Нова трамвајска несреќа во Сараево: Возачот бил дрогиран и имал истечена возачка дозвола – удрил две коли
Уште една трамвајска несреќа се случила во Сараево, во средата навечер трамвај предизвика сообраќајна несреќа судирајќи се со два автомобила, при што беа повредени двајца, а сараевската полиција потврди дека го привела возачот на трамвајот бидејќи било утврдено дека немал важечка дозвола за управување со тоа возило, а тестирањето покажало дека бил под дејство на дрога додека управувал, објави „Радио Сараево“.
„Возачот на трамвајот Н.К. првин беше тестиран на присуство на алкохол во организмот и резултатот беше негативен. Потоа беше тестиран на присуство на опојни дроги, при што беше утврдено дека е позитивен на недозволени супстанции,“ соопшти полицијата, најавувајќи дека поради тоа ќе следува прекршочна пријава против возачот, но и против одговорното лице во градското сообраќајно претпријатие ГРАС.
Дополнително се истражува како Н.К. воопшто можел да управува со трамвај кога му истекла дозволата, како што самиот им признал на полицајците.
Не е до трамвајот
Во последната несреќа учествувал целосно нов трамвај од швајцарскиот производител „Стадлер“, кој ГРАС го набавил лани, па неговата техничка исправност не е спорна, за разлика од стариот трамвај од чехословачко производство што излета од шините на 12 февруари.
Обвинителството на Кантонот Сараево сè уште се обидува да утврди како дошло до излетувањето, но дополнителен проблем претставува фактот што надзорната камера во чехословачкиот трамвај не работела, па сега е невозможно прецизно да се утврди како се однесувал возачот во моментот на несреќата.
Видеонадзор во сите трамваи, без разлика на нивната старост, е инсталиран уште во 2022 година.
„Како може да нема клучна снимка?“
Елмин Плеќан – адвокат на Аднан Касаповиќ, возачот на трамвајот што излета од шините и кој по несреќата беше приведен, па набргу пуштен на слобода – го поставува прашањето како е можно да нема клучна снимка што би потврдила дека неговиот клиент не е виновен.
– Невозможно е само таа камера да не снимала ако другите работеле или таа камера била неисправна. Таа снимка требаше да го потврди она што ние го изнесуваме и што би одело во прилог на обвинетиот возач – изјави Плеќан.
Учениците и студентите, кои по стравичната несреќа од пред една недела организираа протести во Сараево барајќи одговорност за трагедијата во која загина 23-годишниот студент на Академијата за ликовни уметности Ердоан Моранкиќ, а тешко беше повредена 17-годишната ученичка од Католичкиот училишен центар Ела Јовановиќ, повикаа на ново, досега најмасовно собирање во сабота напладне.
Се очекува тогаш да изнесат нови барања и да го засилат притисокот врз властите, а истовремено се најавуваат и собири на поддршка во други градови низ Босна и Херцеговина.
Од Општата болница во Сараево во петокот потврдија дека Ела Јовановиќ постепено закрепнува и дека лекувањето продолжува на одделението за полуинтензивна нега.
Поради тежината на повредите, по несреќата ѝ беше ампутирана ногата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Нова трамвајска несреќа во Сараево: Возачот бил…
Уште една трамвајска несреќа се случила во…
„Нема назад, мора да има одговорност“ –…
Петти ден по ред граѓаните во Сараево…
Продолжуваат протестите во Сраево по трамвајската несреќа…
За денеска напладне е закажан нов собир…
Премиерот на Сараевскиот кантон поднесе оставка по…
Премиерот на Кантонот Сараево, Нихад Ук, денес…
Протест во Сараево – „Ако нè убиете…
Илјадници луѓе се собраа денес во Сараево…