Мицкоски: Македонија добива дополнителни средства од ЕУ за Планот за раст и први го завршивме техничкиот дел за „Роам ет хоум“

t

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за пратенички прашања истакна дека во однос на европскиот пат Македонија останува посветена на испорачување на реформите и соопшти две позитивни вести, едната е дека земјава ќе добие дополнителни средства од Планот за раст, како и тоа дека први го завршивме техничкиот дел за „Роам ет хоум“.

„Во делот на нашата ЕУ интеграција, ние остануваме посветени на она коешто е наша задача, а тоа е испорачување на сите потребни реформи и сето она кое се бара од нас. Како резултат на таа посветеност, вчера дојде добра вест од претседателката Фон дер Лајен, дека ќе го добиеме тој додаток, заедно со Црна Гора и Албанија, а ќе го изгубат Косово, БиХ и Србија и тој додаток ќе биде можност не само за ликвидност за поддршка на буџетот, туку и за реализација на одредени проекти. Добра вест е дека еден од тие проекти кој го пријавивме, е конечно тоа јаловиште во Пробиштип да биде санирано, тоа ќе влезе во тие проекти, и тоа многу ќе значи за граѓаните на Пробиштип и тој дел од истокот на Македонија“, вели премиерот Мицкоски.

Втората добра вест, како што најави премиерот Мицкоски е дека конечно први го завршивме техничкиот дијалог за што и треба да му честитаме и на министерот за дигитална трансформација во делот на „Роам ет хоум“ со што стануваме дел од внатрешниот сообраќај на Европската Унија.

„Некој со ова се потсмева, но тоа има голема порака и политичко значење, но вас веќе ве гледаат како дел од Европа и станувате дел од тој заокружен пазар. Ќе се сложите, ние како земја која има печалбари надвор од границите многу ќе им биде олеснета комуникацијата со нивните блиски во рами на ЕУ. Не сум среќен ова што го зборувам, бидејќи мојата цел е тие да си дојдат дома, но како и да е малку ќе успееме да олесниме и ова е само надоврзување на она што го направивме со СЕПА кога ги намаливме трошоците при трансферот на средства кои доаѓаат од ЕУ кај нас“, потенцираше премиерот Мицкоски.

Премиерот Мицкоски додаде дека исто така се работи со Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на една иницијатива да влеземе во групата каде производите во Македонија ќе го имаат насловот Made In Europe, што многу ќе значи, особено во делот на царинската и тарифната политика, но во моментов не може да се знае до каде ќе стигнеме.

Воедно во врска со земјите од Западен Балкан и вчерашниот состанок во Брисел, премиерот Мицкоски истакна дека во моментов бидејќи сите други земји имаат проблеми Македонија е еден вид фактор на стабилност, што и самите соговорници на тој состанок го потенцирале.

„Можам да кажам дека единствениот фактор на стабилност сме ние како држава и тоа од еден од говорниците беше кажано: „Погледајте ги Македонците први почнаа, први добија статус на кандидат, први ја усогласија надворешната и одбранбена политика, први влегоа во СЕПА; први го затворија „Роам ет хоум“, се прават први, први се по извештаите од Реформската агенда, но ете имаат еден проблем и тоа е што е“. Секогаш кога ќе зборуваме за систем на заслуги во процесот на преговори, а од друга страна имаме еден проблем, некако ми делува сето тоа малку во колизија, едното со другото не се паралелни, а уште повеќе ме загрижува што други, а тоа нема да се случи и утре да го смениме Уставот што нема да се случи, ние немаме никаква гаранција дека тоа е последно, затоа што следен проблем е Акцискиот план за малцинства, вие не можете Фундаменталс да отворите ако не го поминете овој Акциски план. Се надевам дека таа една земја членка конечно ќе се вразуми, но имам чувство дека полека и другите земји членки го губат трпението со таа земја членка“, изјави премиерот Мицкоски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Мицкоски: Македонија добива дополнителни средства од ЕУ…

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски на денешната…

Во владината кошничка нема трошок за кирија,…

Разликите меѓу синдикалната и владината потрошувачка кошничка…

МВР: Повеќе возрасни лица сексуално злоупотребувале малолетник…

Полицијата во дневниот билтен објави грозоморен случај…

Приведено лице за убиството кај Смилковско Езеро

Телма од свои извори дознава дека едно…