Објавено на:

Португалските медиуми удрија по селекторот и Роналдо: Ужас, его и ароганција

t

Португалските медиуми се бесни по елиминацијата на Португалија од Светското првенство. Португалците, синоќа во Далас, со 1:0 загубија од Шпанија. Ги уништи голот на Микел Мерино во 91-та минута.

На удар на медиумите, што досега беше незамисливо, се најголемата ѕвезда, 41-годишниот Кристијано Роналдо и селекторот, кој веќе и не е селектор на Португалија (му заврши мандатот), Роберто Мартинез.

„Време е еднаш засекогаш да се затвори циклусот на капитенот, кој и онака траеше предолго. Со Роберто Мартинез на клупата, Португалија беше преценета и плашлива репрезентација која не ги исполни огромните очекувања“, пишува „А Бола“, наведувајќи дека е време да се збогуваме со Кристијано Роналдо од репрезентацијата. Текстот е напишан под наслов „Кристијано Роналдо, не сакаме да те „убиеме“, но доста е“.

„Одлуката Гонсало Рамош да остане на клупата, во натпревар во кој Шпанија постепено ја туркаше Португалија сè подлабоко и подлабоко кон својот гол во второто полувреме, беше шлагот на ужасот за Роберто Мартинез, дипломатот избран од Португалската фудбалска федерација да не прави бранови, да се смее и да мавта додека куќата гори“, пишува „А Бола“.

Во истиот текст, пристапот на Португалската фудбалска федерација е опишан како „арогантен и самоуверен“ и се наведува дека ентузијазмот на милиони Португалци бил поттикнат од изјавата „сè е наше, Португалија ќе успее на ова првенство, никогаш во историјата на националниот тим не е виден среден ред од таква класа, Кристијано Роналдо ќе ги замолчи сите оние кои сакаа да го „убијат“ 23 години, а Диого Жота би бил горд да види што неговите соиграчи направиле за него“.

На крајот Португалците одиграа само пет натпревари, „од кои два, против ДР Конго и Колумбија, беа срамни“.

„А виновникот има име: Роберто Мартинез. Опсесијата да не се допрат статусите на Кристијано Роналдо и Бруно Фернандеш, кој е светлосни години далеку од играчот кој беше прогласен за најдобар фудбалер на сезоната во Премиер лигата пред неколку месеци, сега ја остави Португалија во солзи“, се додава во текстот.

„Време е еднаш засекогаш да свртиме нова страница. Циклусот на Роберто Мартинез ќе заврши без сјај и слава. Во историјата ќе му остане запишано дека ја освоил само безлична Лига на нации, особено во споредба со разочарувањата на Европското првенство и ова Светско првенство. Роберто Мартинез се покажа како плашлив тренер“, се вели понатаму во текстот и се бара промена на клупата и промоција на новиот селектор Жорге Жесус.

„Време е Кристијано Роналдо да се повлече, бидејќи веќе сфативме дека неговото его не му дозволува да му биде резерва на играч кој денес дава неспоредливо подобар придонес. Засекогаш ќе остане непознато како би изгледало ова Светско првенство без болната обврска на Кристијано Роналдо да биде на теренот сите 90 минути, на секој натпревар. И оваа елиминација не може да ја поништи дури ни Доналд Трамп“, заклучува „А Бола“, со потсетување на скандалот што го одбележа Светското првенство.

Ова беше шести настап на Роналдо на светските првенства, по 2006, 2010, 2014, 2018 и 2022 година. Во групната фаза на овогодинешниот турнир, тој стана првиот играч во историјата што постигнал гол на шест различни светски првенства, постигнувајќи гол против Узбекистан.

Тој постигна два гола во тој натпревар, а потоа постигна гол од пенал против Хрватска во 1/16 финалето, што беше неговиот прв гол во нокаут фазата на Светското првенство. Го заврши овогодинешниот турнир со три погодоци. Роналдо одигра 27 натпревари на светските првенства, а само Лионел Меси има повеќе, 30 од нив. Во тие 27 настапи, Португалецот постигна 11 гола и имаше две асистенции.

Вкупно, тој одигра 233 натпревари за Португалија, постигна 146 гола и асистираше за 46. Со репрезентацијата беше европски шампион во 2016 година, а освои и две Лиги на нации.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Португалските медиуми удрија по селекторот и Роналдо:…

Португалските медиуми се бесни по елиминацијата на…

Нова средба за Изборниот законик: Левица предлага…

Парламентарните партии на нова средба во Собранието…

ДЕНЕСКА НЕВРЕМЕ ВО МАКЕДОНИЈА: УХМР утрово со…

Според најновата временска прогноза, денешниот ден во…

СДСМ: Не сме против гласање на дијаспората,…

Продолжуваат партиските преписки околу гласањето на дијаспората.…

Уметноста нема една боја – таа свети…

Уметноста нема една боја. Таа свети во…