Почнува судењето за „Државна лотарија“: Груби и уште седум обвинети денеска пред суд
По повеќемесечната истрага, случајот „Државна лотарија“ денеска влегува во судска фаза. Во Основниот кривичен суд Скопје за 10 часот е закажано првото рочиште против поранешниот прв вицепремиер Артан Груби и уште седум обвинети. Предметот ќе го води судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски.
На почетокот од судењето, доколку рочиштето не биде одложено, јавниот обвинител треба да ги изнесе воведните зборови и да ги образложи наводите од обвинението. Потоа обвинетите ќе се произнесат за вината, а свои воведни зборови ќе имаат и нивните адвокати.
Основното јавно обвинителство Скопје товари осум лица како соизвршители на кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување. Според обвинението, во периодот од 2023 до 2024 година тие ги пречекориле службените овластувања, со што на „Државна лотарија“ ѝ предизвикале штета од 507.632.173 денари, сума од околу 8,2 милиони евра.
Како првообвинет е посочен поранешниот директор на „Државна лотарија“, Прпарим Бајрами, кој и натаму е недостапен за органите на прогонот и по него има распишано меѓународна потерница. Груби е второобвинет во предметот и во моментов се наоѓа во куќен притвор. Меѓу обвинетите е и поранешниот генерален секретар на Владата, Методија Димовски.
Спорните дејствија, според обвинителството, се однесуваат на набавката на видеолотариски терминали. Од ОЈО Скопје тврдат дека „Државна лотарија“ немала право самостојно да приредува електронски игри на среќа преку овие терминали, бидејќи тоа право претходно било внесено како непаричен влог при основањето на заедничкото друштво со „Касинос Австрија“.
Првично, Груби во истрагата беше осомничен за проневера во службата, но во обвинението е направена промена на правната квалификација. Сега сите осуммина се гонат за злоупотреба на службената положба и овластување, за кое во конкретниот случај максималната предвидена казна е пет години затвор.
Од ОЈО Скопје објаснија дека квалификацијата е променета врз основа на доказите што биле обезбедени во текот на истрагата.
Груби повеќе од една година беше недостапен за македонските институции, а во земјата се врати на 23 февруари годинава преку граничниот премин Блаце. По неговото приведување, Судот му определи куќен наместо затворски притвор, по предлог на Обвинителството, кое се повика на безбедносни проценки на МВР и АНБ.
Од ДУИ, пак, по поднесувањето на обвинението излегоа со оцена дека постапката против Груби е политички мотивирана и дека истрагата не ги потврдила првичните сомневања.
Денешното рочиште го означува почетокот на судската фаза во случајот „Државна лотарија“, во која обвинителството пред судот ќе треба да ги докаже наводите содржани во обвинението.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Почнува судењето за „Државна лотарија“: Груби и…
По повеќемесечната истрага, случајот „Државна лотарија“ денеска…
Драма во Скопје: Жена дошла и ја…
На 23.08.2026 година во 00:40 часот, во…
Цената на златото повторно расте, среброто во…
Цената на златото на светските пазари повторно…
Исланд гласа за враќање на преговорите со…
Исланд ќе гласа за тоа дали да…
УХМР со предупредување на стартот на седмицата:…
Времето денеска ќе биде променливо облачно и…