Скепса во Берлин за Студентската листа – членството во ЕУ не е експлицитна цел во програмата

t

Шефовите на држави и влади на Европската Унија и шесте држави од Западен Балкан ќе се сретнат во среда, на 25 ноември 2026 година, во Брисел. На дневен ред на самитот се европската перспектива на регионот, реформите и Планот за раст за Западен Балкан, како и заедничките безбедносни предизвици.

Пет од земјите од Западен Балкан – Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија и Србија – се кандидати за членство во ЕУ. Шестата, Република Косово, поднесе барање за членство, но не е признаена од пет земји членки на ЕУ – Грција, Романија, Словачка, Шпанија и Кипар, поради што нема кандидатски статус.

„Иднината на Западен Балкан е во Европската Унија“, изјави претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта при најавата на самитот. Пристапувањето на регионот тој го нарече „централна геополитичка инвестиција во овие турбулентни времиња“.

Додека Црна Гора влегува во завршната фаза од пристапните преговори, вниманието овојпат е насочено пред сѐ кон Србија. Ова е првиот самит по убедливата победа на Студентската листа на парламентарните избори од 25 октомври 2026 година. Новата влада сѐ уште се формира, а нејзината надворешнополитичка програма отвора бројни прашања во Берлин и Брисел.

Во својот извештај за напредокот на Србија од почетокот на ноември 2026 година, Европската комисија не штедеше критики. Во пристапните преговори, според Комисијата, немало значителни подобрувања, а биле забележани и назадувања во сферата на човековите права, слободата на медиумите и академските слободи.

Овие критики, сепак, се однесуваат на владата на Српската напредна партија на Александар Вучиќ, која ги загуби изборите пред еден месец. Истовремено, во Брисел се нагласува дека новото политичко раководство во Белград располага со силен мандат за реформи.

„Србија има шанса за нов почеток“, изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос.

Но како ќе изгледа тој нов почеток, засега останува нејасно за аналитичарите во ЕУ.

„Како ќе изгледа новата српска влада, со што ќе се занимава и како ќе работи, е прашање што моментално се поставува и во Србија и надвор од неа. Засега нема одговори“, вели берлинскиот аналитичар Ади Черимагиќ од тинк-тенкот Европска иницијатива за стабилност (ЕСИ).

Според него, Студентската листа продолжува да функционира на ист начин како што протестното движење дејствувало во изминатите две години – внимателно и темелно. Одлуките не ги носи еден лидер, туку многу луѓе со различни ставови.

Засега единствена насока претставува објавената надворешнополитичка програма на Студентската листа, која предизвика поделени реакции во ЕУ.

Особено критичен е Петер Бајер, пратеник во германскиот Бундестаг и надворешнополитички експерт на ЦДУ.

„Доколку надворешнополитичката програма на Студентската листа се спроведе онака како што е предвидено, може да се очекуваат назадувања во надворешнополитичката ориентација на Србија“, изјави Бајер за ДВ.

На политичарот од ЦДУ особено му пречи тоа што целта за членство во ЕУ никаде не е експлицитно наведена.

Петер Бајер, пратеник во германскиот Бундестаг и надворешнополитички експерт на ЦДУФотографија: Max Hofmann/DW
„Европската интеграција не е прашање на тактички опортунизам, туку стратешка одлука за развојната насока на една држава. Ние ја сакаме Србија во ЕУ. Но демократски нов почеток во внатрешната политика и застој во надворешната политика не можат да одат рака под рака.“

Адис Ахметовиќ, портпарол за надворешна политика на пратеничката група на СПД во Бундестагот, повикува на трпение. Според него, студентското движење обединило луѓе со многу различни убедувања, а заедничко им било залагањето за демократија и владеење на правото, а не надворешната политика.

Затоа програмата на новата влада не треба да се сфати како израз на нова прозападна либерална ориентација, туку како приказ на ставови што и понатаму имаат широка поддршка во политичкиот центар на Србија.

„Доколку нашата поддршка е посакувана, Берлин и Брисел треба да бидат подготвени како сигурни партнери. Не со совети, туку со конкретна помош при изградба на независни институции, ефикасна јавна администрација и функционална правна држава“, изјави Ахметовиќ за ДВ.

Аналитичарот Никола Гајиќ од Институтот „Лајбниц“ за истражување на Источна и Југоисточна Европа во Регенсбург ја оценува програмата на студентската листа како „прагматична и претпазлива“, но и како одраз на идеолошката разновидност на движењето.

Позитивно ги оценува предлозите за професионализација на српската дипломатија, како и барањето соработката со Кина во иднина да се одвива со почитување на законските прописи, еколошките стандарди и работничките права.

Според него, тоа е особено важно поради контроверзните проекти на кинеските компании во Србија.

Во исто време, Гајиќ укажува на силниот акцент врз националните прашања. Веќе насловот на соодветното поглавје, „Србите во регионот“, наместо „Србија и регионот“, покажува дека Србија пред сѐ се гледа како заштитник на Србите во соседните држави. Во програмата, ЕУ главно се перципира како економски партнер, без јасно формулирана визија за политичка интеграција.

Марина Вуловиќ од берлинската Фондација за наука и политика потсетува дека изборната програма не мора нужно да биде идентична со реалната политика на новата влада.

Како позитивен сигнал таа го посочува барањето на Студентската листа за оценување на исполнувањето на меѓуцелите на патот кон ЕУ, наведено во деловите што се однесуваат на владеењето на правото.

Тоа, според неа, индиректно укажува дека европскиот пат треба да продолжи. Претставници на Студентската листа веќе ја известиле Европската комисија дека имаат таква намера и истовремено сакаат да го подобрат нарушениот углед на ЕУ во српската јавност.

Најчувствителното прашање останува Косово, кое со години важи за една од најголемите пречки на патот на Србија кон ЕУ.

Иако Унијата никогаш експлицитно не поставила формално признавање на поранешната српска покраина како услов за членство, се смета дека сеопфатната нормализација на односите е неопходен предуслов за пристапниот процес.

Засега програмата на Студентската листа продолжува да го третира Косово како дел од Србија и најавува „преиспитување на претходните договори“. Поглавјето започнува со зборовите: „Ќе се бориме.“

Аналитичарот Никола Гајиќ во тоа гледа конфронтациски пристап без препознатлива визија за дијалог.

Никола Ксавиреф-Векверт од Германското друштво за надворешна политика сепак, не очекува ескалација. Србија веројатно ќе остане на сегашните позиции, но програмата не содржи кампања за повлекување на меѓународните признанија на Косово ниту мерки против членството на најмладата европска држава во меѓународните организации.

Марина Вуловиќ потсетува дека инсистирањето на Косово е длабоко вкоренето во српското општество и дополнително е запишано во Уставот, поради што брзи промени не се реални.

И Борис Мијатовиќ, известувач на Зелените во Бундестагот за Западен Балкан, не очекува „чуда“, ниту признавање на Косово, ниту целосно усогласување со санкциите на ЕУ против Русија.

Сепак, тој забележува промена:

„Мојот впечаток е дека подготвеноста за дијалог кај студентите е значително поголема отколку што беше случај со Александар Вучиќ.“

Бидејќи студентското движење може многу брзо да носи важни одлуки, Мијатовиќ предлага прашањето за идните односи меѓу Србија и Косово да добие период на смирување од најмалку сто дена.

Ниту кон Русија програмата на Студентската листа не носи суштински пресврт. Се предвидува задржување на добрите односи, а санкциите и натаму се отфрлаат.

Аналитичарот на Германското друштво за надворешна политика, Ксавиреф-Векверт, сепак гледа малку знаци за нови економски, безбедносни или енергетски партнерства со Москва. Без досегашните лични врски на Вучиќ и неговото опкружување со Кремљ, според него, поверојатно е постепено заладување на односите.

Клучно прашање би можела да стане енергетиката. Договорот за испорака на руски природен гас е продолжен до март 2027 година.

Мијатовиќ очекува дека по разговорите со Москва би можело да се отвори простор за алтернативни западни понуди, особено преку Солун и тамошниот ЛНГ-терминал.

И аналитичарот Ади Черимагиќ поставува прашања кон Западот: дали ЕУ ќе го поддржи јадрото на програмата на Студентската листа – владеење на правото, судството, полицијата, безбедносните служби, медиумите и фер изборите? Или и натаму еднакво ќе инсистира на прашањата поврзани со Русија и Косово, кои би можеле внатрешно да ја поделат новата српска влада?

Дека ЕУ не чека никого покажува примерот на Црна Гора. Според проценката на Европската комисија, земјата би можела во 2028 година да стане 28-та членка на Европската Унија.

Сепак, дури и напредокот на Црна Гора, како и целта сите преговарачки поглавја да бидат затворени до крајот на годинава, сѐ уште можат да се соочат со пречки.

Една од нив доаѓа од Хрватска.

Членката на ЕУ, Хрватска, и Црна Гора и натаму имаат нерешени прашања што потекнуваат од југословенските војни во деведесеттите години.

Тогаш хрватскиот град Дубровник беше нападнат од територија на денешна Црна Гора. Владата во Загреб веќе најави дека последните преговарачки поглавја можат да бидат затворени дури кога Подгорица ќе ги исполни преземените обврски.

Меѓу нив е и отвореното гранично прашање на крајниот југ на Хрватска.

Министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, според медиумски извештаи од регионот, изјавила дека, доколку не се постигне договор, можно е спорот да заврши пред меѓународен суд.

Тоа буди непријатни спомени на словенечката блокада на пристапувањето на Хрватска во ЕУ поради спорот околу морската граница, што го одложи членството на земјата за неколку години.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Скепса во Берлин за Студентската листа –…

Шефовите на држави и влади на Европската…

Британските фирми што ја снабдуваат Украина предупредени…

Британските компании што обезбедуваат воени резерви за…

Српското обвинителство го проверува имотот на белградскиот…

Третото основно обвинителство во Белград го проверува…

Анкета во Германија: 53 проценти од граѓаните…

Мнозинството Германци се против продолжувањето на германската…

Ѓорѓиевски: Целосната реконструкција на паркот „Жена –…

Градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски денеска…