МИНИМАЛНА ПЛАТА ОД 1000 ЕВРА ВО ЦРНА ГОРА: Драстичен раст на сите плати и пензии!
Од јануари следната година сите плати во Црна Гора, и во јавниот и во приватниот сектор, ќе се зголемат според новата владина програма „ЕУРО МОДЕЛ“, најави премиерот Милојко Спајиќ.
Според програмата, минималната нето-плата за вработените на работни места за кои е потребно основно или пониско образование ќе изнесува 1.000 евра. За работните места со средно образование минималната плата ќе биде 1.250 евра, додека за вработените со високо образование ќе изнесува најмалку 1.400 евра.
Програмата ќе опфати повеќе од 250.000 вработени.
Покрај зголемувањето на минималните плати, дополнителен раст на приходите е можен доколку социјалните партнери го прифатат барањето на Владата зголемувањето на пресметковната вредност на коефициентот да се примени еднакво и во јавниот и во приватниот сектор.
Спајиќ најави и значително зголемување на платите кои се над минималното ниво. Според неговите пресметки, од секое евро што работодавачот го издвојува за вработениот, работникот би задржувал меѓу 92 и 97 центи, зависно од висината на примањата.
Како пример, премиерот посочи дека работодавач кој денес издвојува 1.980 евра за нето-плата од 1.600 евра, од јануари, со истото вкупно издвојување, би исплаќал нето-плата од околу 1.870 евра.
„На овој начин платите растат за сите – и во приватниот и во јавниот сектор, и за оние со минимални, и за оние со просечни и повисоки примања“, рече Спајиќ.
Според владините пресметки, повеќе од 250.000 вработени ќе бидат опфатени со зголемувањето, при што процентуално најголем раст би имале најниско платените работници.
Зголемување и на пензиите
Покрај платите, Владата најави промени и кај пензиите. Од 2027 година тие ќе се усогласуваат четири пати годишно, со цел да го следат растот на платите.
Просечната пензија по априлското усогласување треба да надмине 600 евра, додека минималната пензија ќе биде над 500 евра.
Дополнително, секој пензионер во декември годинава ќе добие уште 100 евра зимска помош.
Спајиќ: Реформата ќе биде финансирана преку растот на економијата
Премиерот уверува дека реформата е внимателно планирана и дека средствата ќе бидат обезбедени преку зголемена потрошувачка и вработеност, сузбивање на сивата економија, очекувано враќање на дијаспората, буџетска дисциплина и даночни мерки.
Како дополнителен извор на приходи, Спајиќ го наведе и поефикасното одземање на незаконски стекнатиот имот преку механизмите за борба против организираниот криминал и корупцијата.
Владата најавува и посебно внимание на оданочувањето на празните секундарни и терцијарни недвижности, односно куќи и станови кои сопствениците ги држат празни, додека младите семејства имаат проблем да најдат дом или плаќаат високи кирии.
Според проекциите на Владата, буџетскиот дефицит во транзициската 2027 година би изнесувал околу 4-5 отсто, а во 2028 година би се намалил на околу 3 отсто, што би било во рамките на Мастришките критериуми.
Спајиќ: Просечната плата ќе надмине 1.400 евра
Премиерот оцени дека, според владините анализи, просечната нето-плата во Црна Гора за кратко време би можела да се зголеми од сегашните околу 1.000 на над 1.400 евра.
Тој рече дека со тоа Црна Гора би имала повисока просечна нето-плата од Грција, Бугарија, Романија и Унгарија, додека во регионот, според него, споредбата би била најрелевантна со Хрватска.
„ЕУРО МОДЕЛ“ Владата го претставува како долгорочна економска реформа насочена кон зголемување на платите, намалување на даночното оптоварување на трудот и подобрување на животниот стандард.
„За оние кои најавата за оваа реформа ќе ја дочекаат во Минхен, Виена, Даблин, Цирих или Чикаго, повеќе не мора да бирате меѓу семејството и пристоен живот. Вратете се. Црна Гора ве чека. Време е за живот според ЕУРО МОДЕЛ“, порача Спајиќ.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Трендафилов: 260.000 од 530.000 работници се со…
260.000 од 530.000 работници се со плата…
(Видео) Работниците бараат 600 евра минимална плата,…
Сојузот на синдикати на Македонија денеска го…
(Видео) Треба да се задолжам за да…
Бујар Османи, министерот за надворешни работи и…
Владата е од друга планета?! Народот мака…
Мерките на Владата даваат позитивни резултати за…
Дали е сериозен? Ковачевски: Таму каде што…
Премиерот Димитар Ковачевски вели дека таму каде…