Од околу 160 тешко повредени во „Пулс“, 20 се деца – велат материјалните докази на Обвинителството

t

По изведувањето на обдукциските наоди, Обвинителството на денешното рочиште ги наведе повредите на сите оштетени во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“.

Обвинителството за повредите објаснуваше тргнувајќи од најтешките до лесните телесни повреди.

Според наодите на медицинските установи каде се лекувале повредените, обвинителката Наташа Сарамандова наведе дека се констатирани тешки телесни повреди, изгореници на глава, тело, раце, нозе, внатрешни повреди, нагмечувања на градниот кош, скршеници, оштетувања на дишните патишта и други повреди.

Кај речиси сите од тешко повредените се констатирани површински и длабоки изгореници. Овие повреди, изгореници, кај некои од повредените зафаќале и над 20 проценти од телото. Дел од оштетените имале скршеници, кои кај некои се констатирани на екстремитетите, а кај дел и на торзото, главата, вратот и рамото. Некои од повредените поради повредите биле и на кислородна поддршка. Дел од повредните имале изгореници на лицето од втор степен, оштетувања на функцијата на дишните органи, а кај дел како последица на повредите настанала целосна дисфункција на некои од екстремитетите.

Доказите за наодите за констатираните повреди што ги читаше обвинителката паралелно се емитуваа на екраните поставени во судницата.

За оштетените кои имаат повреди на дишните патишта и нарушување на функцијата на белите дробови обвинителката, наведе дека тие настанале како резултата на вдишување штетни гасови. Обвинителството посебно ги читаше тешките повреди со кои се здобиле малолетниците, односно оштетните деца кои критичната вечер биле присутни во „Пулс“.

Изгоренци на кожата, скршеници, повреди на дишните патишта, дисфункција на видот на двете или на едно око се дел од повредите со кои се здобиле оштетените деца.

Тешко повредени полнолетни лица се вкупно 137 лица, додека во однос на децата беше наведено дека од нив со тешки телесни повреди се здобиле 20.

Лесни телесни повреди биле констатирани кај 65 од присутните во „Пулс“ на 16 март минатата година. И кај полесно повредените се констатирани изгореници на телото, оштетувања на коските, крвни подливи, нагмечувања. Кај полесно повредените, како што наведе обвинителката, има три деца.

Обвинителството на денешното рочиште почна со изведување на материјални докази, а први беа презентирани обдукциските наоди од Инстититутот за судска медицина, за причините за смрт.

Според нив, најголем дел од загинатите починале од насилна смрт со труење со јаглерод моноксид. Четири од жртвите, според обдукциските протоколи што ги презентира обвинителката, починале од притисок врз градниот кош. Тројца од жртвите го загубиле животот како резултат на недостаток на воздух и кислород во околната средина.

Обдукцијата на три од жртвите кои почнале во текот на лекувањето, исто така, констатира насилна смрт, која настапила поради акутна слабост на белите дробови од интоксикација од јаглероден моноксид, а кај еден поради изгореници од трет степен на главата и телото.

Обвинителството изведе и писмен одговор од Судска медицина, за кој рече, содржи одговори на прашања колкаво присуство во крв е смртоносно и колку брзо настапува смрт при задушување со јаглероден моноксид, потоа кои се специфични и неспецифични индикации и која е разликата меѓу задушување и труење со јаглероден моноксид, како и дали би биле спасени доколу биле подложени на кислородна терапија на местото на настанот и во болниците.

Обвинителството, исто така, предложи да биде повикано и сослушано вешто лице кое ќе даде одговор на сите дополнителни прашања кои произлегле или произлегуваат од обдукциското мислење.

Пред почетокот на рочишето одбраната на првообвинетиот на Дејан Јованов-Деко побара Судот да му ја замени мерката притвор со куќен притвор, на што жестоко негодуваа родителите на младите загинати во „Пулс“.

Обвинителството на денешното рочиште даде негативно мислење за замена на мерката за обезбедување, објаснувајќи дека дополнително ќе се произнесе по ова прашање бидејќи во меѓувреме стигнала нова медицинска документација од одбраната.

Револт кај родителите предзивикаа наводите на дел од одбраната на обвинетите дека кај дел од починатите имало присуство на алкохол, дрога-кокаин и други психотропни супстанци.

„Нашите деца не починаа од консумација на алкохол и дрога. Причината за смрт, согласно досегашните наоди се поврзани со вдишување на чад, токсични гасови и услови кои довеле до задушување и тешка интоксикација. Бараме ваквите тврдења да бидат поткрепени со токсиколошки анализи или да се повлечат, како и судот да реагира на непроверени информации”, рече Александар Наунов, татко на починатата Надица Наунова и претседател на Здружението „16 Март Кочани“.

За следното рочиште, закажано за 4 мај, доколку се обезбеди, е предводено исказ да даде еден од сведоците кои не се појавија претходно, а Судот го задолжи Обвинителството на ова рочиште да биде присутно и вешто лице од Судска медицина.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Од околу 160 тешко повредени во „Пулс“,…

По изведувањето на обдукциските наоди, Обвинителството на…

Обвинителството побара максимална казна за Стојанче Јовановски

Обвинителката Адела Бојчевиќ побара судот да изрече…

„Договорите не се поништуваат“ и „Уметниците не…

Синдикатот на културните работници на Македонија (СКРМ)…

Стојанче Јовановски: Сѐ би дал дa ги…

Обвинителството побара максимална казна за Стојанче Јовановски…

ИПАРД средствата повторно достапни за македонските земјоделци

Денес пристигна официјално известување од страна на…