МРСА пронајдена кај вработена во прилепската болница – Директорот вели дека се преземени сите мерки и ситуацијата е под целосна контрола
До редакцијата на Инфомакс денес пристигнаа информации дека кај вработен во прилепската болница при редовните контроли е пронајдена бактерија. Според нашите извори се работи за бактеријата МРСА, иако од болницата не наведуваат за која точно бактерија се работи.
Директорот на прилепската болница, Д-р. Кире Јоноски, за Инфомакс вели дека ситуацијата е под контрола, се работи за изолиран случај, а дополнителните проверки покажале дека ниту еден друг вработен ја нема бактеријата.
Во продолжение во целост го пренесуваме неговиот одговор:
- Во врска со интересoт за резултатите од неодамнешните микробиолошки контроли во нашата установа, ве информираме со цел правилно разбирање на протоколите за болничка безбедност:
1. Контролата е знак за одговорност, а не за инцидент ЈЗУ Општа болница Прилеп спроведува редовни, плански и вонредни контроли на „живата и неживата средина“. Тоа подразбира земање брисеви од персоналот, опремата и просториите. Откривањето на бактерија при ваква контрола не е „пропуст“, туку потврда дека системот за надзор работи ефикасно и ги детектира потенцијалните ризици пред тие да станат проблем за пациентите.
2. Бактериите се реалност во секоја здравствена установа во светот
Во секоја болница во светот постојат бактерии. Разликата меѓу одговорна и неодговорна установа е во тоа што одговорната установа (како нашата) сама врши проверки за да ги лоцира и неутрализира. Нашата мисија е нула толеранција кон инфекциите, што се постигнува токму преку вакви детални скрининзи.
3. Конкретната ситуација е под целосна контрола
Во конкретниот случај, се работи за изолиран наод кај вработен, откриен токму преку нашата редовна контрола. Веднаш се преземени сите протоколи:
Вработената е привремено отстранета од работниот процес. Извршена е вонредна дезинфекција и терминално чистење на одделот. Сите останати брисеви од просториите и инвентарот се негативни.
4. Апел за професионалност
Здравствените установи се места каде се лекуваат нашите сограѓани. Ширењето непотребна паника со информации извадени од контекст не помага никому. Болницата останува отворена за транспарентна комуникација, но потенцираме дека безбедноста на пациентите во ниту еден момент не била, ниту е загрозена.
Нашите тимови за контрола на инфекции продолжуваат со секојдневната работа за одржување на највисоките хигиенски стандарди. – стои во одговорот од директорот.
Информации побаравме и од директорот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, кој ни кажа дека Инспекторатот нема таква информација.
– Ваков податок немаме .Согласно закон за санитарна инспекција на секои 3 месеци вршиме редовен инспекциски надзор.
Доколку има МРСА или друг вид на бактерија комисијата за заштита од интрахоспитални инфекции на ниво на болничка установа се состанува, си презема мерки во соработка и со одделението за епидемиологија на надлежниот Центар за јавно здравје.
Кога вршиме редовен инспекциски надзор контролираме дали по добиени позитивни резултати од работни површини или воздух се состанала комисијата, презела мерки, зела контролни примероци од местата каде има изолати.
Ако има појава на интрахоспитална инфекција и тоа се пријавува до Центарот за јавно здравје. Една од мерките може да биде и вршење на вонредни здравствено хигиенски прегледи. – вели директорот, Д-р. Кирил Лазов.
Метицилин-резистентен стафилококус ауреус (МРСА), т.е стафилококус ауреус отпорен на метицилин, е група грам-позитивни бактерии, соеви од бактеријата Staphylococcus aureus, кои се отпорни кон речиси сите достапни бета-лактамски антибиотици. MRSA има значење во болниците и домовите за нега во предизвикувањето на низа на инфекции кои се тешки за лекување.
Во клиничката употреба често се зборува за мултирезистентен стафилококус, поради тоа што повеќето од МРСА соевите се отпорни не само кон бета-лактамските антибиотици, туку и кон други групи на антибиотици.
МРСА е честа појава во болниците, затворите и домовите за стари лица, каде што луѓето со отворени рани, инвазивни уреди како катетри или луѓе со ослабен имунолошки систем се изложени на поголем ризик од инфекција. Во последно време се појавија и соеви кои се шират надвор од болнички услови па затоа сега се разликуваат следниве поими: МРСА стекната во болнички услови (HA-MRSA, healthcare-associated) МРСА стекната во заедницата (CA-MRSA, community-associated), како и МРСА која е поврзана со одгледување добиток (LA-MRSA, livestock-associated).
Во здравствените установи, изолирањето на носителите на МРСА еден од методите за спречување на преносот. Преку брзото тестирање со помош на бактериска култура, тестирањето на антибиотската осетливост, како и молекуларното тестирање (на пр. со помош на методата на полимеразно верижна реакција) се овозможува индентификување на носителите на МРСА, а со тоа и намалување на стапката на заразување. Особено е важно да се тестираат пациентите во овие услови бидејќи 2% од луѓето носители на МРСА. Во поголем дел од случаите на носители на МРСА, бактеријата опстојува во ноздрата (носот), но пациентот не покажува никакви симптоми.
За да се утврди населување (колонизација) со МРСА, потребно е земање на брис од различни површини на телото, особено од ноздрите. S. aureus припаѓа на популацијата бактерии кои само привремено ја населуваат кожата (т.н. транзиентна флора на кожата). Стафилококите особено се населуваат на повлажни места, на пример ноздрите, грлото, на долготрајни (хронични) рани, како и места каде што е поставен катетар. Земените примероци се нанесуваат на специјални агарни медиуми за култивирање на бактеријата, кои содржат и антибиотска супстанца, на пример метицилин или цефокситин. Се работи за аграни плочи со селективен диференцијален медиум кој овозможува раст на колониите на МРСА. По одредено време на култивирање, можат да се забележат, во случај на присуство на МРСА, розови до лиласти бактериски колонии.
Во комбинација со дополнителни санитарни мерки за лицата кои се во контакт со заразени лица, се покажало дека скринингот со помош на брисеви на пациентите примени во болница е ефикасен за намалување на ширењето на МРСА.
За да се спречи ширењето на МРСА, препораките се темелно и редовно миење на рацете користејќи сапун и вода или средство за дезинфекција на база на алкохол. Дополнителни препораки се раните да се чуваат чисти и покриени, да се избегнува контакт со рани на други луѓе, да се избегнува споделување лични предмети како што се жилети или крпи, туширање после вежбање во спортски објекти и туширање пред користење на базени или џакузи.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
МРСА пронајдена кај вработена во прилепската болница…
До редакцијата на Инфомакс денес пристигнаа информации…
Тројца прилепчани уапсени кај Чашка, пукале од…
На 08.02.2026 во 10:15 часот кај место…
ОЈО ја товари екс – директорката на…
Основното јавно обвинителство Прилеп поднесе Обвинителен акт…
(Видео) Работници од Индија за првпат видоа…
Снежната покривка во Прилеп донесе несекојдневна сцена…
Првпат во Прилеп изведена животоспасувачка тромболиза кај…
Денес, на Одделот за неврологија при Невропсихијатриското…