ФИФА не попушта пред бојкотот на УЕФА: Светското првенство оди на продажба
Светскиот фудбал е пред еден од најголемите расколи во својата историја. ФИФА најави дека ќе продолжи со контроверзниот план за влез на приватни инвеститори во комерцијалното управување со Светското првенство, иако сите 55 членки на УЕФА се заканија дека ќе ги бојкотираат натпреварувањата на светската фудбалска организација.
ФИФА тврди дека планот погрешно бил претставен во јавноста и дека секоја од нејзините 211 национални федерации мора да добие можност да се изјасни.
„Никој не го продава фудбалот“, порача организацијата, најавувајќи дека ќе продолжи со консултациите.
УЕФА, пак, возврати дека Светското првенство не смее да биде претворено во инвестициски производ.
Што точно сака да продаде ФИФА?
Планот на претседателот Џани Инфантино предвидува формирање нова комерцијална компанија наречена „FIFA Forward Enterprise“ – FFE, проценета на 20 милијарди долари.
Компанијата би управувала со Светското првенство и со другите големи натпреварувања на ФИФА. На надворешни инвеститори би им биле понудени до 20 проценти од сопственоста, со што ФИФА би можела да собере околу 4,2 милијарди долари.
Меѓу потенцијалните инвеститори се споменува фондот „Thrive Eternal“, поврзан со Џошуа Кушнер, брат на Џаред Кушнер – зетот на американскиот претседател Доналд Трамп.
Приватните инвеститори би останале малцински сопственици, но критичарите предупредуваат дека нивниот основен интерес би бил максимизирање на профитот од највредното фудбалско натпреварување во светот.
По 40 милиони долари за федерациите што ќе го поддржат планот
Инфантино им ветил на националните федерации дека секоја од нив ќе добие по 40 милиони долари доколку предлогот биде прифатен до 19 септември.
Според верзијата на планот објавена од „Еуроњуз“, федерациите би добиле еднократна исплата од 20 милиони долари во почетокот на 2027 година, додека редовната финансиска поддршка за периодот од 2027 до 2030 година би се зголемила од осум на 20 милиони долари.
Но ФИФА сега вели дека без поддршка од мнозинството членки нема да ја формира новата компанија.
За усвојување на предлогот се потребни најмалку 106 гласа од вкупно 211 федерации.
УЕФА: Светското првенство не е на продажба
Сите 55 членки на УЕФА едногласно изгласале бојкот на натпреварувањата на ФИФА доколку планот остане во сила.
„Светското првенство не може да биде третирано како инвестициски производ. Ниту еден негов дел не смее да им биде предаден на приватни инвеститори. Светското првенство не е на продажба“, соопшти УЕФА.
Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, порача дека иднината на фудбалот не може да биде диктирана од луѓе чија прва должност е да го зголемат финансискиот принос.
Доколку заканата стане реалност, европските репрезентации нема да настапуваат на Светските првенства и на другите турнири организирани од ФИФА. Бојкотот би ја опфатил и Македонија, како една од членките на европската фудбалска конфедерација.
Првиот директен тест може да биде Светското првенство за фудбалерки до 20 години, кое треба да започне на 5 септември во Полска.
Против Инфантино застанаа 143 федерации
Конфедерацијата на Северна и Централна Америка и Карибите – КОНКАКАФ, која има 41 членка, исто така го отфрли предлогот, но засега не се приклучи кон заканата за бојкот.
Против планот се изјасни и Азиската фудбалска конфедерација со своите 47 членки. Таа предупреди на сериозни проблеми со транспарентноста, управувањето и начинот на кој ФИФА ги носи одлуките.
УЕФА, КОНКАКАФ и Азиската конфедерација заедно претставуваат 143 од вкупно 211 членки на ФИФА. Иако не е сигурно дека секоја национална федерација ќе гласа според позицијата на својата конфедерација, сегашниот однос на силите покажува дека планот тешко може да добие мнозинство. Еуроњуз
Советникот на Инфантино поднесе оставка
Притисокот врз Инфантино дополнително се засили откако неговиот висок советник Карлос Кордеиро поднесе оставка во знак на протест.
Кордеиро оцени дека станува збор за лош договор за федерациите, фудбалот и долгорочната иднина на играта, обвинувајќи ја ФИФА дека ја става иднината на спортот под хипотека без убедлива причина.
Судирот доаѓа само неколку месеци пред почетокот на новата изборна трка за претседател на ФИФА. Инфантино досега изгледаше како сигурен кандидат за уште еден мандат, но планот за приватните инвеститори отвори бунт што може да ја загрози и неговата позиција.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
ФИФА не попушта пред бојкотот на УЕФА:…
Светскиот фудбал е пред еден од најголемите…
Гори во Делчево, Валандово и Струга
На ден 31.07.2026 година, до 18:00 часот,…
Првичните резултати велат дека белата пена не…
Белата пена што беше испуштена во вардар…
(Видео) Трагедија во Романија: Минибус полн со…
Едно лице загина, а десетмина се повредени…
Трамп: Не сум сигурен дали треба да…
Американскиот претседател Доналд Трамп изрази сомнеж дали треба да…