СКАНДАЛ ВО БУГАРИЈА: Празна гимназија со фантоми ученици земала 720.000 евра од државата!
Празни училници, речиси целосно отсуство на ученици и сомнежи за прикажување лажна слика за посетеноста – ваква состојба откри телевизијата Нова во стручното училиште за земјоделска механизација во бугарското село Бојаново, во близина на Јамбол, објавија бугарските медиуми.
Според репортажата, иако во училиштето на список се запишани околу 130 ученици, наставата во најголем дел се одвива во празни училници. Дел од учениците признале дека доаѓаат само кога се очекува инспекциска контрола. Новинарската екипа затекнала само неколку наставници и шест ученици кои пристигнале со училишниот автобус.
Дополнителен сомнеж предизвикале податоците за посетеноста. Според информациите што училиштето ги доставило до бугарското Министерство за образование, минатата учебна година биле евидентирани само 6,9 проценти отсуства, а за оваа година била пријавена посетеност од 95 проценти.
Случајот предизвика реакција од Министерството, кое соопшти дека веќе започнало проверки. При ненајавена контрола на 10 ноември било утврдено дека од вкупно 131 ученик, на настава не присуствувале 113. Отсуствата биле евидентирани во електронскиот систем, но за поголемиот дел од отсутните ученици немало податоци за причините.
На тројца ученици веќе им биле изречени санкции, а за други 38 била започната постапка. На двајца им била прекината социјалната помош поради неоправдани изостаноци.
Посебна проверка ќе се спроведе и во Регионалното управување за образование во Јамбол, за да се утврди дали надлежните институции соодветно го контролирале училиштето во изминатите години и дали реагирале на евентуалните неправилности.
Прашања отвора и начинот на трошење на јавните средства. Училиштето добило околу 720 илјади евра за тековно работење, дополнителни средства за реконструкција на интернатот, како и 90 илјади евра за опремување современа СТЕМ-училница. Но, според репортажата, интернатот е заклучен и нема ученици кои го користат.
Од бугарското Министерство за образование велат дека случајот ја покажува потребата од промена на моделот на финансирање, кој во голема мера зависи од бројот на запишани ученици. Според Министерството, таквиот систем може да поттикне формално прикажување резултати, наместо реално одвивање на наставата.
Најавени се засилени контроли, а доколку се утврди намерно прикривање на отсуствата или други прекршувања, ќе следуваат санкции, вклучително и дисциплинска одговорност на раководството.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
СКАНДАЛ ВО БУГАРИЈА: Празна гимназија со фантоми…
Празни училници, речиси целосно отсуство на ученици…
Расте бројот на загинати во верижниот судир…
Бројот на загинати во тешките верижни судири…
Бугарија вложува во модернизација на армијата: Набавува…
Бугарија презема нови чекори за модернизација на…
Бугарската опозиција бара оставка од Владата по…
Бугарската опозициска партија ГЕРБ вчера побара оставка…
Ден на жалост во Бугарија по тешката…
Владата на Бугарија го прогласи 11 ноември…