Мерцедес ги замрзнува инвестициите во Германија: На маса и затворање фабрики, загрозени работни места
Иднината на производствените капацитети на „Мерцедес-Бенц“ во Германија е под сè поголем притисок. Поради високите трошоци за работна сила и застојот во преговорите со работничкиот совет и синдикатот ИГ Метал, автомобилскиот гигант од Штутгарт презема конкретни мерки. Управниот одбор одлучил привремено да ги запре сите нови инвестиции во германските погони, а сè посериозно се разгледува и можноста за затворање фабрики.
Мерцедес ги кочи инвестициите
Како што објави „Билд“, директорката за човечки ресурси Бритa Заегер ја оправдала одлуката со тешката состојба во однос на трошоците. Компанијата сега треба да утврди кои производствени локации во Германија можат долгорочно да работат профитабилно.
Менаџментот сака да избегне затворање фабрики, но, според Заегер, оваа можност сега мора да се разгледува посериозно од претходно.
Преговорите со претставниците на вработените се во ќор-сокак, а засега нема изгледи за брз договор, изјавила таа во интервју за вработените, за кое пишува „Цајт“, повикувајќи се на Ројтерс. Целта и натаму е да се постигне заеднички пакет мерки што ќе донесе значителни заштеди, но ќе биде прифатлив и од социјален аспект.
Во центарот на спорот се трошоците за производство. Според „Мерцедес“, еден час работа во германските фабрики може да чини и до пет пати повеќе отколку во погоните во Источна Европа.
Затоа раководството бара отстапки во условите за работа. Еден од предлозите што се разгледуваат е продолжување на работното време без зголемување на платите. Можно е да бидат намалени и дополнителните исплати, како учеството во добивката, регресот за годишен одмор и божиќниот бонус. Овие барања веќе предизвикаа протести меѓу вработените.
Зинделфинген, Раштат или Бремен – кои фабрики се во опасност?
Шефот на производството, Михаел Шибе, пред неколку недели најави дека доколку не се постигне намалување на трошоците, во Германија би можеле да бидат затворени две фабрики.
Според актуелните размислувања, би можело да станува збор за една фабрика за склопување автомобили и еден погон за производство на погонски компоненти.
„Мерцедес“ има фабрики за склопување автомобили, меѓу другото, во Зинделфинген, Раштат и Бремен. Погоните за производство на погонски компоненти се наоѓаат во Штутгарт-Унтертиркхајм, Афалтербах, Берлин, Хамбург и Каменц, како и на неколку локации во покраината Тирингија.
Засега не е познато кои конкретни фабрики би можеле да бидат опфатени со евентуалното затворање.
И Фолксваген и Ауди ги кратат трошоците
Притисокот врз „Мерцедес“ не произлегува само од високите трошоци за производство во Германија, туку и од економските проблеми на групацијата. Во изминатите години компанијата се соочува со пад на продажбата и намалување на профитот.
Проблемите не се ограничени само на производителот од Штутгарт. И „Фолксваген“ и „Ауди“ најавија обемни програми за штедење и намалување на бројот на вработени.
Автомобилскиот експерт Фердинанд Дуденхефер, според „Билд“, оценува дека овие случувања се последица на одамна познатите проблеми со конкурентноста на Германија како автомобилска производствена локација.
Според него, без суштински промени во структурата на трошоците, германската автомобилска индустрија ризикува дополнително да ја изгуби конкурентноста.
Спорот во „Мерцедес“ така го отсликува растечкиот притисок врз автомобилската индустрија во Германија. Додека компанијата бара намалување на производствените трошоци, работничкиот совет и синдикатот ИГ Метал се обидуваат да ги заштитат работните места и колективно договорените права на вработените. Засега, договор меѓу двете страни не е на повидок.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Мерцедес ги замрзнува инвестициите во Германија: На…
Иднината на производствените капацитети на „Мерцедес-Бенц“ во…
Берзански земјотрес поради вештачката интелигенција — „избришани“…
Распродажбата на акциите на технолошките компании се…
Авион што летал од Германија за Турција…
Авион на турската авиокомпанија „SunExpress“, кој леташе…
Косовските безбедносни сили добија 12 воени камиони…
Косовските безбедносни сили (КБС) добија 12 камиони…
Бугарските компании се соочуваат со рекордни цени…
Сè поголем број компании во Бугарија размислуваат…