ССМ е против идејата за пензионирање на 72 години
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) изрази сериозна загриженост поради јавните дискусии за можноста за зголемување на старосната граница за пензионирање, во кои се споменува и опција работниот век да се продолжи до 72 години.
Од ССМ оценуваат дека ваквите предлози не претставуваат долгорочно решение за состојбата во пензискиот систем, туку само привремено би го ублажиле дефицитот во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ), додека суштинските проблеми би останале нерешени.
Во објава на својата фејсбук-страница, Синдикатот се повикува на податоците од Државниот завод за статистика, според кои очекуваниот животен век во земјава изнесува 76,63 години.
„Според ‘Статистичкиот годишник на Република Северна Македонија 2025’ на Државниот завод за статистика, очекуваниот животен век во државата изнесува 76,63 години. Дали тоа значи дека идејата е, наместо пензија, да се работи речиси до крајот на животниот век?“, прашуваат од ССМ.
Според Синдикатот, наместо продолжување на работниот век, потребни се политики што ќе го зголемат бројот на вработени, особено меѓу младите, преку отворање нови, одржливи работни места како резултат на домашни и странски инвестиции, како и преку повисоки плати.
Од ССМ сметаат дека токму поголемата вработеност и подобро платените работни места ќе обезбедат повеќе средства во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, а истовремено ќе придонесат за намалување на сиромаштијата и подобрување на животниот стандард.
Воедно, Синдикатот повикува на креирање политики што ќе обезбедат пристојна работа за сите, со целосно почитување на работничките права и меѓународните трудови стандарди, со што младите ќе бидат мотивирани да останат да работат и да живеат во Македонија.
ССМ предлага и измени во пензискиот систем, меѓу кои можност за пензионирање по навршени 40 години работен стаж за мажи и 35 години за жени, воведување предвремена пензија, предвремена старосна пензија по возраст, неполна старосна пензија, како и можност за докуп на работен стаж.
Дополнително, од Синдикатот сметаат дека е неопходно да се воведе бенефициран работен стаж за градежните работници, како и за вработените во други дејности каде што работата се извршува во особено тешки и ризични услови кои негативно влијаат врз здравјето и животот на работниците.
„Наместо продолжување на работниот век, потребни се системски решенија што ќе обезбедат одржлив пензиски систем и достоинствени услови за работа и пензионирање“, порачуваат од ССМ.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
ССМ е против идејата за пензионирање на…
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) изрази…
Пензионер од Радовишко потпалил игралиште и нива,…
Седумдесет и тригодишен жител на радовишкото село…
Дрска кражба во Скопје: Среде ноќ испразниле…
На 10.07.2026 околу 03:15 часот во СВР…
Битиќи ја нарече Димитриеска-Кочоска „сметководителка“, од ВМРО-ДПМНЕ…
ВМРО-ДПМНЕ најостро ги осуди, како што наведува,…
Ќе има проблеми и за Србија –…
Стратегијата за вадење на бугарски пасоши во…