Мисајловски: Да го чуваме споменот на хероите кои го дадоа животот за татковината

t

Во СЦ „Борис Трајковски“ денеска се одржа Централниот меморијален турнир во мал фудбал, посветен на загинатите припадници на безбедносните сили на Македонија.

Турнирот е организиран од Здружението на семејствата на загинатите припадници на безбедносните сили „Херои на Македонија 2001–2015“, а на него учествуваа екипи од Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи.

Министерот за одбрана Владо Мисајловски, преку објава на социјалните мрежи, истакна дека меморијалниот настан претставува начин преку спортот да се испрати порака за единство, почит и сеќавање на загинатите припадници.

„Наша најголема одговорност е да го чуваме споменот на оние кои ја ставија службата кон татковината пред сопствената сигурност“, порача Мисајловски.

Тој нагласи дека зад секое име на загинат припадник стои човечки живот, семејство и лична приказна која, како што посочува, не смее да биде заборавена.

Мисајловски упати порака за зачувување на споменот и почитување на жртвата на припадниците кои ги загубија животите во служба на татковината.

„Да го негуваме нивниот спомен, да ја почитуваме нивната жртва и да не дозволиме нивните имиња и дела да бидат заборавени. Вечна им слава на македонските херои!“, порача министерот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ