Нова средба за Изборниот законик: Левица предлага компромис

t

Парламентарните партии на нова средба во Собранието денеска ќе се обидат да излезат од ќор-сокакот околу измените на Изборниот законик. Во фокусот на разговорите се гласањето на дијаспората, моделот на изборните единици и правилата за финансирање на изборната кампања.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ги очекува ставовите на СДСМ и ДУИ за нивниот предлог за воведување поштенско гласање на дијаспората. Според предлогот, целата постапка би била регулирана со подзаконски акт што Државната изборна комисија (ДИК) треба да го донесе најдоцна до 30 септември 2028 година. Од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека се подготвени да прифатат и една изборна единица како дел од поширок политички договор.

Левица бара компромис и една изборна единица

Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, вели дека е подготвен за политички договор со власта околу измените на Изборниот законик, но под услов да се воведе една изборна единица.

Во интервју за „Слободен печат“, тој порача дека компромисот мора да биде двостран. Тој предложи гласање по пошта на дијаспората да се примени како експериментален модел и тоа исклучиво на претседателските избори. Според него, претседателските избори се единствените избори за кои е потребен цензус на излезеност, а претседателот ја претставува државата во меѓународните односи, поради што дијаспората треба да има можност да учествува токму во изборот на шефот на државата.

Во однос на можноста за електронско гласање на дијаспората, тој изрази категорично противење, наведувајќи дека ваков модел применуваат само мал број држави. Тој предупреди и на можноста од злоупотреби при гласањето на иселениците, оценувајќи дека постојат сериозни ризици кои мора да бидат адресирани пред воведување на нов модел на гласање.

Клучен приоритет за Левица остануваат воведувањето една изборна единица и регулирањето на финансирањето на платеното политичко рекламирање.

„И хронично и акутно проблемот со македонското изборно законодавство е немањето една изборна единица. Ние, како партија која е најоштетена од овој изборен циклус, имаме право да го иницираме и тоа прашање да го кренеме високо на агендата. Еве колку за споредба, на изборите во 2020 година, кога Левица првпат стана парламентарна партија со двајца пратеници, со истиот број гласови, доколку постоеше една изборна единица, ќе имавме пет пратеници. Значи, на секои избори сме оштетени за три до четири пратеници од овој изборен модел“, заклучи тој.

СДСМ: Нема да дозволиме изборен грабеж
За измените на Изборниот законик, кои се наоѓаат во собраниска процедура, се поднесени околу 13.500 амандмани од СДСМ и Левица.

СДСМ веднаш го отфрли предлогот за електронско гласање, нагласувајќи дека не е против учеството на дијаспората во изборниот процес, туку против модел кој не обезбедува доволна сигурност, транспарентност и заштита на изборната волја. Од партијата остануваат на ставот дека по неуспешниот обид за воведување електронско гласање, сега се прави обид за наметнување поштенско гласање без доволни механизми за контрола и безбедност.

„Лага е дека СДСМ е против гласањето на дијаспората, бидејќи иселениците гласаат и сега. Ние сме против модел кој отвора врата за изборен грабеж и манипулација со гласовите на 200 илјади граѓани од дијаспората“, наведуваат од СДСМ.

Од партијата додаваат дека власта одбива ДИК со консензус да ги регулира овие процедури и прашуваат зошто се избегнуваат механизми што би обезбедиле поголема контрола и доверба во изборниот процес. „СДСМ нема да дозволи изборен грабеж. Власта треба да се повлече од овие намери и да достави нов предлог во кој ДИК со консензус ќе го регулира гласањето на дијаспората“, порачуваат од опозициската партија.

Премиерот Христијан Мицкоски деновиве изрази надеж дека сè уште може да се надминат несогласувањата со опозицијата и до 15 јули да се изнајде решение. Тој рече дека Владата и ВМРО-ДПМНЕ се подготвени да прифатат една изборна единица, па дури и барањата на Левица за повеќе пари за финансирање на кампањите на помалите партии, доколку тоа овозможи да биде донесен новиот Изборен законик.

Договор за распределба на средствата

Учесниците во работната група за Изборниот законик, според првичните информации, постигнале согласност околу моделот за распределба на буџетските средства наменети за изборите.

Според предлогот, бројот на пратеници ќе биде основен критериум за распределба на 97 проценти од средствата, додека 3 проценти ќе бидат наменети за партии кои немаат свои пратеници во Собранието. Согласно предложениот модел, 42 проценти од средствата би оделе за двете најголеми партии од власта, 42 проценти за двете најголеми партии од опозицијата, 8 проценти за партии со пратенички групи, 5 проценти за партии без пратенички групи и 3 проценти за вонпарламентарни партии и групи избирачи.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Нова средба за Изборниот законик: Левица предлага…

Парламентарните партии на нова средба во Собранието…

ДЕНЕСКА НЕВРЕМЕ ВО МАКЕДОНИЈА: УХМР утрово со…

Според најновата временска прогноза, денешниот ден во…

СДСМ: Не сме против гласање на дијаспората,…

Продолжуваат партиските преписки околу гласањето на дијаспората.…

Уметноста нема една боја – таа свети…

Уметноста нема една боја. Таа свети во…

Скопјани прават најмногу отпад: Македонското „малку ѓубре“…

Просечен Македонец лани направил 417 килограми ѓубре,…