Објавено на:

Член на грчка левичарско -терористичка организација излезе од затвор – Стејт Департментот му забрани влез во САД

t

Еден од главните членови на грчката левичарско-терористичка организација Револуционерна борба, Никос Мазиотис, вчера излезе од затвор откако ја отслужи неговата затворска казна, а од Стејт департментот преку Икс соопштија дека му е забранет влез во САД „согласно визните рестрикции насочени кон екстремно левичарски терористи“, јави дописничката на МИА од Атина.

Револуционерна борба беше активна во периодот од 2003 до 2014 година и стои зад низа бомбашки напади, меѓу кои и напад со ракетен фрлач врз амбасадата на САД во Атина во 2007 година, како и бомбашки напади врз Атинската берза во 2009 година и пред Банката на Грција во 2014 година.

Мазиотис беше дел од овие напади, за кои и беше осуден, а вчера излезе од затвор, откако во целост ја отслужи 20-годишната казна, од кои 14 години ги помина во затвор, а шест години работел во рамки на затворот.

Од Стејт департментот на Икс напишаа дека Мазиотис беше лидер на „грчката екстремно левичарска терористичка група која водеше долготрајна кампања на насилство против Грците, но и Американците“ и дека излегува од затвор.

– Сепак, нему му е забранет влез во САД согласно нашите визни рестрикции насочени кон екстремно левичарски терористи. Странците кои го поддржуваат ова опасно насилство не се добредојдени во нашата земја, напишаа од Стејт департментот.

Конкретниот пост го сподели и американската амбасадорка во Грција, Кимберли Гилфојл, која напиша дека ослободувањето на „терористот, кој не покажа каење, Никос Мазиотис, по 14 години поминати во затвор, е потсетник дека мора да останеме будни во борбата против заканата од политичко насилство“.

– Мазиотис и неговите истомисленици ултралевичарски терористи немаат место во цивилизираното општество. Нивните варварски постапки заслужуваат целосна и недвосмислена осуда, напиша Гилфојл и се заблагодари за континуираните напори на грчките органи во спроведувањето на законот да ги спречат терористичките напади и да ги изведат сторителите пред лицето на правдата.

Министерот за заштита на граѓаните на Грција Михалис Хрисохоидис во интервју за телевизијата „Скај“ коментираше дека Стејт департментот и Американците имаат свои ставови за овие прашања и имаат свое законодавство, а Европа има поинакво законодавство.

– Никос Мазиотис ја отслужи целата своја затворска казна и беше ослободен. Посакувам и се надевам дека нема да повтори нешто што води до човечки жртви или материјална штета, предизвикана од експлозивни дејствија или од што било друго што може да загрози човечки живот, посочи Хрисохоидис.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Член на грчка левичарско -терористичка организација излезе…

Еден од главните членови на грчката левичарско-терористичка…

Македон Димитровски е примен на Програма за…

Македонскиот генијалец Македон Димитровски по бројните награди…

Пентагон призна: Војната со Иран ги намали…

Пентагон за првпат официјално призна дека војната…

САД потврдија дека имаат оружје во вселената

САД потврдија дека распоредиле вселенско оружје во…

Трамп на комеморацијата во Пентагон за нападите…

Американскиот претседател Доналд Трамп, на комеморацијата во…