Нема скратување на боледувањата, а контролите нема да значат задолжително седење дома, уверува Перински

t

Генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Златко Перински, вели дека предложените измени на правилата за боледување не го ограничуваат правото на пациентите и дека матичниот лекар и понатаму ќе може да утврди привремена спреченост за работа до 15 дена.

„Не кратиме ниту еден ден боледување. Тоа е најважното нешто што граѓаните треба да го знаат“, вели Перински.

Тој во интервју за „Република“ објасни дека петте дена кои предизвикаа реакции во јавноста не се максималното времетраење на боледувањето, туку период во кој лекарот може да го утврди боледувањето без дополнителни критериуми за конкретната дијагноза.

„Ако по петтиот ден здравствената состојба на пациентот бара продолжување на боледувањето, матичниот лекар и понатаму може да го утврди до 15 дена“, вели Перински, додавајќи дека за период подолг од 15 дена одлучува лекарската комисија на Фондот.

Во однос на критериумите, тој вели дека матичниот лекар останува клучен во медицинската проценка, а појасните правила треба да го заштитат и од притисоци од пациентите.

„Не би сакал целата реформа да ја сведеме на споредбата ‘седум или пет дена’. Клучната бројка е 15 – и тука нема промена,“, посочува Перински.

Тој најавува и контроли во домовите, но нагласува дека пациентите на боледување нема да мора постојано да бидат дома.

„Апсолутно не. Тоа би било и медицински нелогично“, вели Перински, објаснувајќи дека контролите ќе зависат од здравствената состојба и препораките на лекарот.

Според него, доколку пациентот не биде затекнат дома, тоа автоматски нема да се смета за неправилност, бидејќи ќе може да го образложи отсуството.

Перински додава дека со самото усвојување на Правилникот нема автоматски да започне новиот начин на контрола во домовите. Доколку Правилникот биде усвоен, ќе следува подготовка и усогласување на Упатството за контрола, со кое треба детално да се утврдат условите и постапката.

Со МВР, пак, се разговара за можностите за институционална соработка, а евентуалното користење податоци би морало да биде во согласност со законите за заштита на личните податоци.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ