ФЗО: За една година поднесени 1.883 барања за ин–витро

t

За семејствата кои со години се обидуваат да станат родители, секој нов обид значи нова надеж. Токму затоа, пред една година беше направена една од позначајните промени во остварувањето на правото на биомедицинско потпомогнато оплодување – бројот на БПО обиди на товар на Фондот беше зголемен од три на најмногу шест.

Само една година подоцна, бројките покажуваат дека оваа промена не останала само законска можност, туку право кое осигурениците реално го користат, велат од Фондот.

Во периодот од 7 август 2025 до 20 август 2026 година, од вкупно 1.883 поднесени и разгледани барања за БПО, дури 237 се однесуваат на четврти, петти или шести обид – можност која претходно не постоеше на товар на Фондот.

Од нив: 216 барања се за четврти обид, 17 барања се за петти обид и 4 барања се за шести обид.

„Тоа значи дека околу 12,6 проценти од сите барања разгледани во овој период се токму за дополнителните обиди овозможени со законските измени. Зад секоја од овие бројки стои семејство кое добило уште една можност да продолжи таму каде што претходно системската поддршка завршувала“ – велат од Фондот за здравствено осигурување.

Реформата во биомедицински потпомогнато оплодување (БПО) не се состоеше само во зголемување на бројот на обиди.

„Постапката беше дополнително поедноставена со воведување електронска достава на известувањето за одобрено право на БПО, рокот за поднесување приговор беше продолжен од 8 на 15 дена, а осигуреното лице здравствените услуги за БПО ги остварува врз основа на известување од Фондот, без потреба од дополнителен упат од избран лекар – гинеколог од примарната здравствена заштита“, велат од Фондот.

Оттаму информираат дека за БПО постапки извршени во осум здравствени установи со кои Фондот има склучено договори, во 2025 година се реализирани повеќе од 97,3 милиони денари.

„Проширувањето на пристапот до БПО има значење кое оди подалеку од една здравствена постапка. Во услови на сериозни демографски предизвици, намален наталитет и стареење на населението, секоја институција има обврска во рамките на своите надлежности да придонесе за создавање подобри услови за семејствата кои сакаат да станат родители. Здравствениот систем сам не може да ги промени демографските текови, но може да направи нешто многу конкретно – да обезбеди повеќе можности и финансиската пречка да не биде причината поради која едно семејство ќе мора прерано да се откаже од обидот за потомство. Токму во тоа е суштината на зголемувањето од три на шест БПО обиди. Не станува збор само за измена на еден член од закон или за дополнителен ваучер. Станува збор за уште една шанса. А понекогаш, токму уште една шанса е она што е потребно за надежта да стане живот“, велат од ФЗО.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ФЗО: За една година поднесени 1.883 барања…

За семејствата кои со години се обидуваат…

ФЗО: Од утре лекот Myfortic без доплата

Пациентите со трансплантирани органи од утре ќе…

(Видео) Ќе се менува Колективниот договор во…

Над 1.800 здравствени работници ги тужат државните…

Меѓу осигурениците на Фондот за здравство во…

Според табелата на српскиот Фонд за здравствено…

Болниците да проверат резерви на хелиум!

Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) упати итно…