Мелони: Сакаме да го зголемиме производството на нафта и гас, можеме да ги произведуваме тука

t

Италијанската влада донесе декрет со кој предвидува поголемо домашно производство на нафта и гас за да се намали зависноста од увоз. Декретот предвидува мерки за поттикнување на производството, вклучително и назначување на владини комесари кои треба да им помогнат на регионите да го забрзаат издавањето дозволи и концесии за истражување и експлоатација на јаглеводороди.

„Сакаме да продолжиме да го зголемуваме домашното производство на нафта и гас бидејќи нема многу смисла да се купува таа енергија од странство кога можеме да ја произведуваме тука во Италија“, рече премиерката Џорџа Мелони, додавајќи дека токму тоа е целта на мерката одобрена од Советот на министри.

Регулативата содржи „итни мерки поврзани со цените на нафтата, со оглед на моменталната криза на меѓународните пазари, како и стратешката енергетска инфраструктура и активности“. Рим ќе може да назначува комесари кои ќе им помогнат на регионите да ги намалат административните пречки и значително да го забрзаат издавањето дозволи и концесии за истражување и експлоатација на јаглеводороди, рече Мелони.

„Италија не може да си дозволи да чека децении за да се реши концесијата“, нагласи таа.

Владата го гледа зголемувањето на домашното производство како инструмент за намалување на трошоците за енергија за домаќинствата и бизнисите, зајакнување на енергетската безбедност и ублажување на изложеноста на промените во цените на увезените горива.

Повисокото производство треба да донесе и приходи од надоместоците за концесии и придобивки за економијата и нови работни места во регионите каде што ќе се вадат нафта и гас, а во исто време да се зголеми безбедноста на снабдувањето и да се намали зависноста од увоз, бидејќи промените во цената на увезените енергетски производи ја оптоваруваат економијата и јавните финансии, истакнува бизнис весникот „Il Sole 24 Ore“.

Порталот „Milano Finanza“ наведува дека мерките ќе ги опфатат и домашните копнени наоѓалишта, како што е Вал д’Агри, кој произведува околу 85 проценти од суровата нафта на Италија и 30 проценти од нејзиниот гас, и крајбрежните наоѓалишта како што е Арго-Касиопеа во Сицилијанскиот канал.

Италијанската подружница на „Шел“, која поседува 25 проценти од акциите во полињата Вал д’Агри и Темпа Роса, оваа пролет изјави дека доколку бидат одобрени нови бунари, Вал д’Агри би можел да го удвои сегашното производство од околу 40.000 до 80.000 барели нафта дневно, објави „Алијанс њуз“, забележувајќи дека капацитетот се проценува на 120.000 барели дневно.

Овој потег веќе предизвика критики од опозицијата. Лидерот на партијата Зелено-левичарска Алијанса (AVS), Никола Фратоани, изјави дека лобистите за нафта и гас „го освоиле Палацо Чиги“, седиштето на италијанската влада.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Мелони: Сакаме да го зголемиме производството на…

Италијанската влада донесе декрет со кој предвидува…

Пријавени четири жени кои си ги натепале…

Жени што си ги тепале мажите, татко…

Засилени сообраќајни контроли за електрични тротинети –…

Вчера (10.09.2026), Секторот за сообраќајни работи при…

Претреси и во простории на МВР –…

Врз основа на наредби од судија на…

Чадот е клучната разлика: тројца поранешни експерти…

Во време кога глобалната борба против пушењето…