Сиљановска-Давкова: Го поздравувам нон-пејперот на Мерц и Макрон, но мора да ги мериме зборовите додека нема „пејпер“
Кога ќе видиме „пејпер“, тогаш ќе можам да кажам за што се работи. Ова е одговорот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за нон-пејперот што беше претставен во пресрет на самитот Европска Унија – Западен Балкан во Тиват, а зад кој стојат германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон.
Во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1, Сиљановска-Давкова додаде дека нон-пејпер значи нешто без наслов, без име, без потписи, а со идеи.
Сиљановска-Давкова: Но, секогаш ваквиот тип документи, или многу често, им претходеле на вистинските документи. Ако се оценува чекорот, тогаш го поздравувам. Зошто? Бидејќи ако досега ние во поглед на Западниот Балкан велевме ‘на Западот ништо ново’, бидејќи дури и двата клучни претенденти за членство го сменија мислењето, едниот, вториот, мислам на Албанија и на господинот Рама, тогаш навистина било однесувањето нејасно во поглед на интегрирањето на Западниот Балкан. И тоа не е нешто ново. Тоа го констатираат и врвни познавачи на евроинтеграциите на Западот – 13 години никој од овој регион не влегол во Европската Унија. Мислам дека тоа ќе биде Црна Гора и мислам дека тоа ќе биде уште еден доказ дека портите се отворени. (…) Паметите кога премиерот во една прилика кога се врати и од самитот на Европската политичка заедница, спомена дека има предлози, варијанти итн. Да, се разбира, кога сте во политиката мора да бидете кредибилни. Сè додека не видите еден документ кој нема да биде нон-пејпер, туку ќе биде обврзувачки, треба да ги мерите зборовите. Во таа смисла јас кажувам дека да, веќе подолго време многу познати тинк-тенкови работеа на проблемите со коишто се соочува Европската Унија и моделите за нивно решавање, и секогаш излегуваше една мисла дека поголема Европска Унија, поширока Европска Унија е покомпетитивен играч на комплицираната глобална мултиполарна сцена. Исто така, решени проблеми на т.н. Западен Балкан значат и мир во Европа. Значи, како да оживеа духот на Солун од 2003 година кога и поддршката и заложбите беа јасни, ама потоа мислам дека се појави една конфузија во односот.
360°: Како што велите, ако овој нон-пејпер добие форма на пејпер во еден момент, и ако ова се магистралните правци во тој документ, што има за нас? Како граѓани на оваа земја секогаш сме најзаинтересирани – има ли и што за нас? И во таа смисла, евентуалните поволности што државите кандидатки може да ги користат, значаен дел од нив се поврзани со претходно отворање на пристапните преговори, со отворени кластери, дури и со исполнети бенчмаркови, па и затворени поглавја по одредени теми. Така што, како гледате на овој процес низ македонска призма?
Сиљановска-Давкова: Најпрво на нон-пејперот гледам низ регионална призма. За жал, ние сè уште не сфативме дека доколку не манифестираме регионално разбирање, доколку не ги препознаеме и не ги браниме регионалните интереси, дури и кога ќе влеземе еден ден во Европската Унија, не ќе можат да нè препознаат по тоа што навистина ќе бидеме и фактор усогласен во процесот на одлучувањето. Значи, регионално во овие услови мислам дека е тоа добар чекор и дека најважното можеби за мене е што гарантира извесност – тоа е зборот на госпоѓата Фон дер Лајен – извесност на процесот. Инаку, ние и сега имаме некои од можностите што овде се детализирани и специфицирани. Сме учествувале во работата на некои тела, еве на пример тука кога гледаме Таиекс или Фронтекс итн., ние сме учествувале во таа работа. Но, мислам дека овде сега, штом лидерите на основачите на Европската Унија застанаа зад овој проект – особено ова го мислам за господинот Макрон, бидејќи познати ми се неговите ставови, авторот или креаторот, предлагачот на новата методологија, да потсетам, во текот на преговорите е тој – кога сега тој излегува со нова методологија, бидејќи за господинот Мерц и за Германија тоа беше познато, признава дека нешто на Западот не било добро и дека односот кон т.н. Западен Балкан мора да се ревидира. Кога реков не е случајно – ги паметам неговите зборови во Хаг, во Холандија, во панелот со којшто тој раководеше токму за прашањето на проширувањето, на заканите по Западниот Балкан, кога самиот рече дека доста беа зборови, мораме да преземеме активности. Тие активности ги гледам овде. Нашиот пример. Се разбира дека да, се разбира дека сите овие мерки, доколку во тој главниот пејпер – а се надевам дека ќе биде така – не препознаеме замена или супститут за членство, што мислам дека не само Украина, туку и другите држави не би го прифатиле, мислам дека ќе нè држи во кондиција и ќе ни го овозможува она што ќе нè прави послични на европските членки. Значи, на некој начин ќе биде европеизација во чекорење и заедно. Првиот чекор на оваа филозофија всушност беше Планот за раст и тоа не е случајно. Ова е веќе втор чекор на она што е реформирање.
360°: Една од забелешките е дека нема макар и провизорен датум до кога трае постепеното интегрирање. Само по себе постепеното интегрирање може да личи атрактивно, како што вие велите, но нема датум до кога тоа трае и кога завршува.
Сиљановска-Давкова: Одлична ви е забелешката. Да, дури и јас кога го давам успешниот пример за Црна Гора, велам дека многу важно беше што можеби и неформално ама беше креиран патоказ за Црна Гора – целосен – кога, што, како. Од временска рамка да потсетам наназад, сите Црногорци каде и да бевме, велеа ‘до 2028 година нашата европска приказна ќе се оформи’. Во право сте, тоа треба, меѓутоа, да биде индивидуално или за секоја земја. Затоа се и тие блокови, значи за секоја земја според тежината и брзината на чекорите и соодветна временска рамка.
Иако за Македонија останува проблемот на фактичкото, суштинско, отворање на пристапните преговори, односно преговорите по кластери, и со таквата констатација Сиљановска-Давкова се согласува, сепак таа вели дека во нашиот случај препознава веќе некои специфични чекори.
Сиљановска-Давкова: На пример, иако за првпат во креирање на акциски план на ваков начин, претпоставувам знае јавноста, вклучен е и експерт од Советот на Европа, односно од Европската комисија. Не случајно. Зошто? Заради тоа што и од сите малцинства се бараше да се изјаснат – една многу детална процедура. Сакам да кажам дека можеби еве и ова е еден од оние начини што јас ги нарекувам европска креативност по потреба. Значи, не велам во моментов, не можам да тврдам дека не е така, бидејќи она што го велите вие е така. И господинот Кошта го повтори тоа, иако морам да кажам, во Софија по средбата овде имаше една правничка изјава кога рече дека мора да има некакви гаранции. Но, јас во моментов не можам да одговорам прецизно на вашето прашање, бидејќи очекувам да се сретнам утре со премиерот и со министерот за надворешни работи, за луѓе кои биле ’ин медиас рес’ да ми кажат како тоа се замислува. Меѓутоа, познати ви се и јас останувам на моите тврдења дека има механизми коишто ќе ни овозможеле на некој начин да не бидеме во стартот блокирани и да не останеме единствен преседан. А тоа го поткрепувам со моето тврдење на сите средби со лидерите од регионот дека може да ги затворите сите кластери и поглавја, меѓутоа да бидете блокирани и тоа не заради причини врзани за Копенхашките критериуми, туку од балкански пориви.
360°: Интересно е, на пример, Хрватска, којашто е наш пријател, го блокира затворањето на поглавјето 31 за Црна Гора, меѓу другото, за име на базен во Котор. И сега каква врска има името на базенот во Котор со Копенхашките критериуми?
Сиљановска-Давкова: Нема. Значи, очекувам некои предлози кои ќе бидат механизми за дебалканизација во одлучувањето, оти инаку преседанот бидете сигурни ќе се мултиплицира.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Сиљановска-Давкова: Го поздравувам нон-пејперот на Мерц и…
Кога ќе видиме „пејпер“, тогаш ќе можам…
Силен ветер го скинал проводното јаже на…
Поради невремето што попладнево го зафати охридско-струшкиот…
Општина Кратово за насилниците кои наплаќаат карти…
Општина Кратово попладнево соопшти дека со години…
(Видео) „Во хибридна војна сме“: Рама уверува…
Премиерот на Албанија, Еди Рама,реагираше преку објава…
Нетанјаху: Иран и Хезболах се послаби од…
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху порача дека Израел…