Милатовиќ бара од Брисел билатералните спорови со Хрватска да не го блокираат европскиот пат на Црна Гора
Претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, упатил писмо до претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во кое бара билатералните спорови со соседните земји да не се претвораат во пречка во завршната фаза од пристапните преговори на Подгорица со Европската Унија.
Во писмото, Милатовиќ предупредува дека условувањето на европскиот пат со решавање билатерални прашања би претставувало стратешка загуба не само за Црна Гора, туку и за Европската Унија и за останатите земји кандидати. Тој повикува европските лидери да покажат решителност и стратешка визија, оценувајќи дека Црна Гора се наоѓа пред историска можност да го заврши процесот на пристапување.
Милатовиќ потсетува дека Црна Гора бележи значителен напредок во преговорите и дека целта е тие да бидат завршени до крајот на 2026 година, а земјата да стане 28-та членка на Унијата во 2028 година. Според него, проширувањето во актуелните геополитички услови е важно и за безбедноста, стабилноста и влијанието на Европа.
Тој истакнува дека Црна Гора е подготвена сите отворени прашања со соседите да ги решава преку дијалог и во добра волја, но надвор од пристапниот процес, предупредувајќи дека претворањето на билатералните спорови во услов за членство би било спротивно на основната логика на европското проширување.
Хрватска го засилува притисокот врз Подгорица
Реакцијата на Милатовиќ доаѓа во период кога Хрватска го засилува притисокот врз Црна Гора во врска со нерешените билатерални прашања, особено спорот околу границата и полуостровот Превлака.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ неодамна предупреди дека Црна Гора нема да може да ги заврши пристапните преговори според планираниот рок доколку не се постигне договор за границата. Загреб бара Подгорица да ги прифати принципите на Бадинтеровата комисија, според кои границите на поранешните југословенски републики станаа меѓународни граници по распадот на Југославија.
Спорот е особено чувствителен поради Превлака, полуостров со стратешка важност за контролата на поморската граница и пристапот до заливот Бока Которска. Двете земји со години функционираат врз основа на привремен договор, при што Хрватска ја контролира Превлака, а Црна Гора поголем дел од околните води.
Покрај граничното прашање, Загреб бара решавање и на други проблеми, меѓу кои се прашањата за исчезнатите лица од војните во 1990-тите, обештетувањето на хрватските семејства, воените злосторства, имотните права и враќањето на школскиот воен брод „Јадран“.
Хрватскиот притисок веќе влијае врз динамиката на преговорите. Според медиумските извештаи, несогласувањата со Загреб придонеле Црна Гора да не затвори повеќе преговарачки поглавја во рамките на последните меѓувладини состаноци.
Црна Гора е најнапредната земја кандидат
Црна Гора започна преговори за членство во Европската Унија во 2012 година и се смета за најнапредна земја во процесот на проширување. Подгорица има амбиција да ги заврши преговорите до крајот на 2026 година и да стане членка во 2028 година.
Но, нерешените билатерални прашања со Хрватска, која како членка на ЕУ има можност да влијае врз одлуките во пристапниот процес, создаваат дополнителна неизвесност за амбициозниот рок.
Во последните недели, и Германија повикува на конструктивно решавање на спорот меѓу Загреб и Подгорица, предупредувајќи дека билатералните несогласувања не треба да го блокираат европското проширување. Европските претставници изразуваат загриженост дека евентуалното застој во процесот на Црна Гора би можело да испрати негативна порака и до другите земји кандидати од Западниот Балкан.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Милатовиќ бара од Брисел билатералните спорови со…
Претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, упатил…
Кос за МИА: Билатералните прашања не треба…
Не треба да се мешаат билатералните прашања…
САД подготвуваат нови царини за најмалку 14…
САД се подготвуваат да објават нови царини…
ЕУ планира да вложи до 50 милијарди…
Европската Унија планира да вложи до 50…
Хрватска го засилува притисокот врз Црна Гора…
Хрватска го засилува дипломатскиот притисок врз Црна…