Муцунски: Дијалогот што го водиме со Софија има поддршка од институциите на ЕУ и земјите членки

t

Дијалогот што во моментов се води околу отворените прашања меѓу Скопје и Софија има поддршка од европските институции и земјите членки на Европската Унија (ЕУ), изјави денеска шефот на на македонската дипломатија Тимчо Муцунски, при што додаде дека земјава во овој процес останува на своите, како што кажа, јасни и принципиелни позиции.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, ова го кажа одговарајќи на новинарско прашања на заедничката прес-конференција со швајцарскиот министер за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ, Ињацио Касис, а во врска со изјавата на еврокомесарката за проширување Марта Кос дека Унијата помага во дијалогот меѓу Македонија и Бугарија.

„Во однос на прашањето со Бугарија, мислам дека прилично јасно кажавме дека во моментот работиме на дијалог за кој, како што слушнавте од претставниците на Европската Унија, имаме поддршка и од европските институции и од земји членки“, изјави Муцунски.

Шефот на дипломатијата повтори дека позициите на македонската страна се јасни и принципиелни и дека сите разговори што се водат во моментот, како и оние во изминатите две години, се засноваат на ставови што јасно им биле претставени на европските партнери.

Повод за прашањето до Муцунски е изјавата на еврокомесарката за проширување Марта Кос, која на прес-конференцијата во Брисел на 4 ноември, по претставувањето на пакетот за проширување, на новинарско прашање за ангажманот на Европската комисија во надминувањето на отворените прашања меѓу Скопје и Софија одговори дека ЕК прави многу за односите меѓу двете земји, но не кажува сè во врска со тоа.

„Ние правиме многу за односите меѓу Северна Македонија и Бугарија, но не кажуваме сè“, изјави Кос во средата.

Имено, прашана зошто не е повидлив нејзиниот ангажман во напорите за надминување на отворените прашања меѓу Македонија и Бугарија, Кос посочи дека постојат активности што Европската комисија ги презема, но не ги објавува во јавноста.

Претставувајќи го пакетот за проширување за 2026 година, Кос повтори дека за деблокирање на пристапните преговори и отворање на првиот кластер „Основи“, Северна Македонија треба да ги усвои уставните измени договорени во 2022 година, со кои е предвидено внесување на малцинствата во Уставот.

На седницата на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (ЕП), пред кој беше претставен извештајот, известувачот за Македонија во ЕП ја повика еврокомесарката Марта Кос да вложи дипломатски напори за надминување на билатералниот спор меѓу Македонија и Бугарија посочувајќи ги Хрватска и Црна Гора како позитивен пример за решавање на отворените прашања преку дијалог.

Тој оцени дека билатералните прашања не треба да го попречуваат напредокот во пристапниот процес и дека единствениот излез од ќор-сокакот е владите во Скопје и Софија да седнат на иста маса и да разговараат.

Муцунски во денешниот одговор на новинарското прашање не прецизира колку би траел дијалогот со Софија ниту дали во рамките на разговорите се очекуваат конкретни рокови.

Шефот на дипломатијата минатата недела на прес-конференцијата со својот словачки колега Јурај Бланар, кој беше во официјална посета на земјава, одговарајќи на новинарско прашање, кажа дека засега не е планирана нова средба со бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова. Сепак, како што додаде, средба е можно да се случи на маргините на некој министерските состаноци на НАТО и ОБСЕ закажани во декември годинава. Дополнително, Муцунски рече дека Македонија очекува да биде домаќин на состанокот на Платформата за соработка на земјите од Југоисточна Европа, истиот месец, што исто така ќе биде можност за средба со Петрова-Чамова.

На следната средба, тој рече дека со Петрова-Чамова очекува да разговараат како за европскиот пат на земјава така и за одредени прашања поврзани со однесувањето на официјална Софија кои ја загрижуваат нашата држава, алудирајќи на случајот со бегството на Ива Михаилова.

Последната средба на Муцунски и Петрова-Чамова се случи на 8 октомври во Софија на маргините на министерскиот состанок посветен на Коридорот 8. Средбата помине без поместувања во позициите на двете земји.

Муцунски по состанокот изјави дека тој поминал во конструктивна атмосфера и позитивен дух, но без решение за суштинските прашања, додека неговата бугарска колешка порача дека Софија ја поддржува европската перспектива на Северна Македонија и очекува земјата да ги исполни обврските преземени во 2022 година, вклучително и уставните измени.

Средбата се одржа по македонска иницијатива, а на идеја на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Муцунски: Дијалогот што го водиме со Софија…

Дијалогот што во моментов се води околу…

ГОЛЕМ САЈБЕРНАПАД ВРЗ ФРАНЦУСКА БАНКА: Исчезнале 100…

Француската банкарска групација „Креди Мутуел Аркеа“ (Crédit…

Мицкоски: Да не правеше СДСМ егзибиции уставните…

Премиерот Христијан Мицкоски очекува следната година Македонија…

Славески за клиентите на Алта банка: Повисок…

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, најави…

ИРАН СЕ ЗАКАНУВА СО РАКЕТНИ НАПАДИ ВРЗ…

Иран упати сериозни закани за ракетни напади…