Николовски за Трипуновски: Му поднесовме интерпелација зошто ги понижува, осиромашува земјоделците и им се заканува

t

Пратеникот на СДСМ и поранешен министер за земјоделство, Љупчо Николовски ги образложуваше причините зошто тие како пратеничка група поднеле интерпелација за министерот Цветан Трипуновски.

„Веќе две години земјоделците се жртви на неспособните и криминални политики на Министерството и на актуелниот министер. Наместо политики за развој на земјоделството, наместо повисоки субвенции, наместо да се креираат нови мерки за поддршка, наместо да се креираат нови програми, како што сето тоа го правевме претходно, во овие две години Трипуновски го доведе земјоделството до колапс – од незнаење, неспособност, злоба и со закани и притисоци. Се кратеше на сите страни, од сите програми и од сите мерки. Не само што се кратеше, туку цели мерки и програми за земјоделците се укинати или суспендирани. ВМРО и Трипуновски го претворија Министерството во своја приватна фирма за бизнис и партиски интереси, за доделување песок и сè она што ним им е битно. За две години не видовме ниту една развојна мерка, но затоа видовме куп криминални скандали под раководство на министерот – сето тоа врз грбот на земјоделците. Долга е листата на факти, докази и аргументи за комплетно неодговорното и криминално функционирање во овој период. Наша обврска е да направиме сè тоа да престане и земјоделците да бидат заштитени. Затоа пратеничката група на СДСМ, сите пратеници и коалицијата се потпишаа на интерпелација за работата на министерот Трипуновски. Покрај барањата на синдикатите, здруженијата и економско-социјалните партнери, кои јасно и гласно бараат оставка, денеска ова е и наша граѓанска обврска и должност како пратеници да иницираме постапка за интерпелација, да се изнесат сите факти и аргументи и да направиме сè овој министер да си замине“, рече Николовски.

Според него, Трипуновски не ги штити земјоделците, туку ги понижува и осиромашува.

„Ова е интерпелација поднесена од нашата пратеничка група и тоа за еден од најнеспособните министри – човек кој наместо да ги штити земјоделците, ги понижува, ги осиромашува и им се заканува. Сите тоа јавно и јасно го зборуваат. Интерпелацијата ја поднесуваме поради сериозни, континуирани и веќе процесуирани случаи на системска корупција невидена досега, злоупотреба на службената положба, кршење на законите и обврските на министерот дефинирани во законите, како и сериозно нарушување на функционирањето на Министерството и институциите во ресорот што го води. На оваа прес-конференција накратко ќе ги посочам бројните причини за оваа интерпелација. Прва и главна причина е корупцијата и скандалите. Најблиските соработници на министерот – директорот на Платежната агенција и директорот на Инспекторатот за земјоделство – беа фатени со рацете во медот, со 50.000 и 100.000 евра мито. Токму Инспекторатот, кој на предлог на оваа Влада беше ставен директно под капата на Министерството за министерот да има поголема контрола“, вели тој.

Ексминистерот го обвини актуелниот министер дека води катастрофални политики и оти крати поддршка за земјоделците.

„Ова не се изолирани случаи, туку јасен доказ за воспоставен систем на корупција. Затоа одговорност мора да има и веднаш мора да си замине овој министер, затоа што нема ниту кредибилитет, ниту авторитет, ниту право да ја води оваа институција со притворени и уапсени негови најблиски соработници. Мега-коруптивниот скандал со европските фондови предизвика најголем срам и бламажа на ниво на Европската Унија. Од најуспешна земја во искористеност на европските средства, особено во земјоделството, станавме земја со суспендирани 128 милиони евра од ИПАРД. Прво лажеше дека нема да има последици, па се обидуваше да ги сокрие одлуките на Европската комисија. Денес, со месеци, земјоделците немаат пристап до европските фондови. Од први станавме последни во регионот – со срам, корупција и мито. Катастрофалните политики и кратењето на поддршката се потврдени со факти. Минатата година, за првпат во историјата, со ребаланс се скрати буџетот за земјоделците. Наместо зголемување, имаше кратење. Се намалија субвенциите за тутунот од 100 на 80 денари, за сточарството од 12.000 на 8.000 денари по крава, како и за пченицата, оризот и речиси сите култури“, вели Николоски.

Обвини дека Владата нема пари, а министерот нема капацитет да се избори за земјоделците.

„Истовремено, единствената мерка е насочена кон големите компании. Лимитот на субвенции од 300.000 евра се зголеми на 1 милион евра – за неколку големи фирми, додека малите земјоделци остануваат без поддршка. Трипуновски ја укина авансната исплата на субвенции – мерка што ја користеа 60.000 земјоделци. Ги укина програмите за мали производители и реформата за продажба од куќен праг, преку која беа регистрирани над 4.000 оператори. Колапс доживеа и програмата за рурален развој – преполовена од над 20 на околу 10 милиони евра. Ниту еден трактор не е доделен во овие две години. Се укинуваат јавни повици, 2.500 земјоделци остануваат без поддршка. Нема напредок во капиталните проекти, во наводнувањето, во откупните центри. Дури и готовите проекти не се ставаат во функција. Се кршат закони. Не се објавуваат производни цени, иако тоа е законска обврска. Министерството функционира со мобинг, притисоци и деградација на професионалците. Резултатот е катастрофален. Земјоделците се оставени сами. Цените се под производствените трошоци. Пченицата, млекото, оризот, зелката, пиперката – сите се со загуба. Во време кога другите држави воведуваат нови мерки, кај нас имаме укинати програми, намалени субвенции и суспендирани европски средства. Дополнително, реформите во шумарството се стопирани, а шумскиот фонд е деградиран. Наместо развој – колапс. Наместо поддршка – грабеж. Овој министер нема капацитет, нема легитимитет и нема право да ја води оваа институција. СДСМ ќе бара политичка, а потоа и кривична одговорност за секоја штета, за секоја кражба и за секој криминал. Време е за одговорност и за правда“, посочи Николовски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Николовски за Трипуновски: Му поднесовме интерпелација зошто…

Пратеникот на СДСМ и поранешен министер за…

ВМРО-ДПМНЕ: На Филипче не му е јасно…

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека СДСМ и Венко…

СДСМ: Мицкоски ангажирал приватна разузнавачка агенција, следи…

Опозициската СДСМ преку соопштение обвини дека власта…

СДСМ поднесе интерпелација за Цветан Трипуновски поради…

Пратеничката група на СДСМ поднесе интерпелација за…

СДСМ поднесе кривична пријава против Мицкоски

Опозициската партија СДСМ информира дека поднела кривична…