Првообвинетиот Деко за ‘Пулс’ излегува од притвор најдоцна на 3 октомври – за други обвинети дадени гаранции до 850.000 евра
Првообвинетиот во случајот „Пулс“, Дејан Јованов, ќе може да остане во притвор најдоцна до 3 октомври годинава, кога истекува максималниот законски рок од една година од оценката на обвинителниот акт, потврдуваат од Основниот кривичен суд Скопје за Инфомакс.
Во меѓувреме, состојбата со мерките за обезбедување присуство на останатите обвинети значително се промени – дел повеќе не се во куќен притвор, за двајца се прифатени гаранции од стотици илјади евра, додека во моментов само Јане Јанчевски и Ивица Гроздановски имаат активна мерка куќен притвор.
Од Кривичниот суд за Инфомакс информираат дека кривичниот совет ја продолжил мерката притвор за Дејан Јованов до 3 октомври 2026 година.
Причината за овој датум е законското ограничување на времетраењето на притворот.
Обвинителниот акт бил оценет на 3 октомври 2025 година, а според законските одредби притворот во оваа фаза може да трае најмногу една година од оценката на актот.
Тоа значи дека на 3 октомври се исцрпува законскиот рок наведен од Судот за натамошно задржување на Јованов во притвор по оваа основа.
Судот, сепак, посочува дека тоа не значи оти обвинетиот ќе продолжи без мерки за обезбедување на неговото присуство во постапката.
„Со цел да се обезбеди непречено присуство во понатамошниот дел од судската постапка, Судот, согласно досегашната пракса, по службена должност, по истекот на законскиот рок за мерката притвор, определува дополнителни мерки за претпазливост и обезбедување на обвинетиот“, велат од Основниот кривичен суд Скопје.
Од останатите обвинети за кои Судот достави информации, активна мерка куќен притвор во моментов имаат Јане Јанчевски и Ивица Гроздановски.
Но и кај Јанчевски е отворен патот за укинување на куќниот притвор.
Минатиот месец Судот го прифатил предлогот мерката да биде укината со определување гаранција од над 33.000 евра во недвижен имот.
Имотот во моментов е во постапка за впишување под хипотека. По завршувањето на постапката, Јанчевски ќе биде пуштен од куќен притвор, со дополнителни мерки на претпазливост.
Стојанов, Ѓорѓиев и Димитриев повеќе не се во куќен притвор
Куќниот притвор претходно бил заменет со мерки на претпазливост и за обвинетите Митко Стојанов, Мартин Ѓорѓиев и Стојанчо Димитриев.
За Стојанов и Димитриев одлуките биле донесени на 12 јуни, додека за Ѓорѓиев на 17 јули 2026 година.
По вложени жалби решенијата се доставени до Апелациониот суд на надлежно постапување, но од Кривичниот суд нагласуваат дека жалбата не го спречува нивното извршување.
Највисоката гаранција за обвинетите опфатени со одговорот на Судот е определена за Беким Хаџиу.
За него е прифатена гаранција од точно 849.602 евра во недвижен имот.
Куќниот притвор е укинат и за Тодор Јованов, со определена гаранција од 319.154 евра во недвижен имот.
Тоа значи дека само гаранциите наведени од Судот за Хаџиу и Тодор Јованов заедно изнесуваат повеќе од 1,16 милиони евра во недвижен имот.
За сите обвинети на кои им е укинат куќниот притвор, Судот определил мерки на претпазливост.
Од Основниот кривичен суд нагласуваат дека обвинетите ги почитуваат овие мерки и редовно се појавуваат на закажаните судски рочишта.
„За сите обвинети кои им е укината мерката куќен притвор, Судот им определи мерки на претпазливост кои истите ги почитуваат и редовно се јавуваат на насрочените судски рочишта, за што сте и самите сведоци како медиуми кои го следат судскиот процес“, наведуваат од Судот во одговорот до Инфомакс.
Така, додека судскиот процес за случајот „Пулс“ продолжува, 3 октомври станува клучен датум за првообвинетиот Дејан Јованов, бидејќи тогаш истекува едногодишниот законски рок за притвор пресметан од денот на оценката на обвинителниот акт.
По тој датум, според одговорот на Судот, неговото присуство во понатамошната постапка треба да се обезбедува преку други мерки предвидени со закон.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Првообвинетиот Деко за ‘Пулс’ излегува од притвор…
Првообвинетиот во случајот „Пулс“, Дејан Јованов, ќе…
Аларм на финансиските пазари: Нафтата над 100…
Новиот скок на цената на нафтата почнува…
Мицкоски: Колку и да сакаат да го…
Во случајов можам да кажам, дека имајќи…
НАТО спречил тајна руска операција кај клучни…
НАТО сојузниците спречиле руска подводна операција во…
Што да очекувате од новите генерации слушни…
Што да очекувате од новите генерации слушни…
