Мерц: Црна Гора е блиску до ЕУ, Западен Балкан мора да продолжи со реформите
Членството на Црна Гора во Европската Унија е остварлива и реална цел, порача германскиот канцелар Фридрих Мерц во воведниот говор на самитот на Берлинскиот процес во Милочер. Тој оцени дека Црна Гора постигнала голем напредок и речиси ги привело кон крај пристапните преговори. Мерц додаде дека реформите, политичката волја и регионалната соработка се од клучно значење за понатамошниот напредок на целиот Западен Балкан.
„Покажувате напредок и докажувате дека влезот во Европската Унија е навистина можен. Бевте одлучни и вашиот труд се исплатеше. Ова е регион во движење, регион на промени, но тие промени мора да дојдат одвнатре. Тоа е една од основните идеи на Берлинскиот процес – да го собере Западен Балкан на иста маса и да ја покрене и зајакне регионалната соработка“, рече Мерц.
Мерц потсети на средбата во Тиват одржана во јуни и оцени дека од тогаш е постигнат видлив напредок во зајакнувањето на Берлинскиот процес. „Откако во јуни се сретнавме во Тиват, го вративме Берлинскиот процес на вистинскиот пат. Црна Гора практично ги заврши пристапните преговори и работиме заедно за да овозможиме проширување засновано врз заслуги“, изјави тој.
Напомена дека тој и францускиот претседател Емануел Макрон изнеле заеднички предлози за проширувањето, од кои Европската комисија прифатила многу, при што ѝ се заблагодари на комесарката Марта Кос.
Германскиот канцелар нагласи дека државите од регионот мора да покажат одлучност во спроведувањето на реформите за да ја продолжат европската интеграција. Се осврна и на протестите и политичките тензии и укажа на важноста од зачувување на мирот и отфрлање на насилството.
„Протестите во регионот нè потсетуваат дека мора да продолжиме со проширувањето и зацврстувањето на мирот. Кога се соочуваме со протести, било во Европската Унија или на друго место, насилството не смее да биде опција за ниту една страна“, рече тој. Предупреди дека нерешените прашања од минатото и политичката поларизација го забавуваат градењето на постабилна Европа.
„Многу е тешко да се напредува ако минатото постојано нè кочи. Поларизацијата никогаш нема да донесе поуспешна Европа. Го отфрливме величањето на воените злосторници и, ако сакаме подобра иднина за нашите деца, не смееме дополнително да поттикнуваме судири. Мораме да го нормализираме дијалогот меѓу Приштина и Белград“, порача Мерц.
Тој повика на одговорност и конкретни чекори во решавањето на отворените прашања во регионот и нагласи дека Германија останува посветена на Берлинскиот процес и на европската перспектива на Западен Балкан.
Со денешниот самит во Милочер, Црна Гора го завршува своето претседавање со Берлинскиот процес. Во фокусот на разговорите се заедничките иницијативи кои придонесуваат за развојот на регионот и неговото приближување кон Европската Унија, што е и основната цел на самата иницијатива.
Берлинскиот процес е насочен кон зајакнување на регионалната соработка, економското поврзување и добрососедските односи. За време на своето претседавање, Црна Гора организираше 26 настани, од кои 14 на министерско ниво, што според податоците на Владата е најголем број активности во текот на едно претседавање.