Мицкоски: 20 проценти поголеми средства за студентски оброк и многу други услуги преку М-услуги
Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, најавувајќи три клучни мерки за младите на конференцијата на Унијата на млади сили, како трета мерка најави 20 проценти поголеми услуги за студентите и младите, не само за студентскиот оброк, туку и за многу други услуги преку апликацијата М-услуги.
– Третата мерка, којашто во јавноста често е експлоатирана, а ја зборувавме со претставници на студентските организации во мојот кабинет е студентската картичка или студентскиот оброк. И тогаш, а и сега, сакам да кажам дека како професор, педагог и човек којшто секојдневно другарува и разговара, живее со млади луѓе, целта не може да ми биде ниту мене, ниту на моите соработници во Владата различна од тоа да бидеме пријатели и на студентите и на младите луѓе. За таа цел, разработуваме, заедно со Генералниот секретаријат, заедно со Министерството за образование, Министерството за финансии, Министерството за дигитална трансформација, апликација преку М-услуги концептот, секој студент да не добие усогласување со она што се вели инфлација, трошоци за живот, зголемување на оброкот, туку да добие најмалку 20 проценти поголеми услуги, не за топлиот оброк, туку за многу други услуги што ќе ги има користејќи ја апликацијата М-услуги – рече Мицкоски.
Тој истакна дека тоа е нешто што го немаат ниту студентите во Европската Унија, а тоа ќе го имаат студентите овде, во нашата Македонија.
– И кога ќе заврши буџетот за тој месец, да продолжат со користење на оваа апликација, да имаат дополнителни услуги кои ќе ги користат до крајот на месецот, до почетокот на следниот месец – рече премиерот.
Мицкоски ги сумираше трите проекти за младите – првиот, стан со најмалку 20 проценти попуст од пазарната цена, вториот – нула комуналии за куќа за брачна двојка до 35 години, и сето ова преку закон и третиот М-услуги привилегии за студентите и за младите луѓе – најмалку 20 проценти.
Мицкоски кажа дека овие мерки за младите ќе ги решат најважните нивни прашања – а тоа се егзистенцијата и домувањето, нагласувајќи дека нивната борба е со проекти и дела.
-Без подмладок, без млади луѓе нема иднина. Ниту политичка партија, ниту Македонија како држава. – И цело време кога разговараме се обидуваме да креираме политика повеќе, мерка повеќе, за да можат младите да останат тука, а оние кои заминаа да ги вратиме назад. Тоа е за нас најголемиот проект – а тоа е Македонија земја на млади луѓе. Токму тоа е целта на овие мерки кои ќе се преточат во закони и за кои очекувам поддршка од сите пратеници во македонското собрание. Едно од најважните прашања за иднината на Македонија е токму ова за коешто зборував – потенцира Мицкоски.
Тој оцени дека УМС на ВМРО-ДПМНЕ е тој расадник на млади луѓе, генерацијата по нас која треба да води.
-И затоа сакам да ви кажам нешто што го сметам за особено важно. Не дозволувајте неуспехот да ве поколеба. Тој може да биде лекција, но не мора да биде пресуда. Не дозволувајте критиката да ве обесхрабри, туку научете да разликувате критика од која можете да напредувате од критика што нема никаква конструктивна вредност. Не дозволувајте туѓите очекувања да бидат единственото мерило за вашиот успех. Поставувајте сопствени цели. Работете за нив. Бидете дисциплинирани и останете доследни на вредностите во кои верувате. И никогаш не заборавајте дека личниот успех добива уште поголема вредност кога создава можности и за другите – рече Мицкоски.
Тој им порача на младите да не чекаат совршени услови за да започнете нешто вредно, туку да создаваат можности со својата работа.
-Не дозволувајте неуспехот да биде крај на вашите амбиции. Претворете го во искуство што ќе ве направи посилни. Не дозволувајте стравот да биде поголем од вашите соништа. И никогаш не дозволувајте рамнодушноста да ја замени надежта. Бидејќи секоја генерација добива една неповторлива можност да остави трага во времето. Секоја генерација добива свои предизвици, добива свои битки. И секоја генерација мора сама да одлучи какво наследство ќе остави – рече Мицкоски.
Тој истакна дека нека нашето наследство биде знаењето, чесната работа, новите можности, нека нашето наследство биде Македонија во која секој млад човек ќе има причина да верува во сопствената иднина.
-Затоа што иднината нема да ја создадат нашите изговори, нашите стравови, нашите сомнежи. Иднината ќе ја создадат нашите идеи, нашата работа, нашите дела! И запомнете, големината на една генерација не се мери според тоа колку лесно време наследила, туку според тоа колку подобро време оставила зад себе. Нека тоа биде нашата цел. Нека тоа биде нашата одговорност. Нека тоа биде нашето наследство. Затоа што иднината не започнува утре! Иднината започнува денес и таа иднина ја градиме сите заедно! Вашата генерација за нашата Македонија. Да живее УМС на ВМРО-ДПМНЕ! Да живее младоста! Да живее Македонија! – рече Мицкоски на крајот од своето обраќање.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Мицкоски: 20 проценти поголеми средства за студентски…
Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски,…
Вториот пензиски столб не се укинува: Велковски…
Вториот пензиски столб нема да се укине,…
Канал 12: Нетанјаху можеби разгледува удар врз…
Израелскиот опозициски лидер Авигдор Либерман стравува дека…
ЗНМ ги осудува заканите по живот упатени…
„Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) остро…
„РУСИЈА ИМА 11 ВРЕМЕНСКИ ЗОНИ – КАКО…
Францускиот левичарски политичар Жан-Лик Меланшон предупреди на…