Уапсени петмина вработени во болница во Зеница по сомнежи за насилство врз пациент
По смртта на поранешниот атлетичар Кристијан Јосип Периш во Хрватска, поради која четворица медицински техничари се осомничени за тешко убиство, нов случај на сомнеж за насилство врз пациент е регистриран во Босна и Херцеговина.
Полицијата на Министерството за внатрешни работи на Зеничко-добојскиот кантон во четвртокот уапсила петмина вработени во Кантоналната болница во Зеница. Случајот се однесува на пациент роден во 2002 година, потврдиле за телевизијата Н1 Сараево.
Настанот бил пријавен на 10 ноември од вработени во болницата, по што полициските службеници презеле истражни дејствија. За случајот бил известен и надлежниот кантонален обвинител.
Според досега достапните информации, станува збор за случај во кој се споменуваат полесни телесни повреди. Сите околности и степенот на повредите ќе бидат утврдени во понатамошната постапка, согласно наредбите на надлежните органи.
Петтемина уапсени се вработени на психијатриското одделение во болницата. Тие ќе бидат предадени на надлежното обвинителство заедно со извештај за сторено кривично дело.
Болницата сама го пријавила случајот и ги предала доказите
Раководството на Кантоналната болница во Зеница соопшти дека веднаш штом дознало за сомнителните околности, спровело внатрешна проверка и самостојно ги известило полицијата и истражните органи.
Од болницата наведуваат дека ги предале сите достапни докази, вклучително и снимки од надзорните камери.
„Нашата реакција беше водена исклучиво од целта да ги заштитиме правата, безбедноста и достоинството на пациентите, согласно Законот за правата, обврските и одговорностите на пациентите“, соопштија од установата.
Оттаму нагласија дека имаат нулта толеранција за каков било облик на насилство, непрофесионално однесување или нарушување на медицинската етика.
„Најостро го осудуваме секое постапување што ја загрозува довербата на граѓаните во нашата установа. Целосно соработуваме со истражните органи за одговорните лица да бидат соодветно санкционирани“, наведуваат од болницата.
Случајот доаѓа по смртта на пациент во Загреб
Овој настан следува по случајот што ја потресе хрватската јавност, кога поранешниот атлетичар Кристијан Јосип Периш, на 32-годишна возраст, почина на 21 октомври во Психијатриската клиника „Свети Иван“ во Загреб.
Во врска со неговата смрт, четворица медицински техничари се осомничени за тешко убиство и се наоѓаат во истражен притвор.
Меѓу доказите во тој случај е и снимка од надзорна камера во болничката соба, која подоцна протече во јавноста.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Уапсени петмина вработени во болница во Зеница…
По смртта на поранешниот атлетичар Кристијан Јосип…
15.000 потписи за електронски алки за насилниците…
Петнаесет илјади граѓани за помалку од три…
Мостарец осуден на максимални 45 години затвор…
Кантоналниот суд во Мостар денеска го осуди…
Страшна несреќа во Босна: Две девојки загинаа,…
Две девојки од Сараево на возраст од…
Во БиХ запленети 1,1 тони синтетичка дрога…
Властите на Босна и Херцеговина денеска објави…