Миноски: Македонија заробена во економија на страв, уцени и корупција

t

Поранешниот министер за финансии Кирил Миноски преку објава на Фејсбук остро го критикува економскиот и општествениот модел што, како што наведува, со години ја држи државата во маѓепсан круг на страв, уцени и нестабилност.

Миноски ја дефинира таканаречената „економија на страв“ како систем во кој однесувањето на граѓаните и учесниците на пазарот е диктирано од несигурност, корупција и непредвидливи правила. Според него, корените на овој модел се појавуваат уште во транзицијата, кога за кратко време се создаде масовна невработеност, а мал број луѓе се стекнаа со огромен капитал.

„Суштината на економијата на страв е уцената. Сите чинители во општеството се плашат од нешто и токму затоа системот опстојува“, наведува Миноски.

Тој посочува неколку клучни групи кои функционираат во ваквиот модел. Олигарсите и оние кои капиталот го стекнале на нечесен начин, како што вели, стравуваат дека стекнатото може да им биде одземено, па затоа инвестираат во политичко влијание наместо во продуктивност. Осиромашените граѓани, пак, живеат во постојан страв за егзистенција и често се принудени да трпат уцени за да обезбедат работа. Особено ранлив е и малиот и средниот бизнис, кој не се плаши од правилата, туку од произволни инспекциски контроли што можат да значат казни, затворање или притисоци.

Според Миноски, иако формално станува збор за пазарна економија, во суштина таа создава коруптивен и недемократски модел во кој моќта циклично се префрла, а оние на врвот често стануваат жртви на истиот систем што го одржувале.

Како последици од „економијата на стравот“, тој ги наведува длабоката социјална раслоеност, отсуството на здраво претприемништво и долгорочни инвестиции, недостигот на слободни граѓани и вистинска демократија, демографскиот егзодус, како и скап и моќен државен апарат кој е слаб таму каде што е најпотребен – во создавање услови за правичен и предвидлив развој.

„Економијата на страв е маѓепсан круг во кој сите стануваат жртви, слободата се загушува, а иднината на нашите деца е загрозена“, порачува Миноски, додавајќи дека борбата против стравот е всушност борба за слобода.

На крајот од објавата, тој се повикува на мислата на Јане Сандански:
„Робот се бори за слобода, а слободниот за совршенство.“

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Миноски: Македонија заробена во економија на страв,…

Поранешниот министер за финансии Кирил Миноски преку…

Политико за последиците од драматичниот самит: „Кој…

Европа е навикната на драматични пресврти на…

Скопје и Македонија се гушат во отрови…

Скопје и Македонија и понатаму на топ…

(ВИДЕО) Наместо прашање за Путин, новинар ѝ…

Додека рускиот претседател Владимир Путин одговараше на…