Фон дер Лајен му парира на Трамп со инвестиција од 200 милиони евра во Гренланд

t

Европската унија ќе инвестира дополнителни 200 милиони евра во Гренланд во следните две години со цел продлабочување на економските врски и искористување на суровините, најави во понеделник претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за време на официјалната посета на огромниот арктички остров.

„Знаеме дека Арктикот стана едно од местата каде што се судираат тектонските плочи на геополитиката, па затоа имаме директен интерес за она што се случува овде“, изјави фон дер Лајен во главниот град Нук.

Финансискиот пакет има цел да го зголеми присуството на ЕУ во полуавтономната територија, која долго време е во фокусот на американскиот претседател Доналд Трамп.

Трамп го разниша трансатлантскиот сојуз со неговото инсистирање САД да го преземат Гренланд од Кралството Данска. Тензиите достигнаа врв во јануари, кога тој се закани со воведување високи царини за да изврши притисок врз Данска да се откаже од територијата. Подоцна се повлече по силните реакции.

Но, во јули Трамп ненадејно повторно ја оживеа амбицијата да го припои островот кон САД, покажувајќи дека прашањето и натаму му е високо на агендата. Во понеделникот тој објави карта на светот на која Гренланд е прикажан под американска контрола.

Фон дер Лајен ја искористи посетата на Нук за да ја истакне европската поддршка во услови на, како што рече, „огромен притисок“, иако не го спомена Трамп по име.

„Европската унија стои во целосна солидарност со Кралството Данска и со народот на Гренланд. Ќе продолжиме да го правиме тоа. И сакаме да бидеме многу јасни и повторно да нагласиме дека за иднината на Гренланд треба да одлучат народот на Гренланд и Данска. Никој друг“, изјави таа пред новинарите.

„Територијалниот интегритет, суверенитетот и неповредливоста на границите се основни принципи на меѓународното право.“

Гренландскиот премиер Јенс-Фредерик Нилсен и данската премиерка Мете Фредериксен, кои стоеја покрај неа, ѝ се заблагодарија на фон дер Лајен за нејзините зборови.

„На Гренланд му е потребна Европската унија, а на Европската унија ѝ е потребен Гренланд“, изјави Нилсен. „Цврсто верувам дека тоа е точно. Потребни сме си едни на други.“

„Вашиот став беше многу јасен во последните неколку години. Тоа ни беше потребно, а потребно ни е и сега, затоа ви благодарам“, ѝ рече Фредериксен на фон дер Лајен.

Фредериксен додаде дека Данска е отворена за „поблиска“ соработка и со САД и со Европа во областа на безбедноста и одбраната во Арктикот – регион кој поради климатските промени станува сè попривлечен за големите светски сили.

Инвестицискиот пакет од 200 милиони евра ќе биде насочен кон три клучни области: дигитална поврзаност, вклучително и подморски кабли и сателитска инфраструктура; чиста енергија, со посебен акцент на хидроенергијата; и одржливо ископување критични суровини.

Гренланд располага со 25 од вкупно 34 минерали што Брисел ги смета за клучни за развојот на европското производство на обновливи енергетски системи и напредни технологии. Секторот во голема мера е под доминација на Кина, што ја прави ЕУ зависна од извозните ограничувања на Пекинг.

Сепак, рударството на островот останува далеку под неговиот потенцијал поради суровите глацијални услови, кои ги одвраќаат инвеститорите од скапите проекти.

Минералните богатства беа меѓу причините што Трамп ги наведе за да ја оправда заканата за преземање на Гренланд, иако за „Њујорк тајмс“ изјави дека во крајна линија станува збор за прашање на сопственост. Тој исто така се пожалил дека сојузниците не инвестираат доволно во регионот.

Оттогаш европските земји се обидуваат да му се спротивстават на наративот на Трамп со дополнително зајакнување на своите обврски кон Гренланд.

Во следните две недели, војници од 10 земји ќе учествуваат во вежбата на НАТО „Arctic Shield“. Во меѓувреме, Европската комисија работи на ажурирање на својата стратегија за Арктикот, а во предлогот за следниот буџет на ЕУ предвиде 530 милиони евра конкретно за Гренланд.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Фон дер Лајен му парира на Трамп…

Европската унија ќе инвестира дополнителни 200 милиони…

Мицотакис за Македонија: „Нема суштински напредок во…

Мицотакис за Македонија испрати директна порака во…

Сали од Даблин: Проширувањето мора да остане…

Првиот заменик-претседател на Владата и министер за…

Италијански весник: САД тајно ја убедуваат Бугарија…

Соединетите Американски Држави „преку таен канал“ ја…

Остра реакција од Ирска: Државен погреб за…

Ниту државен погреб на осудениот воен злосторник…