Објавено на:

Морињата никогаш не биле потопли: Нови температурни рекорди во Европа

t

Во јуни и јули во западна Европа беше потопло од кога било досега во овие два летни месеци. Просечната температура во регионот, во кој спаѓа и Германија, изнесувала 21,62 степени Целзиусови, соопшти во Бон службата за климатски промени на програмата на Европската Унија „Коперник“. Тоа е за 2,79 степени повеќе од долгорочниот просек за јуни во периодот од 1991 до 2020 година.

Сепак, „Коперник“ укажува на изразен температурен контраст меѓу западна и источна Европа, како и Скандинавија, каде што било значително посвежо. И податоците за Германија покажуваат дека југозападниот дел од земјата бил многу потопол од североисточниот.

За цела Европа, изминатиот месец со просечна температура од 20,49 степени бил само единаесеттиот најтопол јули досега. На глобално ниво, пак, заедно со 2024 година, тој бил вториот најтопол јули со околу 16,90 степени. Рекордот и натаму го држи јули 2023 година со 16,95 степени. На глобално ниво, минатиот месец бил за 1,47 степени потопол од прединдустриското ниво на јули.

За западна Европа, „Коперник“ ја нагласува и исклучително долготрајната жештина која трае од крајот на пролетта. Од мај досега се регистрирани четири топлотни бранови, што е невообичаено многу за овој регион. Податоците што ги користи „Коперник“ се достапни од 1950 година наваму, а делумно и од порано.

Жештината и сушата меѓусебно се засилуваат

Екстремната суша продолжила во многу европски региони. Како и во јуни, а делумно и во мај, и јули бил посув од просекот во многу области. Ова особено погодило делови од Иберискиот Полуостров, Франција, Германија, Австрија, Унгарија и Обединетото Кралство. Според податоците, влажноста на површинскиот слој на почвата во Западна Европа била значително пониска отколку во сушниот јули 2022 година.

„Кога почвата се исушува, таа ја губи способноста природно да обезбедува разладување, па топлината уште полесно се акумулира“, вели Саманта Барџес, стратешка директорка за клима во „Коперник“. „Ова е јасен пример за тоа како климатските промени ги засилуваат екстремните топлотни настани: жештината и сушата меѓусебно се поттикнуваат.

Рекордни вредности и во морето

Нивото на реките било значително под долгорочниот просек во голем дел од погодените сушни региони, а на одредени места достигнало и исклучително ниски вредности. Особено погодени биле Сена, Рајна и Дунав.

Рекордно низок водостој на Рајна

И светските мориња се загреале до рекордни нивоа. Температурата на површината на морето во јули, според податоците, била највисока досега откако се водат мерења за овој месец. Просечната температура достигнала 20,96 степени. Претходниот рекорд од 20,89 степени потекнува од јули 2023 година.

Овие мерења се однесуваат на морињата надвор од поларните региони. „Коперник“ укажува на моментално високите температури во екваторијалниот Пацифик, како последица на почетокот на климатскиот феномен Ел Нињо, кој во наредните месеци веројатно дополнително ќе се засили.

Долж атлантскиот брег и во западниот Медитеран температурите на водата достигнале рекордни вредности, проследени со силни морски топлотни бранови.

„Коперник“ редовно објавува податоци за температурите на површината на Земјата, морскиот мраз и врнежите. Овие сознанија се засноваат на компјутерски анализи во кои се вклучени милијарди мерења од сателити, бродови, авиони и метеоролошки станици ширум светот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Македонија ќе биде потопла и посува: Климатските…

Во следните две децении климатската промена во…

Бака ја прифати номинацијата за претседател на…

Андраш Бака (73) ја прифати номинацијата на…

Зеленски: Пристигнуваат до 50.000 војници од Северна…

„Севернокорејците се појавуваат на територијата на Руската…

Германија предупредува на секојдневна „хибридна војна“ по…

Германија се соочува со хибридни напади од…