Поранешен македонски репрезентативец се најде меѓу 25 најдобри кошаркари во историјата на АБА-лигата
На свечената гала-вечер во Љубљана беа избрани 25-те најдобри кошаркари во историјата на АБА-лигата, по повод 25-годишнината од основањето на регионалното натпреварување.
Меѓу елитното друштво се најде и Лестер Бо Мекејлеб, американскиот кошаркар кој долго време беше еден од најдобрите играчи на македонската репрезентација и остави длабока трага во македонската кошарка, посебно се паметат неговите настпаи на Европското првенство во Литванија во 2011 година каде што Македонија го освои четвртото место.
Покрај Мекејлеб, на листата се најдоа и Никола Јокиќ, Дејан Милојевиќ, Богдан Богдановиќ, Никола Пековиќ, Дарио Шариќ, Горан Драгиќ, Никола Вучевиќ, Јан Весели, Јака Лакович, Милош Теодосиќ, Бојан Богдановиќ, Душан Кецман, Никола Калиниќ, Игор Ракочевиќ, Немања Гордиќ, Дино Раѓа, Лука Божиќ, Василије Мициќ, Крунослав Симон, Марко Поповиќ, Немања Бјелица, Анте Томиќ, Чарлс Џенкинс и Факундо Кампацо.

На самиот врв, очекувано, се најде Никола Јокиќ. Ѕвездата на Денвер нагетс доби убедливо најмногу гласови, дури 94,3 проценти. Зад него се најдоа Дејан Милојевиќ со 92,3 и Богдан Богдановиќ со 80,4 проценти од гласовите.
На свеченоста во Љубљана беа доделени и бројни други признанија.
Икона на АБА-лигата: Никола Јокиќ
Награда за животно дело: Бранко Лазиќ и Немања Гордиќ
Најтрофеен тренер: Дејан Радоњиќ и Душко Вујошевиќ (наградата ја прими неговиот син)
Најтрофеен клуб: КК Партизан
МВП: Дејан Милојевиќ (наградата ја прими неговиот син)
Трипл-дабл: Лука Божиќ (наградата ја прими директорот на КК Задар, Роко Јурлина)
Момент кој вечно се памети: Душан Кецман