Преспа ќе добие мрежа од 188 километри велосипедски и планински патеки
Преспанскиот Регион ќе добие нова туристичка инфраструктура преку интегриран систем од вкупно 188 километри велосипедски и планински патеки, со што се отвораат нови можности за развој на активниот и на одржливиот туризам, информираа од УНДП.
Веќе почна уредувањето на мрежата, која, како што велат, ќе ги поврзе природните убавини, населените места и туристичките локалитети во регионот – од брегот на Преспанското Езеро до планинските предели.
„Велосипедските рути ги поврзуваат Коњско, Стење, Ресен и селата на западниот брег на езерото, па сè до Маркова Нога кај Долно Дупени. Планинските патеки ќе бидат обележани според стандардите за планински патеки, со патокази и локациски табли, за секој чекор да биде безбеден и јасен“, соопштија од УНДП.

Проектот предвидува уредување и обележување на пешачките и на велосипедските патеки, поставување соодветна сигнализација, патокази и информативни табли, како и изградба на видиковци, летниковци и места за одмор.

На почетните точки на пешачките патеки и на трите главни делници од велосипедската мрежа ќе бидат поставени големи информативни табли, а на крајните точки и на другите стратешки локации ќе има помали табли со туристички карти и со информации за рутите.
„Со воспоставувањето на оваа инфраструктура, Преспа добива можност подобро да ги искористи своите природни и културни потенцијали, да привлече поголем број домашни и странски посетители и да создаде дополнителни можности за развој на локалната економија. Очекувањата се дека новата мрежа ќе придонесе за поголема поддршка на локалните бизниси, за промоција на руралниот туризам и за зачувување на природните вредности на регионот, позиционирајќи ја Преспа како атрактивна дестинација за велосипедизам, планинарење и за рекреација“, соопштија од УНДП.



Активноста се реализира во рамките на програмата „ЕУ за Преспа“, финансирана од Делегацијата на Европската Унија во Македонија, а имплементирана од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), во партнерство со националните и со локалните партнери.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Преспа ќе добие мрежа од 188 километри…
Преспанскиот Регион ќе добие нова туристичка инфраструктура…
Нова канализациска мрежа и пречистителни станици за…
Преку Програмата „ЕУ за Преспа“, финансирана од…
Meet Prespa: Повик за сите жители на…
Веб-страницата Meet Prespa објави повик за сите…
Љутков: Посветени сме на заштита и унпаредување…
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков…
Фестивалот „Meet Prespa“ се враќа со богата…
Од 11 до 13 јули, живописната Преспа…