НА ЕВРОПА Ѝ СЕ БРЗА ДА ОТВОРА РУДНИЦИ ЗА КРИТИЧНИ МИНЕРАЛИ, ИЛОВИЦА ЧЕКА – Трет повик до крајот на годинава, дозволи ќе се издаваат најдоцна за две години

t

Европската комисија планира да објави нов повик за поднесување пријави за стратешки проекти за критични минерали кон крајот на 2026 година. Од Комисијата информираат дека државите членки ќе продолжат да ги поддржуваат ваквите проекти преку своите единствени контакт-точки, како и преку поедноставени и предвидливи постапки за издавање дозволи.

– Стратешките проекти имаат корист од поедноставен и предвидлив систем за издавање дозволи, во согласност со Директивата за критични суровини. Благодарение на оваа Директива, земјите-членки воспоставија „единствени контакт-точки“ кои им помагаат на носителите на проекти низ процесот на добивање дозволи. Според Директивата за критични суровини, постапката за издавање дозволи не треба да надминува 27 месеци за проекти за експлоатација и 15 месеци за други видови проекти, при што се применуваат условите утврдени во законодавството на ЕУ и во националното законодавство – информираат од ЕК.

Додека Европа засилено го крати периодот за издавање дозволи за рударски проекти и повикува на привлекување инвестиции, во Македонија има само една сериозна инвестиција за проект за критична суровина. Станува збор за рудникот за бакар во Иловица. Оваа инвестиција сѐ уште не е реализирана, иако се изминати повеќе од 22 години од дозволата за геолошки истражувања на наоѓалиштето, издадена во 2004 година. Подоцнежните истражувања покажаа дека е возможно просечно годишно производство до 16.000 тони бакар. Животниот век на рудникот е предвиден да трае 23 години.

Инаку, како што додаваат од Брисел, стратешките проекти за критични минерали мора да бидат во согласност со важечкото законодавство на ЕУ и националното законодавство во областа на животната средина. Побрзото издавање дозволи има за цел да ги направи постапките поефикасни и попредвидливи, а не да ги намали еколошките или социјалните стандарди, бидејќи тие се исто така дел од критериумите што се користат за проценка на проектите за добивање статус на стратешки проект. Од Комисијата информираат и дека активно се работи на основањето на единствен Центар за критични минерали на Европската Унија.

– Ги утврдуваме подготвителните работи за Центарот за управување со ресурси на ЕУ. Комисијата ќе соработува со ко-законодавците за најдобро да го дефинира потребниот правен мандат за функциите што ќе ги извршува Центарот, вклучително и неговата улога во поддршката на стратешки проекти, складирањето, финансирањето и анализата на синџирот на снабдување. Како што претходно најави претседателката Фон дер Лајен, Европската корпорација за критични суровини ќе ги здружи јавните и приватните инвестиции, придонесувајќи за оперативниот капацитет што му е потребен на Центарот за да ги постигне целите на ЕУ за безбедност на снабдувањето, диверзификација и поддршка на критичните индустрии – соопштија од Комисијата.

Веста дека ЕУ ќе објави трет повик за стратешки проекти за критични минерали, беше објавена веднаш штом беа избрани 46 проекти од вториот повик, па сега севкупно се 106. Ваквите активности ги поздрави и Европската асоцијација за рударската индустрија.

– Патот кон европската автономија е поплочен со критични суровини. За да ја обезбедиме нашата иднина, мораме да ги усогласиме нашите еколошки амбиции со практична посветеност на домашното производство и поедноставени инвестициски процеси – изјави Ролф Куби, генерален директор на „Еуромајнс“.

Во соопштението од ЕК се заклучува дека Унијата не може, ниту пак има за цел, дома да ги произведува сите суровини што ѝ се потребни – „увозот и понатаму ќе претставува важен дел од снабдувањето на Европа“. Според нив, целта е да се зголемат европските капацитети, да се диверзифицираат изворите на снабдување и да се намали прекумерната зависност од поединечни добавувачи.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

НА ЕВРОПА Ѝ СЕ БРЗА ДА ОТВОРА…

Европската комисија планира да објави нов повик…

ЕКО-АКТИВИСТИ ИЛИ АНАРХИСТИ?! Борците против рудници во…

Не запираат двосмислените пораки кои ги испраќаат…

РУДАРЕЊЕТО ВЕЌЕ НЕ ЈА ЗАДОВОЛУВА ПОБАРУВАЧКАТА НА…

Бакарот е клучен критичен минерал чија растечка…

„ИЛОВИЦА-ШТУКА“ МОЖЕ МНОГУ ЛЕСНО ДА БИДЕ ИЗДРЖАН…

Сега е моментот да се приклучиме кон…

ОТВОРАЊЕТО НА РУДНИКОТ ВО ИЛОВИЦА ЌЕ ДОНЕСЕ…

„Иловица е рудно тело коешто има исклучително…