Францускиот премиер најави проверки и тестирирања за дрога за вработените во државниот апарат
Францускиот премиер, Себастијан Лекорну, наредил спроведување ненајавени и задолжителни тестирања за дрога кај високи државни службеници и лица што подлежат на безбедносни проверки, јавуваат француските медиуми, повикувајќи се на циркуларно писмо испратено до министерствата.
Според насоките, вработените во министерските администрации, како и лица на функции поврзани со владата, ќе треба да бидат опфатени со масовни проверки преку орални тестови односно тестирања со плунка, за употреба на наркотични супстанции.
Во случај на позитивен резултат, надлежните институции ќе треба да ги проценат дисциплинските последици, а на вработените истовремено да им биде понудено упатување во здравствени установи.
„Државата не може да води јасна политика против трговијата со дрога и нејзините општествени последици, а самата да не се придржува до истите правила“, пренесува весникот „Монд“ став на француската Влада.
Според телевизијата „ТФ1“, пред три недели била спроведена изненадна проверка во Матинјон, официјалната резиденција на францускиот премиер, при што не била утврдена употреба на дрога кај премиерот и неговите соработници.
Мерката е дел од владин план за борба против трговијата со дрога што опфаќа околу 50 различни иницијативи, а чие објавување било одложувано. Според весникот „Еко“, тестирањата се само една од предвидените мерки.
Француските медиуми наведуваат дека одлуката можеби била поттикната и од случај од декември минатата година, кога вработен од опкружувањето на Лекорну бил отпуштен поради предозираност.
Франција со години води активна борба против трговијата со дрога од која особено се засегнати поголемите градови како Париз и Марсеј, а според властите количините кокаин што влегуваат во земјата преку Шпанија и француските пристаништа продолжуваат да растат.
Предлогот наиде и на критики. Пратеник од владејачката центристичка коалиција и поранешен министер изјави за телевизијата на француското Национално собрание дека таквите проверки ја поткопуваат довербата меѓу државата и нејзините службеници.
Според него, третирањето на државните службеници како потенцијални осомничени им штети и на работната атмосфера во администрацијата и на довербата на јавноста во политичката класа.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Францускиот премиер најави проверки и тестирирања за…
Францускиот премиер, Себастијан Лекорну, наредил спроведување ненајавени…
Франција пушта милиони стерилни инсекти во борба…
Француските власти започнуваат амбициозна програма за намалување…
Голема акција на италијанската полиција: Запленета дрога…
Италијанската полиција заплени дрога вредна 3,5 милиони…
Француски борбени авиони пресретнаа 11 руски авиони…
Француски борбени авиони пресретнаа 11 руски авиони…
(Видео) Откриен тунел за трговија со дрога…
На границата меѓу американската држава Калифорнија и…