Органите на СДСМ следната недела ќе дискутираат за учеството на Славјанка Петровска во новата демократска платформа

t

Органите и телата на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) следната недела ќе дискутираат за учеството на пратеничка на партијата во Собранието на настанот под името „Разговори за иднината во 12:05“, на кој во средата (1 јули) била промовирана нова демократска платформа со цел подигнување на нивото на општествената дебата во земјава.

Момент од денешната прес-конференција на претседателот на СДСМ, Венко Филипче / Фото: СДСМ
Ова денеска го кажа лидерот на СДСМ, Венко Филипче, прашан од новинарите дали ќе бара одговорност од пратеничката поради нејзиното учество во платформата и дали можеби ја прашал од што е незадоволна во Социјалдемократскиот сојуз.

Инаку, станува збор за пратеничката Славјанка Петровска, која била меѓу членовите на СДСМ од разни генерации, активисти, аналитичари, правници и професори кои биле потписници и учесници настанот на кој е промовирана иницијативата.

„Во однос на конкретното прашање ќе одговорам конкретно, органите на партијата ќе дебатираат во текот на следната недела“,

рече Филипче.
Претходно, одговарајќи на прашањето, претседателот на СДСМ посочи дека платформата претставува уште еден политички проект на Христијан Мицкоски, кој од СДСМ го нарекуваат „ЗНАМ 2.0“, чија единствена цел, како што кажа, е дополнително да се фрагментира опозицијата и да се ослабне СДСМ.

„Јас не би ги коментирал проектите на Христијан Мицкоски. Жал ми е што дел од другарите се откажаа од партијата, од својата идеологија. Тоа е веќе видено. Тоа е претходниот проект ЗНАМ којшто еве постепено пропаѓа. Ист е организаторот и ист е финансиерот“,

рече Филипче.
Лидерот на СДСМ додаде дека како партија сега се целосно фокусирани на зајакнување на „Фронтот за вистина и правда“ и на враќање на институциите во служба на граѓаните, а власта, како што кажа, наместо да понуди решенија, создава нови политички конструкции за да го зачува својот рејтинг.

„Комуницираме со многу луѓе, членови, симпатизери, разни чинители, се бориме да ја вратиме власта во рацете на народот, заради тоа што на овој начин истите тие луѓе со истите методи кои што го креираа движењето ЗНАМ сега се обидуваат повторно да не ослабат“,

рече Филипче.
Причината за ваквите обиди за ослабување на СДСМ тој ги гледа во, како што вели, сè подлабоката политичка криза во која се наоѓа Владата на ВМРО-ДПМНЕ.

„Поради тоа што оваа власт неповратно тоне затоа што нема добри политики, а ние се консолидираме и поради тоа што нема други механизми да остане на власт освен нас дополнително да не фрагментира. Така што таа платформа е единствена платформа за спас на Христијан Мицкоски и ништо друго, но нема да успеат“,

рече Филипче.
На забелешка на новинарите дека станува збор лица, меѓу кои и новинари и аналитичари, кои важат жестоки критичари на актуелната власт и прашан зошто смета дека премиерот Мицкоски успеал да им влијае на тие луѓе, како и дали сите што не мислам како него и партијата се непријатели, Филипче кажа дека тоа апсолутно не е така и оти е отворен за каква било дебата и дискусија, но во рамките на партијата. Луѓето кои биле на тој настан и седеле на таа маса, рече Филипче единствено нешто што може да направат е да го ослабнат Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.

Ваквиот став тој го аргументира со тоа дека од настанот не излегла јасна критика за власта, туку само за СДСМ.

„Видовме ли поддршка за критиките коишто ние ги даваме? Видовме ли критика за блокирањето на европскиот пат? Видовме ли критика за криминалните тендери коишто ги спроведува оваа власт изминатите две години? Не. Што видовме? Критика за СДСМ, којашто е целосно отворена. И јас лично и сите тука во партијата, за дебата, за конструктивна дискусија, за надградување, за евентуална промена на нашите политики, ако некаде грешиме – тука во партијата е местото каде што треба тие дискусии да се одвиваат. А, тие таканаречени новинари и аналитичари ги гледаме како со текот на годините, врз основа на близината со одредени политички субјекти и поединци, ги менуваат ставовите“,

рече Филипче.

Од настанот на кој беше промовирана новата демократска платформа
На настанот под името „Разговори за иднината во 12:05“ во средата беше промовирана нова демократска платформа со цел, како што беше соопштено, подигање на нивото на општествената дебата во земјава. Времето на часовникот испраќа јасна порака – веќе е доцна, но не смееме да дозволиме да стане предоцна за Македонија, беше наведено во соопштението испратено до медиумите.

Првата сесија се одржа зад затворени врати, почитувајќи го традиционалното демократско начело „Chatham house rules“. На неа биле собрани учесници поделени во три неформални групи на општествени чинители: влијателни граѓански активисти кои никогаш не биле партиски членови, гласни актуелни опозициски вршители на јавни функции и истакнати припадници на различни генерации на СДСМ.

Учесниците на разговорите во средата заеднички дефинирале неколку заклучоци за моменталната општествено-политичка состојба, а дел од нив се дека прогресивната демократска јавност ѝ е потребна суштинска и објективна дебата, која мора да биде ослободена од вообичаената потреба за допадливост кон партиските лидери.

„Граѓаните денес живеат во реалност каде власта е неефикасна, а за свој наводен политички противник свесно си избира ‘виртуелна опозиција’. Сите истражувања на јавното мнение укажуваат дека македонската политичка сцена нуди, на едната страна силна владејачка партија и коалиција, а на другата страна смислено фрагментирана опозиција“,

се дел од заклучоците што се наведени во соопштението.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Органите на СДСМ следната недела ќе дискутираат…

Органите и телата на Социјалдемократскиот сојуз на…

ЕУ едногласно поддржаа отворање на нов кластер…

Земјите-членки на Европска Унија денеска едногласно се…

Ватикан направи невиден потег

Ватикан донесе една од најстрогите одлуки во…

На 13. јули ќе се гласа за…

Владата на Христијан Мицкоски ќе се комплетира…

УЈП: Во првата половина од 2026 година…

Наплатата на даноци и придонеси во првата…