Путин: Земјите од БРИКС произведоа повеќе од 40 отсто од светскиот БДП
Претседателот на Русија Владимир Путин денеска на деловниот форум на БРИКС во Њу Делхи изјави дека современиот свет минува низ длабоки промени и оти се појавуваат нови движечки сили на глобалниот развој.
Путин рече дека земјите од БРИКС во последните пет години произведоа повеќе од 40 отсто од светскиот бруто-домашен производ (БДП), истакнувајќи дека државите членки имаат огромни и динамични внатрешни пазари, со забрзана урбанизација.
– Ако зборуваме за растот на глобалната економија во истиот период, тогаш речиси половина од овој раст е обезбеден од земјите на нашиот сојуз – рече Путин, пренесува РИА Новости.
Рускиот претседател оцени дека западните конкуренти се обидуваат да ја вратат поранешната позиција на лидер во светската економија. Како што оцени, Западот во обидот да го задржи економското лидерство прибегнува и кон директно уништување на објекти и гасоводи.
– За жал, вашите западни конкуренти моментално се обидуваат со сите средства да го вратат своето некогашно водство. Оваа конкуренција сега добива грди облици, како што тукушто спомена и нашиот ирански колега. Тие грди облици се користат на државно ниво, дури и со употреба на директна физичка сила или со уништување на индустриски и логистички објекти, цевководи и така натаму – рече Путин.
Според него, на Русија ѝ се воведени повеќе од 30.000 санкции, што, како што наведе, е двојно повеќе отколку на сите земји во светот заедно. Тој додаде дека земјите кои ги воведоа антируските санкции и самите се соочија со економски пад.
– Во услови на строги надворешни ограничувања, можно е да се постават амбициозни цели и успешно да се остварат. Јасно е дека земјите кои ги покренаа санкциите, а кои се соочуваат со товарот на буџетските дефицити, растечки јавен долг и индустриски пад, не успеваат да спроведат такви политики. Тие се соочуваат со тешки, сериозни последици – рече Путин.
Тој додаде дека индустриското производство во водечките економии на еврозоната падна за осум проценти во последните неколку години.
– Водечките економии на еврозоната – нема да покажувам со прст, но падот на индустриското производство од осум проценти во последните неколку години е значителен пад за нив … Русија го зајакнува економскиот суверенитет – рече Путин за време на својот говор на пленарната седница на Деловниот совет на БРИКС.
Рускиот лидер нагласи дека БРИКС создава нова одржлива платформа за глобален раст, чии правила не се наметнати однадвор.
– Со заеднички напори на владините агенции, претпријатијата и стручните кругови, БРИКС создава нова, одржлива платформа за глобален раст. Клучно е што нејзините клучни елементи, правилата што ја регулираат работата на компаниите и организациите, не се наметнати однадвор, не ни ги наметнува таканаречената златна милијарда – рече Путин.
Тој истакна дека Русија е „подготвена да соработува со целиот свет, вклучувајќи го и Западот“ и оти е подготвена да придонесе кон енергетската и прехранбената безбедност во светот.
Путин денеска ја почна тридневната посета на Индија, во чии рамки ќе учествува на 18-тиот самит на БРИКС на 12 и 13 септември и ќе одржи неколку билатерални средби, меѓу другото со претседателот на Јужна Африка, премиерите на Малезија и Етиопија, престолонаследникот на Абу Даби и шефот на Новата развојна банка на БРИКС.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Путин: Земјите од БРИКС произведоа повеќе од…
Претседателот на Русија Владимир Путин денеска на…
Ердоган: Турција е единствената што може директно…
Турција е единствената што може директно да…
Вучиќ му честиташе на Орбан за организирањето…
Српскиот претседател Александар Вучиќ разговараше по телефон…
Путин го разреши заменик шефот на неговата…
Рускиот претседател Владимир Путин го разреши Дмитриј…
Зеленски до Трамп: Покажете јасен став и…
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го повика Доналд…