Јаневска: Воспоставуваме стабилен систем за спречување на врсничкото насилство
Министерството за образование и наука предвидува континуирани активности за спречување на врсничкото насилство и воспоставување стабилен систем кој ќе делува превентивно, изјави денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска. Таа посочи дека Владата презела повеќе проекти и законски измени, како и промени во училиштата, со цел да се спречи и санкционира врсничкото насилство.
Јаневска одговараше на новинарски прашања за време на настанот по повод поставувањето камен-темелник за изградба на нова спортска сала во ООУ „Братство“, на кој присуствуваа и премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот на Карпош, Сотир Лукровски.
За мерките против врсничкото насилство, министерката изјави:
Вие знаете дека ние предвидовме исклучително многу активности за сузбивање на врсничкото насилство, што досега и не било така. Ова е прва Влада која посвети толку многу внимание на врсничкото насилство. Презедовме проекти и законски измени. Презедовме промени во училиштата во однос на распоредот на наставниците, грижата, па дури и казни за оние родители чии деца ќе повторуваат врсничко насилство – истакна министерката.
Таа информираше дека во моментов разговорите со Град Скопје се одвиваат на ниво на службите, а дополнително ќе се разговара и со градоначалникот.
– Јас реков дека тоа ќе бидат континуирани проекти, за да не бидат само проекти како проекти, туку да се воспостави еден стабилен систем кој континуирано ќе дејствува во спречување на врсничкото насилство – рече Јаневска.
Околу барањата за бесплатен меѓуградски превоз за студентите, Јаневска појасни дека во моментов таква мерка не е предвидена.
Имаат бесплатен превоз во град. Меѓуградски во моментов не сме предвиделе, рече таа.
Министерката додаде дека основното и средното образование се бесплатни, додека високото е со минимална партиципација.
Јас би сакала само да нагласам дека основното и средното образование се бесплатни. Студирањето е речиси бесплатно, затоа што имаме минимална партиципација во земјава за студиите, студентите имаат можности да се запишат на шест државни универзитети и, како што сум информирана, ги избираат оние што најмногу им одговараат – истакна Јаневска.
Како главен приоритет го издвои подобрувањето на квалитетот на образованието преку едносменска настава и нови наставни планови.
– Она што е исклучително значајно е дека ние треба да го поправиме квалитетот на образованието. Приоритети мора да имаме, и тие приоритети се: едносменска, целодневна настава за помалите, промена на наставните планови и програми во високото образование, носење нов закон за високото образование, а потоа, како што ќе ги симнуваме приоритетите од првото место кон последното, ќе се погрижиме и за другите нешта – рече министерката.
Во однос на топлотниот бран и состојбата во училиштата, Јаневска истакна дека Скопје во моментов не е во портокалова фаза.
Секако, немаме добиено информација дека сме во портокалова фаза. И јас сега, кога дојдов, проверив, 28 степени е во моментов, што значит дека не сме во портокалова фаза. Но, за тоа има процедура. Кога навистина ќе биде потребно, ќе ги преземеме сите мерки. Објавени се на страницата на МОН потребните мерки што треба да се спроведат. Денес е само трет ден од учебната година и не треба да се грижат ниту учениците, ниту родителите, ниту директорите и наставниците сами да преземаат мерки, затоа што искуството од овие две години кажува дека сè навреме сме направиле – нагласи таа.
За ситуацијата во ООУ „Киро Глигоров“, каде дел од наставата се одвива онлајн поради градежни работи, министерката нагласи дека одлуката е донесена поради безбедноста на учениците.
Бенефитот да се учи во една смена и учениците да бидат подолго во училиштето не е идеја ниту на Министерството за образование и наука, туку е нешто што го кажале стручњаци од областа на образованието и се спроведува секаде на Запад, каде што учениците на меѓународните тестирања покажуваат високи резултати. Оттука, ние цврсто стоиме на овој план, дека тоа треба да се спроведе. Бенефитот што учениците во „Киро Глигоров“ ќе го имаат отсега во следните 20 години е несразмерно поголем од оној што децата две недели ќе учат онлајн. Зошто со директорката се договоривме да биде онлајн наставата? Затоа што таму привршуваат градежните работи, но сè уште има работници. Тоа е за безбедноста на децата и за коректна одговорност на директорката. Ако нешто се случи, сите ќе имаме одговорност – нагласи министерката.
За евентуални промени во организацијата на наставата во ова училиште, таа додаде:
Не одлучува Министерството. Нека поразговараат со директорката и евентуално со градоначалникот. Ако тие сметаат дека е безбедно, јас како министер за образование и наука немам ништо против – рече Јаневска.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Јаневска: Воспоставуваме стабилен систем за спречување на…
Министерството за образование и наука предвидува континуирани…
Мајка ќе одговара за насилство врз сопственото…
СВР Штип-ОВР Берово поднесе кривична пријава против…
Косово: Обвинети 35 лица за воени злосторства…
Специјалното обвинителство на Косово денеска поднесе обвинение…
Новите американски санкции ја погодија политичката и…
САД објавија нови санкции насочени кон владејачката…
Изменето работното време на шалтерот за издавање…
Министерството за внатрешни работи ги информира граѓаните…