Јане Сандански – симбол на македонската борба за независност и слобода: “Пиринскиот цар” го заслужи највидното место во Пантеонот на македонските херои

t

Незаборавник: За Македонцките работи(6.)

Јане Сандански – симбол на македонската борба за независност и слобода


Годинава одбележуваме 150 години од раѓањето на Јане Сандански – великан на илинденската и поилинденската епоха. Тој е едномисленик и близок соборец на Гоце Делчев и достоен продолжувач на неговото револуционерно дело. Се поклонуваме пред овој голем борец на македонското ослободително дело. Паметиме и потсетуваме дека нашиот револуционер и народен војвода, на денешен ден пред 107 години (22 април 1915г.),  во неговиот Пирин, на пат меѓу Мелник и Неврокоп, во близината на Рожденскиот манастир, беше покосен од кобурско-врховистички куршум.

Јане Сандански роден е во с. Влахи, Пиринска Македонија, познато како упориште на Македонското-Кресненско востание од 1878г. Татко му Иван Сандански бил знаменосец во една од востаничките чети на востанието, чии водачи биле војводите Димитар Поп Георгиев Беровски, Стефо Николов и поп Коста Буфски, а организатор охридскиот митрополит Натанаил Охридски. Детството и младешките години ги поминува во Дупница (Станке Димитров), 1892г. војска служи во Ќустендил, а по две години, станува адвокатски помошник и така ја обезбедува егзистенцијата. Револуционерната борба ја започнува 1895г., а во 1899г. под влијание на Никола Малешевски (еден од најпреданите соработници на Делчев) и лично од самиот Делчев е воведен во редовите на ТМОРО. Наскоро потоа воспоставува непосредни контакти и соработка со дејци и борци  како Димо Хаџи Димов, П.Јаворов, К.Асенов, Ѓ.Петров и други видни борци на Организацијата. За неговата дејност, која се состои од три фази(период во Дупница – соработка со Димо Хаџи Димов, Рилскиот конгрес – санданизација на Организацијата, и Уриетот или младотурскиот преврат – учество во Балканските војни и политичка активност до неговото убиство, пишувале В.В.Водовозов, Христо Константинов, Ангел Динев, Мито Хаџи Василев, Димитар Митрев, Иван Катарџиев, Гане Тодоровски, Манол Пандевски, Наташа Котлар, Мирјана Нинчовска и многу други. Во годината на големиот јубилеј за овој наш прекален војвода и воин, ќе следува серијал колумни, како разработка на делата на наведените автори, во смисла на дорасветлување на неговиот лик и дело и негово приближување до најмладите наши генерации.)

Денес овој син на мајка Македонија, одважно и гордо, го паметиме и го славиме како голем идејник, стратег, организатор и агитатор на ТМОРО и македонското дело. Непобитен факт е дека личноста и делото на Јане Сандански длабоко се вткаени во македонското револуционерно и ослободително движење. Тој е неизбришливо врежан во свеста и традицијата на македонскиот народ, и како таков запишан во историјата на Македонија и Македонците.

Во колективната македонска меморија ќе остане запаметен како храбар македонски борец и возвишен корифеј кој со паролите “Македонија на Македонците“ и “Слобода или смрт“се бореше и загина за независна Македонија.

Во стил на филозоф со својата мисла “Да живееш значи да се бориш – поробениот за слобода, а слободниот за совршенство!“, тој самиот го дефинира својот однос кон животот, кон револуционерната борба и кон слободата. Многу битен е и односот кон него од страна на соработниците, соборците, од народот и од противниците и непријателите. Така од  голема почит кон него, неговата личност, неговиот карактер и неговата борба, од едни е нарекуван “Пирински орел“, од други “Старик“, од трети Сандан-паша“. Од народот, кој во него го позна својот возвишен и храбар трибун, наречен е  “Пирински цар“ – за век и веков.

А каков всушност беше овој голем револуционерен џин на Македонија?

Како организатор и револуционерен стратег имаше трезвен и прониклив ум. Се одликуваше со голема верност кон Организацијата и Делото. Имаше челична волја и упорност кон ослободителните стремежи на народните маси, а неговата широка човечка душа и чувствителност доаѓаа до израз кога агитираше и го организираше поробениот македонски народ. Не се истакнуваше како човек од перото, како теоретичар или публицист, ама затоа беше голем мобилизатор на народните маси  и стратег-организатор на Организацијата.

Неговото револуционерно дело е неуништлив национален капитал, а животниот пат што го помина е пример достоен за најголема почит. Да, тој беше „заштитник на сиромасите “, “закрилник на рајата“ и “социјален бунтовник“, “непријател на Турците, Грците, Србите и врховистите“. Но, не беше само тоа, туку и многу повеќе. Со својата 15 годишна револуционерна дејност, Сандански израсна во голем револуционерен стратег, еминентен македонски борец за слобода и независност на Македонија, ангажиран политичар, одговорен државник и посветен општественик.

Сандански го продолжи и доразви Гоцевиот и Ѓорчепетровиот концепт за потпирање  врз сопствени сили. Одлучно тврдеше  “Македонија не треба да бара помош надвор од себе, туку во самата себе!“, со што ја применуваше и развиваше доктрината на потпирање на сопствени сили. Како човек од народот Сандански беше најблизок до платформата на Гоцеделчевата варијанта на револуција како општонароден бунт. Силата на македонскиот народ лежеше токму во таа доверба во себе и меѓу себе.

Нашиот Кирил Пејчиновиќ – македонскиот апостол и литературен генерал, би рекол  “Да се знае, да се знает!“, а јас би додал, и да се памети: Гоце умре од турски куршум, а Јане, Ѓорче, Димо и многу други истакнати македонски дејци од куршумите на Кубурските намесници и врховистите

За крај, синот на знаменосецот на кресненското востание, “Пиринскиот цар“ – возвишениот трибун и народен борец против врховизмот, предводникот  на демократската револуционерна струја, санданистот-лидер, иницијаторот на форимирање на Народната федеративна партија и грабнувачот на американската мисионерка мис Елен Стон, си го заслужи највидното место во Пантеонот на македонските херои.

Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Еден Стpaтег, една Струмичка Барбика и немopaлна…

Колумната е кратка приказна за селските и…