Никовски: Украина носи несогледливи последици за сите – Зошто ЕУ дозволува да биде политички вазал на САД?

t

УКРАИНА НОСИ НЕСОГЛЕДЛИВИ ПОСЛЕДИЦИ ЗА СИТЕ

Се случи најлошото коешто, сепак, беше неизбежно. Кога ќе тргне лавина, таа руши се’, до крај. Тоа важи и за сегашната војна во Украина. Европа (ЕУ) уште еднаш покажа дека е неспособна да се грижи за својата безбедност и дозволи американските интереси да ја запечатат нејзината иднина.

Кризата долго ќе трае, главна колатерална штета е Украина, која е уништена како држава, ама одма до неа е и Европа, која скапо ќе ја плаќа оваа крајно непотребна авантура. Од другата страна, САД ќе ги тријат рацете дека успеале. Ем Русија ќе биде преокупирана со своето соседство и (се лажат!) нема да ја загрозува нивната светска доминација, ем Европа нема да им биде конкурент. Тоа се сосема погрешни американски долгорочни планови, коишто сега се реализираат.

Тешко е да се оцени дали поголема штета и потешки последици ќе има Русија или Европа, ама во секој случај и двете ќе бидат тешко осакатени. При тоа, за разлика од Москва, која беше присилена вака да реагира и практично немаше избор, Брисел заглави од недостаток на политичка прагма и визија. Тоа е резултат на непотребната и преголема безбедносна зависност од САД (која, сепак, може да има и некакво оправдување), но и на тоталната политичката доминација на Вашингтон, која Брисел со ништо не може да ја оправда.

Не треба да има дилеми дека секоја војна мора да се осуди, вклучувајќи ја и оваа. Во никој случај не треба да се прифаќа решавање на било какви проблеми со употреба на оружје, преку мртви и разрушувања. Особено во 21 век, кога  старите историски стереотипи мораат да бидат веќе надминати. Но, не е така. На почетокот на 1990-тите, по распадот на СССР и по долгата студена војна, со која светот живееше речиси пола век, американскиот политиколог, Ф. Фукујама, дури напиша дека дошол крајот на историјата, што се покажа не само како наивно туку и – смешно.

Факт е дека ќе има историја, што значи и војни, се’ додека има луѓе на земјата. Тоа е реалноста, иако до скоро изгледаше дека, барем во Европа – војна не е повеќе возможна. Но, и тоа се покажа како нереално. Срамно е за Европа што, и по две светски војни кои го уништуваа стариот континент, се’ уште не ги извлече потребните поуки. Се’ покажа дека и ЕУ, која е создадена токму со цел да спречи нови војни, не е достојна на својата задача. Брисел доживува тежок пораз. Се виде дека, освен трговските дострели, нема капацитети за политички и, уште понагласено – безбедносни решенија.

Воопшто не е разбирливо зошто ЕУ дозволува да биде политички вазал и лакеј на САД, кога се во прашање европски проблеми, за кои тие мораат да бидат и надлежни, и главни. Се повторуваат приказните за нивната некадарност, коишто доминираа и за време на војните по распадот на Југославија.

И, да не забораваме: најсрамна европска приказна е Македонија и начинот на кој САД го уништуваат македонскиот народ, а Унијата продолжува да се прави отсутна дури и незаинтересирана. Во Брисел се крена огромна врева околу законот со кој Орбан, во Унгарија, не дозволуваше пропагирање на ЛГБТ заедницата по школите, ама бугарскиот национал – шовинизам, кој го игнорира постоењето на македонскиот народ, божем, не го забележуваат. Секако дека го нотираат ама ЕУ не смее да реагира бидејќи тоа е дел од интересите на САД. Тоа е жалосниот денешен политички и демократски калибар на Унијата.

Војни ќе има се’ додека е светот поделен а денес е тој, по многу што, по конфронтиран од порано. Униполарноста се’ уште не е спорна, ама не може да се игнорира дека и Русија и Кина се центри на светска моќ. Вашингтон сака  да остане се’ како што е, со нивна неспорна и тотална доминација и за таа цел е спремен речиси на секакви потези. Заради приближните воени капацитети, главна закана во моментот им е Русија која, по распадот на СССР и хаосот низ кој помина, на голема врата се врати во светската политика преку Сирија.

Кина е вториот – подолгорочен противник. Во последните 50-тина години, Пекинг постигна феноменален и во историјата не забележан брз економски напредок и посветено ги гради своите воени капацитети. Очигледна стратегија на Вашингтон е прво да ја онеспособи или, барем, ограничи Москва, присилувајќи ја да се занимава со своето соседство, за да може потоа да се концентрира на судирот со Пекинг. Големиот дипломатски стратег, Хенри Кисинџер, има оценето дека војната меѓу САД и Кина е – неизбежна. Ако до неа дојде, таа би била апсолутно превентивна, за да се спречи кинескиот напредок. Или, нешто слично како руската интервенција во Украина. Сепак, сегашната американска политика кон Русија,  започната со насилниот преврат во Киев, во 2014 година, е погрешна и тоа од повеќе аспекти.

Прво, со насилното исфрлање на Русија од Европа, коешто сега се случува преку Украина, Вашингтон неизбежно ја фрла Москва во прегратките на Пекинг. Тоа во никој случај не е поволно за идниот расплет меѓу САД и Кина. Напротив.

Второ, конфронтацијата меѓу Европа и Русија, којашто  добива долгорочен карактер, ги лимитира и така малите политички капацитети на Унијата и го спречува нејзиното безбедносно консолидирање. Факт е дека со тоа се зголемува нејзината зависност од САД ама е штетно за трајните американски интереси. Европа им е логичен партнер којшто се онеспособува. Без соработка со Русија, пак, Европа нема реални перспективи за некаква поширока светска улога.

Трето, Русија целосно ќе се сврти кон Азија, каде што ќе игра значајна улога и ќе биде посакуван партнер по многу што. Така ќе се доведе во прашање главната политичка доктрина на САД, дефинирана од Збигњев Бжежински дека – кој ја контролира Евро – Азија, тој го контролира светот. Во овој случај, Европа ќе биде неупотреблива а Азија под контрола на Русија и Кина. Најверојатно е дека и Индија ќе им се приклучи.

Четврто, протерана од Европа, Русија ќе бара нови сојузници и ширум светот, што повторно ќе ги загрози американските интереси. Полувековните, длабоко погрешни нивни политики кон Куба, го остават островот и понатака ранлив. Тука се Венецуела, Никарагва… а во ЛА има и други држави со исклучително негативни политички искуства со САД. Сите тие се отворени за нови влијанија. Да не зборуваме за Африка, оставена во 19 век, каде само Кина се обидува да помогне.

Веќе е јасно дека неприфатливото и непотребно американско жртвување на Украина, ја отвори Пандорината кутија, која никому нема да му донесе нешто добро, најмалку на САД. Светот влегува во нова етапа на својот развој, исполнета со многу неизвесности. Украина е нов меѓник – до и по неа.

Руската интервенција во Украина крена огромна врева ама слични настани има доста често. Но, тие се главно од интерес на западните „демократии“, а никој нема пропагандни машинерии на ниво на нивните, за да го манипулира светот. На пример, на ист начин, во 2003 година, САД извршија инвазија врз Ирак, со објаснување дека има оружје за масовно уништување, кое го немаше. Иран и Северна Кореја се под остри санкции, заради нивните нуклеарни програми. Преку санкциите, заедно со сојузниците, САД практично водат војна со нив. Причина: ја загрозуваат безбедноста на соседите и  Вашингтон превентивно ги штити своите партнери. Токму истото сега го прави и Русија.       

Деновиве, Израел стрелаше ракети против бази на Хезболах во Сирија убивајќи цивили и рушејќи. Тоа често се повторува. Хезболах се бори на страната на легалниот сириски претседател, Ел Асад, ама Израел го смета за закана и превентивно го уништува. Никој не реагираше. Асад е со Русија, што значи душман. Израел има право да убива за заштита на својата безбедност, другите – не. Или, што се случува во Јемен каде, во 2014 година, започна граѓанска војна. Во директна соработка со САД, Саудиска Арабија постојано го бомбардира Јемен. Целта е да се спречи победата на Хутите, коишто се под влијание на Иран. Има 200 илјади мртви. Очигледно, демократијата, човековите права, меѓународниот правен поредок… сите тие „вредности“ – важат само кога се во интерес на тие што доминираат.

Овде нема да ја елаборираме кубанската ракетна криза од октомври 1962 година кога, заради советските ракети инсталирани на Куба, на 80-тина километри од американската граница, за малку не дојде до нуклеарна војна. За САД тоа беше безбедносна закана и заради тоа Куба, која е остров, беше месец и пол дена целосно блокирана од американски бродови. Без никаков влез и излез. За разлика, НАТО ракети може да има во Украина. Секоја планина има своја тежина.

На крај, пак да се вратиме на Украина. Повторно ќе се повикаме на Хенри Кисинџер, најголемиот дипломат на 20 век. По класичниот државен преврат во Киев, организиран од ЦИА во февруари 2014, кога го срушија легалниот претседател, Јанукович, бидејќи беше проруски настроен, во „Вашингтон пост“, на 6 март 2014, тој објави анализа во која констатира (цитати) – Западот мора да разбере дека за Русија, Украина никогаш не може да биде само странска земја; во 1954, Хрушчов, Украинец, го додели Крим на Украина; на Крим, 60% се Руси; западот на Украина е католички, истокот руски православен; на западот, украински јазик, на истокот, главно руски; ако Украина е дел од конфронтацијата Исток – Запад, Русија и Западот, ОСОБЕНО РУСИЈА И ЕВРОПА – нема да можат да соработуваат; САД треба да бара начин двата дела на Украина да соработуваат.

Помирување а не доминација; Путин е сериозен стратег, во рамките на руската историја; УКРАИНА НЕ ТРЕБА ДА ВЛЕЗЕ ВО НАТО. ТРЕБА ДА ЈА СЛЕДИ ПОЛИТИКАТА НА ФИНСКА (неутралност).

                                                                             Ристо Никовски

Март, 2022

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Њујорк Тајмс: Американските разузнавачки агенции велат дека…

Американските разузнавачки агенции велат дека членовите на…

“Демократска Бугарија” бара веднаш по составување на…

Поднесуваме предлог-одлука за испраќање воено-техничка помош за…

Украинците вријат-Путин потпиша: Нуклеарната централа “Запорожје” од…

Рускиот претседател Владимир Путин потпиша декрет со…

На Зеленски му е драго што Бајден…

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска разговара со…

Путин планира нуклеарен тест во близина на…

Се стравува дека рускиот претседател Владимир Путин…