ЦЕЛ ОСТРОВ ОСТАНА БЕЗ СТРУЈА: Целосен колапс на електроенергетскиот систем на Ла Палма, прогласена тревога по силното невреме
Шпанскиот остров Ла Палма, во Канарскиот архипелаг, утрово остана целосно без електрична енергија по сериозен дефект на електроенергетскиот систем. Поради прекинот на снабдувањето, властите на Канарските Острови прогласија состојба на тревога и го активираа регионалниот план за цивилна заштита PLATECA.
Според информациите на шпанската новинска агенција ЕФЕ, дефектот се случил на 2 ноември, во 06:42 часот по локално време, кога дошло до целосен прекин на електричната енергија на островот.
Според податоците на енергетската компанија „Ендеса“, без електрична енергија останале 50.508 корисници, што практично го опфатило целото население и електроенергетската мрежа на островот.
Причината за дефектот сè уште не е официјално утврдена, но инцидентот се случува во услови на силно невреме, обилни врнежи и грмотевични активности кои го зафатија регионот.
Дефект на единствената далекуводна линија
Според информациите на „Европа прес“, проблемот е поврзан и со прекинот на далекуводната линија Гинчос – Ваље, со напон од 66 киловолти, која претставува единствена преносна линија на островот.
Линијата била надвор од функција уште пред целосниот колапс на електроенергетскиот систем. Операторот на шпанската електроенергетска мрежа, „Ред Електрика“ (Red Eléctrica), започнал постапка за постепено обновување на снабдувањето, чекајќи повторно приклучување на термоелектраната Лос Гинчос.
Обилни врнежи и поплави
Ситуацијата дополнително ја комплицира невремето што го зафати островот. Според податоците на локалните служби, на одделни места биле измерени до 62 литри дожд на квадратен метар за само еден час, додека во период од 12 часа количината достигнала 138 литри на квадратен метар.
Претседателот на Канарските Острови, Фернандо Клавихо, ги повика жителите да бидат особено внимателни, да избегнуваат непотребни патувања, да не минуваат низ поплавени подрачја и да ги следат инструкциите на службата за итни случаи 112. Засега нема информации за човечки жртви.
Не е прв ваков инцидент
Ла Палма и претходно се соочила со целосен прекин на електричната енергија. На 10 јуни 2025 година, дефект во електраната Лос Гинчос го оставил целиот остров без струја речиси три часа.
Според „Бриселс Сигнал“, тогаш биле посочени староста на генераторските единици и проблемите со одржувањето како фактори за нестабилноста на системот. Островот во голема мера зависи од дизел-електраната, додека обновливите извори покриваат само мал дел од потребите за електрична енергија.
Во меѓувреме, надлежните служби продолжуваат со активности за нормализирање на снабдувањето. Според податоците објавени од „Ендеса“ околу 10 часот, дел од корисниците веќе биле повторно приклучени, но десетици илјади сè уште биле без електрична енергија
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Вонредна состојба на два грчки острови поради…
Грчките власти прогласија вонредна состојба на островите…
Нови тензии: Јапонија бара Русија да ги…
Јапонија побара од Русија да не одржува…