Нафтените гиганти бележат рекордни профити додека цените на горивата драстично растат
Добивките се удвоени, утроени, па дури и петкратно зголемени: касите на нафтените компании се полнат. Британскиот нафтен концерн БП денеска (4.08) ги претстави своите резултати за второто тримесечје, пренесува Дојче Веле. Високите цени на нафтата, како последица на војната со Иран, му донесоа значителен скок на добивката на БП. Нето-добивката се искачи на околу 5,7 милијарди долари. Приходите пораснаа за 47 проценти и достигнаа 70,1 милијарда долари.
Високите добивки имаат и последици: новата директорка на БП, Мег О’Нил, е на функцијата од април и веќе поставува нови приоритети. Менаџерката планира дополнително оддалечување од досегашната стратегија за обновливи извори на енергија. Така, БП започна процес за продажба на својот американски биогас-бизнис, компанијата Archaea, која беше купена во 2022 година за 4,1 милијарда долари.
Компаниите повеќекратно ги зголемуваат добивките
Фосилната индустрија моментално остварува огромни профити. Концерните профитираат од турбуленциите на пазарот и од намалената понуда на нафта поради блокадите на Ормускиот Теснец. Не растат само цените на суровата нафта, туку значително се зголемуваат и цените на рафинериските производи како дизелот и керозинот.
Затоа конкурентот на БП, Шел, ја утрои својата добивка на 10,8 милијарди долари. Американските концерни ЕксонМобил и Шеврон исто така се уверливи за инвеститорите. ЕксонМобил ја удвои добивката на 14,5 милијарди долари. Шеврон, пак, успеа дури петкратно да ја зголеми добивката на 12,1 милијарда долари.
Дури и американскиот претседател Доналд Трамп критички се осврна на ваквите профити. Тој изјави дека нафтените компании заработуваат „премногу пари“ и дека тоа не му се допаѓа. Зашто војната со Иран, која не ужива голема поддршка во САД, носи и несакани последици за него. Цените на горивата таму пораснаа за повеќе од 37 проценти. Пред изборите за Конгресот во ноември, незадоволните потрошувачи не се нешто што Трамп и Републиканската партија го посакуваат.
Цените на горивата „драстично“ пораснале
Цените на горивата претставуваат проблем за потрошувачите и во Германија. Според анализата на автомобилскиот клуб АДАЦ, тие во текот на јули „драстично“ се зголемиле. АДАЦ посочи дека цената на суровата нафта по барел, по нов раст над границата од 100 долари до 23 јули, потоа, до крајот на месецот, повторно паднала значително под 90 долари. Меѓутоа, тоа не се одразило врз цените на горивата, кои „не се намалиле соодветно, па дури и продолжиле да растат“, соопшти автомобилскиот клуб.
Во моментов со ова прашање се занимава и Сојузната канцеларија за заштита на конкуренцијата (Bundeskartellamt). Институцијата, според сопствените наводи, напредува во проверката на цените на горивата што ги наплатуваат рафинериите. Сепак, од картелската служба не најавуваат брзи резултати. Таа, како што наведуваат, „не е инструмент за државна регулација на цените и не може директно да ги намали цените на горивата“.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Нафтените гиганти бележат рекордни профити додека цените…
Добивките се удвоени, утроени, па дури и…
Поради украинските напади, рускиот гигант Wildberries се…
Најголемиот руски онлајн трговец „Wildberries“ започна изградба…
Николоски: Македонија и САД ќе ја интензивираат…
Министерот за транспорт, Александар Николоски, оствари средба…
Косово бара од ЕУ да изврши притисок…
Главниот косовски преговарал Аргон Бајрами денеска побара…
Зошто Украина е загрижена од мостот меѓу…
На рускиот Далечен Исток, надвор од фокусот…