Тошковски: Врсничкото насилство во Ѓорче сериозно се истражува, 14 лица повикани на разговор

t

Министерството за внатрешни работи води активна истрага за случајот на врсничко насилство во скопската населба Ѓорче Петров, во кој, според официјалните информации, веќе се повикани на разговор 14 лица, а за дел од нив ќе следуваат соодветни процесни дејствија. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски нагласи дека станува збор за сериозен проблем кој бара институционален, но и поширок општествен ангажман.

– Ова е сериозен проблем кој нè засега сите и кој ќе остане во фокусот на Министерството за внатрешни работи. Во однос на конкретниот случај за кој прашувате, запознаен сум дека се води истрага. Четиринаесет лица се повикани на разговор, а за дел од нив ќе следуваат соодветни процесни дејствија. Во рамки на предметот е вклучено и Јавното обвинителство и се постапува по насока на надлежен јавен обвинител – изјави Тошковски пред промоцијата на Протоколот за лица без државјанство во Клуб на пратеници во Скопје, дополнувајќи дека меѓу повиканите има и родители на ученичките вклучени во случајот.

Тој потенцираше дека јавноста ќе биде информирана за понатамошните чекори, но со внимателен пристап поради тоа што станува збор за малолетници. Истовремено упати порака дека фокусот на врсничкото насилство не смее да се сведе само на репресија.

– Мораме сериозно и континуирано да бидеме фокусирани на овој тип криминалитет. Не само од аспект на Министерството за внатрешни работи, кое делува и превентивно и репресивно, туку преку вклучување на сите надлежни институции. Потребен е мултиинституционален и системски пристап. Апсолутно значајна е и улогата на родителите – нивната улога во воспитувањето, нивното однесување и нивната вклученост во образовниот процес на децата. Затоа упатувам апел до сите родители и општествени чинители да се фокусираме заедно на овој проблем. Тој постои, присутен е, дел од случаите излегуваат во јавноста, дел не, но тоа не значи дека не постојат – рече министерот.

Во врска со прашањето за проширување на ингеренциите на полицијата во борбата против семејното насилство, Тошковски најави значителни зајакнувања на ингеренциите и капацитетите на полицијата во борбата против семејното насилство, со фокус на потенцијалниот сторител и со цел поефикасна заштита на жртвите.

– Фокусот ќе биде на потенцијалниот сторител на насилство, без оглед дали е сопственик на објектот или не, и без оглед каде насилството е извршено. Ова претставува суштинска разлика во однос на досегашните решенија и е целосно усогласено со Истанбулската конвенција – нагласи Тошковски.

Тој информираше дека Министерството работи на зајакнување на интервенциските тимови и нивно технолошко опремување, вклучително и со современи интелигентни бодикамери.

– Целта ни е интервенциските тимови да бидат опремени со современи и интелигентни бодикамери, кои во реално време ќе ја снимаат фактичката состојба на терен. Со тоа ќе може непобитно да се утврди дали имало физичко насилство, закани или други дејствија – рече министерот.

Според него, ваквите решенија ќе обезбедат двојна заштита – и за жртвите и за полициските службеници кои професионално постапуваат. Паралелно, се развива и интелигентен систем кој ќе овозможи прибирање аудио и видео докази преку мобилни уреди, со согласност на жртвата, што дополнително ќе ја зајакне доказната постапка.

-Таквите докази ќе имаат значење и од репресивен и од превентивен аспект. Потенцијалните сторители ќе знаат дека не можат да избегнат одговорност, што ќе делува одвраќачки – истакна Тошковски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Тошковски: Врсничкото насилство во Ѓорче сериозно се…

Министерството за внатрешни работи води активна истрага…

Нашите деца не починаа од алкохол и…

Родителите на загинатите во пожарот во „Пулс“,…

Миа Костова: Недостаток на внимание од дома…

Јавната личност Миа Костова преку објава на…

„Сметам дека трагедијата не е предизвикана од…

Обвинетиот за наведување на самоубиство на сопругата…

УХМР најавува драстична промена: Снег на планините…

Времето денеска сончево со мала до умерена…