Си-Ен-Ен: На што да се внимава во американско-иранскиот меморандум за завршување на војната
За еден релативно краток „меморандум за разбирање“, нацрт-договорот меѓу Соединетите Американски Држави и Иран одзема многу време за да биде финализиран, пишува Си-Ен-Ен.
Причината е што формулациите и редоследот на чекорите се од клучно значење; секој збор ќе биде анализиран и оспоруван, а секоја поврзаност меѓу различните елементи ќе биде внимателно разгледувана.
На пример, дали процесот од шеесет дена предвиден во меморандумот ќе биде дефиниран како продолжување на повеќенеделниот прекин на огнот или како конечно завршување на непријателствата?
Дури и ако меморандумот е само една страница со околу десетина кратко наведени точки, како што сугерираат бројни извештаи, работите не се толку едноставни.
„Мора да имаме дипломатско решение кое многу јасно ќе ги дефинира темите за кои се подготвени да преговараат и степенот на отстапки што се подготвени да ги направат уште на почетокот за процесот да биде вреден“, изјави американскиот државен секретар Марко Рубио во вторникот.
Редоследот на чекорите во процесот што треба да се одвива во текот на два месеца е од суштинско значење.
Каде сме во моментов
Иран и Соединетите Американски Држави постигнале прелиминарен договор со кој постојниот прекин на огнот треба да се претвори во подолгорочно решение, соопштија американски претставници во четвртокот.
Но во петокот претседателот Доналд Трамп изнесе низа барања поврзани со Ормутскиот Теснец, иранската нуклеарна програма и одмрзнувањето на иранските средства што се наоѓаат во странство, што не беше добро прифатено во Техеран.
Тврдењата на Трамп во објава на социјалните мрежи претставуваат „мешавина од вистина и невистина“ и обид да се прикаже „вештачки создадена победа“, оцени полуофицијалната новинска агенција Фарс.
„Она што Американците го претставуваат како задолжителни услови, всушност се барања“, изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаеи.
Оттука, се чини дека меморандумот и понатаму е, во најдобар случај, работа што сè уште е во изработка.
Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет изјави во Сингапур во саботата дека разговарал со Трамп, кој сакал да повтори колку е трпелив во обезбедувањето ова историско американско настојување да резултира со добар, одличен договор и дека е подготвен трпеливо да работи кон таа цел.
Повторното отворање на Ормутскиот Теснец како клучен прв чекор
Двете страни го сметаат договорот за пловидба низ Ормутскиот Теснец за прв чекор по тримесечната блокада на овој стратешки морски премин, која предизвика нагло зголемување на цените на суровата нафта и други стоки.
„Ормутскиот Теснец мора веднаш да биде отворен, без никакви надоместоци и со неограничен поморски сообраќај во двете насоки“, изјави Трамп во петокот, додавајќи дека Иран треба да биде одговорен за отстранувањето на мините од морскиот пат.
Во исто време, според Трамп, американската поморска блокада на иранските пристаништа би била укината.
Според некои информации за меморандумот, Иран би овозможил враќање на поморскиот сообраќај низ теснецот на нивото од пред војната во рок од триесет дена. Извори од бродската индустрија наведуваат дека секторот ќе бара подолг период на стабилност пред повторно да испраќа бродови низ овој премин.
Трамп инсистира на слободна и непречена пловидба, додека Иран и натаму тврди дека има право да управува со сообраќајот низ меѓународниот воден пат во соработка со Оман. Пронаоѓањето формулација што ќе ги усогласи овие две позиции ќе биде исклучително тешко.
Иран спроведува „паметно управување со Ормутскиот Теснец“, изјави Ебрахим Азизи, шеф на Комисијата за национална безбедност на иранскиот парламент, во интервју во петокот.
„Контролните мерки и договорите на Иран во Ормутскиот Теснец се трајни по природа и сигурно не се привремени“, рече Азизи.
Трамп во меѓувреме го предупреди Оман — традиционален сојузник на Западот — да не влегува во никакви договори со Иран.
„Оман ќе се однесува како и сите други, или ќе мора да го бомбардираме. Тие го разбираат тоа. Ќе бидат во ред“, изјави тој на состанок на кабинетот во четвртокот.
Начинот на кој обновувањето на пловидбата ќе се усогласи со барањето на Техеран за итен крај на американската блокада на иранските пристаништа ќе биде исто така клучен.
До 29 мај, 115 трговски бродови биле пренасочени за да се спречи каков било сообраќај кон и од иранските пристаништа, според американската Централна команда.
„Со продолжување на поморската блокада и поставување прекумерни барања во преговорите, тој уште еднаш докажа дека не е наклонет кон преговори и дека следи други цели“, изјави советникот на врховниот лидер, Мохсен Резаи, во саботата.
Иранските државни медиуми тврдат дека меморандумот ќе предвидува повлекување на американските воени сили од близина на Иран паралелно со укинувањето на блокадата и дека „воените бродови не се вклучени во оваа обврска“ за повторно отворање на теснецот.
Трамп не спомена никакво повлекување во своите изјави во петокот.
Нуклеарното прашање
Меморандумот почнува да „тече“ со 60-дневен период на преговори дури откако ќе биде потпишан, а тој период треба да го реши иранското нуклеарно прашање, вклучувајќи ја и судбината на залихите на високо збогатен ураниум. Ова беше главната тема на преговорите посредувани од Оман минатата година и во февруари.
Ураниумот е клучно нуклеарно гориво кое може да се искористи за производство на атомска бомба ако се збогати до високи нивоа. Се проценува дека Иран има повеќе од 440 килограми високо збогатен ураниум.
Трамп повторно ги истакна своите најстроги позиции.
„Иран мора да се согласи дека никогаш нема да има нуклеарно оружје“, напиша тој на социјалните мрежи.
Тој додаде дека иранските залихи, за кои се верува дека се закопани по американските напади во јуни, ќе бидат извадени во заедничка американско-иранска операција и уништени — тврдење кое веднаш беше отфрлено од иранските државни медиуми.
Трамп исто така изјави дека не сака ураниумот да биде пренесен во Русија или Кина, иако Русија повеќепати понудила да го прифати.
Не е јасно дали и како ќе се вклучат иранските поголеми залихи на помалку збогатен ураниум во преговорите.
Азизи, високиот парламентарец, изјави дека „Иран нема намера да го пренесе својот збогатен ураниум во трета земја“.
Почетниот меморандум не се очекува да навлегува детално во програмата за збогатување ураниум. Трамп претходно изјави дека би прифатил суспензија на збогатувањето за 20 години, додека Иран, според извори, понудил значително пократок период.
Замрзнатите ирански средства
Иранската економија веќе беше во длабоки проблеми пред да започне војната, а невработеноста значително порасна по неа.
Писмена порака која наводно е испратена од врховниот лидер Али Хамнеи во четвртокот го повикува парламентот „да даде приоритет на реконструкцијата, економската стабилност и обновата на штетите од војната“.
Иран бара итно одмрзнување на милијарди долари средства што се чуваат во банки во странство. Но висок американски функционер изјави за Си-Ен-Ен дека тоа ќе се случи дури откако Ормутскиот Теснец повторно ќе биде целосно отворен.
Во индиректна референца на тие средства, Трамп во петокот изјави дека „нема да има никакви пари сè додека не се каже поинаку“.
Ако Техеран и Вашингтон се согласат за меморандумот, би можеле да се ослободат 24 милијарди долари ирански средства, соопшти полуофицијалната иранска агенција Тасним во вторникот. Половина од таа сума би можела да биде достапна веднаш по објавувањето на договорот, додава агенцијата.
Се споменуваат и планови за инвестиционен фонд за Иран кој би обезбедил милијарди за реконструкција по конечен договор. САД не би инвестирале во тој фонд, а најголем дел од средствата би дошле од земјите од Заливот.
Иранските власти минатиот месец проценија дека штетите од американските и израелските напади изнесуваат околу 270 милијарди долари.
Санкциите
Во Вашингтон се користи изразот „нема прашина, нема пари“ за да се поврзе отстранувањето на високо збогатениот ураниум со финансиските барања на Техеран.
Како и кај замрзнатите средства, санкциите против Иран ќе бидат укинати само откако Ормутскиот Теснец повторно ќе биде отворен и целосно функционален, изјави американски функционер за Си-Ен-Ен.
Иранската економија трпи под тежината на огромен број меѓународни санкции, најголем дел од нив воведени од САД и Европа. Тие не се очекува да бидат укинати веднаш, туку ќе бидат поврзани со нуклеарното прашање.
„Деталите мора да се договорат по финализирањето на меморандумот“, изјави Багаеи.
Иран проценува дека укинувањето на санкциите врз продажбата на нафта би можело да донесе речиси 10 милијарди долари приход во рок од 60 дена, објави Фарс.
Либан
Не е јасно како или дали конфликтот меѓу Израел и иранскиот сојузник Хезболах во Либан ќе биде вклучен во меморандумот. Во последната недела, иранските претставници нагласија дека договорот ќе се однесува на „крај на војната на сите фронтови, вклучувајќи го и Либан“.
Луѓе ги разгледуваат штетите на местото на израелски напад во Тир, јужен Либан, на 28 мај 2026 година. Израелската војска соопшти дека започнала нови напади врз инфраструктура на Хезболах околу градот Тир, по претходно предупредување за евакуација на жителите.
Во последните денови, израелските сили навлегле подлабоко во јужен Либан и издале нови наредби за евакуација, додека Хезболах продолжува да испукува дронови и ракети кон Израел и да нанесува загуби на израелските трупи во Либан.
Прекинот на огнот договорен со посредство на Вашингтон во средината на април постои само формално, а администрацијата на Трамп ја засили поддршката за израелската кампања.
Американскиот претседател му кажал на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека ја поддржува политиката на Израел да „задржи слобода на дејствување против закани на сите фронтови, вклучувајќи го и Либан“, според израелски функционер.
И на крај: доверба – и проверка
Преговорите се засенети од длабок недостиг на доверба меѓу двете страни. Иранските претставници постојано истакнуваат дека земјата двапати била нападната од САД во последната година додека преговорите биле во тек.
„Немаме доверба во гаранции или зборови — само делата се мерило. Нема да се преземе ниту еден чекор пред другата страна да дејствува“, изјави главниот ирански преговарач Мохамад Багери Галибаф во петокот.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Си-Ен-Ен: На што да се внимава во…
За еден релативно краток „меморандум за разбирање“,…
Воени челници на САД и Куба се…
Шефот на Јужната команда на САД (Саутком),…
Украински дрон ја погоди нуклеарната централа „Запорожје“
Руската државна компанија за нуклеарна енергија „Росатом“…
Иран погуби поранешен ММА-борач осуден дека шпионирал…
Иран неделава го погубил поранешниот ММА борец Голамреза…
САД го отстранија од црната листа бизнисменот…
Американскиот Стејт департмент го отстрани бугарскиот бизнисмен…