја врши работата. Ние како училиште испративме барање за промена на асистентот и чекаме писмен одговор од ресурсниот центар и уште немаме одговор, рече директорката Ефтимовска во изјава за „Слободен печат“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Мицкоски: Може да разговараме со некое ново…

„Не постојат такви црвени подруми. Мислам дека…

Мицотакис: Пријателите во Македонија да сфатат дека…

Мислам дека нашите пријатели во Македонија треба…

Норвешка, Шпанија и Ирска ќе ја признаат…

Шпанија, Ирска и Норвешка објавија дека ќе…

Сиљановска Давкова ја предводи државно-црковната делегација во…

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова од денеска престојува…

Владата на Србија ги повика институциите и…

Владата на Република Српска ги повика институциите…