На работа во 08.00, дома во 22.00 – несекојдневниот пример на Данела Арсовска
„Добар ден градоначалничке, тука е Александар од Инфомакс, кога би можеле да се видиме, би сакал да поразговараме околу состојбите во градот и вашите идни планови?“ – вака започна мојата комуникација со градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, за која досега немав стекнато никаков посебен впечаток, освен дека се работи за жена борец, човек кој не се задоволува да биде следбеник туку лидер.
Не се излажав во мојата проценка.
„Александар, презафатена сум во моментов, може ли да оставиме за утре во 17.00 часот“, беше одговорот на Арсовска на мојата порака. Прифатив, мислејќи дека обврската да разговара со новинар ја остава последна на крајот на денот, така и се подготвував. Неколку блиц прашања, чии одговори највеќе ја интересираат јавноста.
Некаде околу 16.50 пристигнав во просториите на градот Скопје, надлежните веќе знаеа дека доаѓам, и веднаш ме упатија кон кабинетот на градоначалничката. Ја начекав во купишта хартии, и неколку од нејзините најблиски соработници. Ме остави да почекам некоја минута, додека ги распределуваше работните задачи.
Велам, „машала се работи и после работно време“, мислејќи дека налетав на несекојдневна ситуација, на ден пред седницата на Советот на град Скопје на која треба да се носи годишниот буџет на градот.
Вели, „Александар, ова е секојдневна ситуација откако сум јас тука“. На излегување, нејзините соработници, потврдно, промрмореа – демек тоа е тоа.
Искрено не очекував да налетам на таква ситуација, особено не, по секојдневниот наратив на владејачката СДСМ и неколку нивни сателит „медиуми“ кој не пропуштаат шанса да кажат дека Данела Арсовска „не ја бивало“ или била „неспособна“. Напротив.
Седнавме да разговараме, велам, јас ќе ви поставувам прашања и ќе земам забелешки – пукај, вели.
Нормално, првото прашање – проекти, навистина ли се уште немате спроведено ниту еден проект како што тврди владејачката СДСМ?
– Александар, сите овие хартии што ги гледаш околу мене се проекти. Овие проекти влегуваат во буџетот за идната година. Градот во овој момент е презадолжен за спроведување на било каков нов проект, благодарение на претходната администрација. Сепак, не се согласувам со тврдењата на владејачката партија, во овие 50 дена исчистивме 120 диви депонии, воведовме 24-часовна градска администрација, бесплатен јавен превоз за пензионерите, започнавме со изградба на пристапни рампи до сите градски институции и јавни претпријатија.
На што е направен долгот?
– Оној друг куп хартии, на другата страна на масата, е документација која ја чешламе. Таму се сите јавни набавки на претходната администрација. Нема ништо да тврдам засега, но, ќе ти кажам само дека Петре Шилегов на тендер доделил 30.000 евра за кафани. И тоа, не за една туку за три кафани. Тоа ви кажува на што се трошеле парите претходно. Непродуктивни трошења за лични хирови. Кажи ми, чини ли онаа веб-страница на градот Скопје 65.000 евра? За се ова ќе има ревизија.
Како тоа, 30.000 евра на кафани, ќе ги раскинете тие договори се надевам?
– Не, нема да ги раскинам договорите, но тие пари и тие кафани отсега ќе работат за граѓаните. Од почетокот на идната година, овие пари ќе се трошат за граѓаните – планираме за тие 30.000 евра трите кафеани секоја недела барем три пати во неделата да подготвуваат оброци за нашите најсиромашни граѓани. Наскоро ќе го најавиме тој проект, и ќе ги повикаме и оние кои се заинтересирани да се вклучат во оваа акција.
Загадувањето, што со тоа?
– Системски решенија се потребни за да се спречи загадувањето. Јас нема да замачкувам очи и да терам гол Пи-Ар. Почнуваме со реализација на проект за целосна контрола и мониторинг на познатите загадувачи во градот Скопје. Дивите депонии ќе бидат под 24-часовен видео надзор, ќе ја зголемиме и контролата преку зголемување на капацитетите на инспекциските служби. Фамозниот дрон, конечно ќе го ставиме во функција, а се подготвува и апликација за граѓаните која ќе можат 24 часа на ден да пријавуваат загадувач, и во секое време од денот на терен да излезе градска служба која ќе исконтролира. Јавниот превоз станува бесплатен. Најавив и нулта толеранција за загадувачите, нема да има привилегирани – секој што ќе биде фатен како загадува, ќе плати казна.
Кафеани, репрезентација, службен автомобил, обезбедување – колку пари се потрошени до сега на тоа, и дали и вие ќе ги користите овие привилегии?
– Јас на работа доаѓам во 08.00 секој ден. Некогаш со такси, некогаш со автобус, некогаш пеш или ме превезува сопругот. Пред 22.00 часот ретко си заминувам. Дома, најчесто се враќам пеш. Така ми е најубаво. Јас сум дел од овој град и кога се движам пеш најубаво и го доживувам. Од другастрана пак, апелирам граѓаните што почесто да се движат без автомобил, каков пример би била јас ако и самата не го правам тоа. За тоа колку пари се трошени до сега на тоа, нема да шпекулирам сега, наскоро ќе бидете запознаени со точните суми – можам само да најавам дека сумите се астрономски.
Тука некаде го завршивме разговорот, веќе беше 19.00 часот кога Арсовска рече, да довршам уште некои работи и си заминувам.
Прашав, „пеш ќе си одите“?
Одговори потврдно.
Можеби звучи како пофалба, но, додека чекав не можев а да не констатирам дека се работи за нормален човек, еден од нас. Човек кој работи за да ја сработи работата, а не да ги ужива привилегиите. Нормален човек со огромна хумана димензија. Одговорно тврдам, нема врска приказната за некаква арогантност која се обидува да ја пласира СДСМ и нивната пропагандна фабрика. Напротив, сретнав срдечен и скромен човек, воркохолик и технократ.
Излезе од просториите на градот во точно 21.50 минути. Ја фотографирав, иако ме замоли да не правам фама од ситуацијата. Одбив, од проста причина што во мојата досегашна работа за прв пат сретнувам човек кој не влегува во филм уште од првиот ден, човек за кој функцијата е обврска – секојдневно докажување дека примерот за граѓаните се токму тие, функционерите.
A.Митовски
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
ОБИД ЗА УБИСТВО НА БЕНЗИНСКА ВО СКОПЈЕ!
СВР Скопје поднесе кривична пријава против А.А.(34)…
Тешка кражба во Скопје
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против…
(Видео) ЕКСКЛУЗИВНИ ДЕТАЛИ ЗА СКАНДАЛОТ НА СКОПСКИОТ…
Во вечерашната вонредна епизода на „Тешки муабети“…
(Видео) Андов: Ќе тужам за незаконското разрешување…
Ќе тужам поради незаконското разрешување од позицијата,…
Се намалува цената на парното во Скопје
Од први август скопјани ќе плаќаат пониска…