Се одлага изјаснувањето за вина и воведните зборови на одбраната за Пулс: Бранителите два часа приговараа на „несериозноста“ на Обвинителството – Родителите реагираат „нели ви се доста пари“?!
Со дваесетина минути доцнење започна денешното рочиште за случајот „ПУЛС“, трагедијата која се случи на 16.03.2025 година, во која животот го загубија 63 лица, а повредени се повеќе од 200 лица.
По воведниот говор на обвинителството на претходното рочиште, процесот продолжи со произнесување на вина и воведни зборови на одбраната.
Два часа траеја забелешките на одбраната кои укажаа на „низа пропусти од страна на Обвинителството“ и наведоа дека „Обвинителството се однесува несериозно кон сите во судницата, кон обинетите, одбраната, а најмногу кон Судот кој е доведен во незгодна ситуација“.
На почетокот на рочиштето повеќе бранители реагираа во врска со листата на докази и новиот интегриран текст на обвинението кој обвинителството го достави на минатото рочиште. Според бранителите листата на докази и доказниот материјал кој им е доставен на УСБ не се соодветно нумерирани и именувани, што им претставува потешкотија при разгледувањето на доказите.
Бранителот на обвинетиот Лазар Захариев наведе и дека во обвинението се наведуваат нови детали и се споменуваат нови лица и побара Судот да го одбие новиот интегриран текст на обвинението.
- Во новиот интегриран текст на обвинението се споменува ново лице, Мартин А. кој ја внел пиротехниката, а во претходниот текст се наведуваше дека групата ДНК ја внела пиротехниката, наведе бранителот.
Бранителката на првообвинетиот Дејан Јованов наведе дека во „хаотичната“ листа на докази кои ги добиле после првото рочиште, сфатиле дека стотици материјални докази се повлечени. За обвинетиот Михаил Јованов бранителката предлага да се сослушаат уште девет сведоци, поради кратењето на листата на сведоци од страна на обвинителството.
Бранителите на обвинетите членови на обезбедувањето на дискотеката „ПУЛС“ наведоа дека е сменето времето на извршување на кривичното дело.
- Во корелација со чл. 393 од ЗКП во кој измена на обвинение е во фаза по отпочнување на доказна постапка, „ако обвинителот оцени дека изведените докази укажуваат на промена, може да изврши измена на обвинение“, а поради фактот што постапката не е во фаза на изведување на докази, не ни е јасно како ќе се извлечеме од оваа мат позиција, ова не е измена на обвинение бидејќи не сме почнале со изведување на докази и само тогаш изменетото обвиение не подлежи на оцена, а имаме ново обвинение со ново време на извршување на дејствијата, треба да настапиме исклучително мудро и да одлучиме дали ова ново обвинение подлежи или не подлежи на оцена.“ – наведе бранител на обвинетите од обезбедувањето.
Обвинителот наведе дека:
- „ЈО смета дека воопшто не станува збор за ново обвинение затоа што воопшто не е нарушен ниту субјективниот ниту објективниот идентитет на обвиненијата по кои е споена постапката. За жал точно дека во ЗКП не постои можност за прецизирање и исправање на технички грешки, но таквата интервенција не значи измена на обвинителен акт и дека е нарушен субјективниот и објективниот идентитет, ниту се додадени нови обвинети, ниту се додадени нови кривични дела, ниту пак е сменет описот за суштествени елементи и фактичка состојба на обвинението којшто би одел на штета на одбраната.
Во однос на доказниот материјал потенцирам дека и ЈО и обвинетите и одбраната се странки во постапката, ако ЈО има поднесено листа на докази, а одбраната смета дека треба да испитаат други сведоци, истите сами можат да ги предложат за испитување.
Во однос на тоа што се предложени сведоци кои не биле испитани во истражна постапка, сметам дека Законот не дава никаква пречка да се испитаат и други сведоци. Во текот на истражната постапка ЈО достави покани и ги повика на распит поголем број на сведоци, оштетени, но истите поради здравствени причини и забрана од лекар да бидат просутни во простор кој не им гарантира услови кои нема да им наштетат на нивното здравје, поради опасност од инфекции и повреди, ЈО истите не ги повикуваше.
Во однос на временската рамка, за точка 3, во описот доколку внимателно се следи текстот е дадено точно и попрецизно кој од обвинетите за кој период им се наведува дека не постапиле согласно закон“ – истакна обвинителот Борче Јанев.
Бранителот на осмообвинетиот наведе дека во точка 3 ставена е временска рамка од 2005 до 2024 година, а подоле за осмообвинетиот се посочува временска рамка од 22.02 до 16.03.2025 и оваа рамка не влегува во генералната временска рамка која е првично посочена.
Бранител наведе дека смета дека измените во текстот на обвинението не се технички грешки и наведе дека „со поднесениот обвинителен акти КО. бр. 180/25 времето на извршување на Јане Јанчески и припадниците на обезбедувањето времето е 2025 година, со вториот обвинителен акт по однос на обвинението за Александар Нацев, временската рамка е посочена од септември 2022 го 16.03.2025 година. Во интегрираното обвинение, под точка 5 како време на извршување на кривично дело е посочено временски период од втора половина на 2024 до 16.03.2025 година, што би значело дека на обвинетиот Јане Јанчески му се припишуваат и дејствија наводно сторени во втората половина од 2024 наспроти иницијалното обвинение каде е посочена само годината 2025. Дополнително, освен временската рамка дополнето е, односно на припадниците на обезбедување им се посочува и времето на пристигнување во дискотеката, односно пред одржување на концертниот настап на ДНК, со што сметаме дека се засега во суштината наспроти поднесеното обвинение.
Бранителот Звонко Давидовиќ наведе дека во деловите каде има измени на обвинението ниту еден текст не е доставен на обвинетите и праша како ќе се бара изјаснување за вина кога обвинетите ги немаат текстовите.
Бранители наведоа дека не само што текстот не е доставен, туку и нема превод на албански јазик, по што Судот посочи дека на првото рочиште беше договорено дека работен јазик ќе биде македонскиот јазик и дека нема потреба од преведувач.
И бранителот на Љупчо Папазов посочи дека има отстапување во временската рамка.
Во врска со укажувањата дека обвинетите воопшто не го добиле обвинението по кое треба да се изјаснат за вина, Судот наведе дека сите обвинети можеле да го добијат обвинението преку своите бранители.
Бранителот Шилегов наведе дека правата на обвинетите лица треба да бидат испочитувани, дека доколку обвинетите ги добијат обвиненијата преку своите бранители тоа не се смета за уредно доставување и нагласи дека „најголемата трагедија во Македонија не може да се исправи со неправда“. На ова реагираа родителите кои се наоѓаа во судницата со зборовите „кои права бре, кои права за обвинетите?“.
Судечкиот совет се повлече по што претседтелката на судечкиот совет извести дека:
- „Советот донесе решение, Советот смета дека не станува збор за ново обвинение бидејќи во конкретниот случај во интегрираното обвиение не се вовоедени нови дејствија, нови обвинети, ново место на извршување, нов оштетен или последици, не е сменета фактичката состојба, ниту е дадена нова правна квалификација. По однос на временската рамка, во секоја точка истата е посочена првично за повеќе обвинети, но во понатамошниот тек на текстот, е прецизирана за секој обвинет посебно.
Приговорите кои ги истакнаа во оваа насока дел од бранителите, истите можат исто така да ги истакнат и во воведните говори кои потоа ќе бидат и ценети од страна на судот.
Судот ги прифаќа приговорите на дел од бранителите дека обвинението интегрирано со листата на докази не е доставена до обвинетите, а со оглед дека бранителите не прифаќаат доставата да се изврши преку нив, судот во текот на денешниот и утрешниот ден до сите обвинети ќе изврши достава на истите.“ – истакна судијката.
Денешната главна расправа продолжува со оштетни побарувања, наместо со изјаснување на вина од страна на обвинетите и воведни зборови на одбраната бидејќи судот ги прифати забелешките на бранителите.
За време на паузата родителите кои останаа внатре во судницата повторно имаа забелешки за бранителите и прашаа „колку пари ви треба, нели ви се доста, тие да имале права, каков нечесен текст на обвинението“…
Обвинителот Борче Јанев на претходното рочиште наведе дека Обвинителството бара индивидуална одговорност за долгогодишното игнорирање на безбедносните ризици кои ја претвориле дискотеката во „смртоносна стапица“. Според него, трагедијата не е само последица од активирањето пиротехника на настапот на групата „ДНК“, туку резултат на систематска негрижа, недостиг од контрола и институционален молк кој траел повеќе од една деценија.
„Не е важно само кој го запалил огнот, важно е кој имал кофа вода и не ја истурил“, рече Јанев, додавајќи дека доказите ќе покажат дека опасноста била одамна присутна, а никој од обвинетите не ја спречил иако бил должен да го стори тоа.
На обвинителна клупа седнаа 37 обвинети – 34 физички и три правни лица, меѓу кои сопственици, управители, инспектори, поранешни градоначалници, обезбедување и државни службеници. Тие се товарат за тешки дела против општата сигурност поради пропусти што директно довеле до трагедијата.
Паралелно со главниот процес, тече и посебна постапка против полициски службеници за давање лажни уверувања и дозволување на работа на дискотеката без исполнети минимално-технички и безбедносни услови. Изминатата недела Обвинителството отвори постапка и против група вработени во УЈП осомничени за мито и злоупотреби поврзани со истиот случај.
Главниот процес го води судечки совет чиј претседател е судијката Диана Груевска Илиевска.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Се одлага изјаснувањето за вина и воведните…
Со дваесетина минути доцнење започна денешното рочиште…
Мајка на загинато дете од „Пулс“: Осум…
Јулија Златкова, мајка на Томас Златков, кој…
Продолжува судењето за пожарот во „Пулс“
Во судницата во затворскиот комплекс Идризово денеска…
Нова пресуда во Нови Сад: 28 милиони…
Вишиот суд во Нови Сад донесе нова…
По операција на кила полицијата не може…
Осудениот за трагедијата кај Ласкарци, Ремзи Мифтари,…